Press "Enter" to skip to content

Задоволни пациенти ја бранат хемофилтрацијата на Жан Митрев

По повеќе од еден месец од објавата на документарното истражување „Нечиста крв“ за тоа како клиниката „Жан Митрев“ лекувала КОВИД пациенти со хемофилтрација, денеска пет задоволни пациенти пренесоа позитивни искуства од лекувањето во болницата во време на корона пандемијата. Јавниот настап на овие пациенти следува откако ИРЛ вчера објави дека семејства на починати КОВИД пациенти веќе даваат исказ во обвинителството за начинот на кој биле лекувани нивните блиски во клиниката. Против Жан Митрев, обвинителството отвори истрага за измама на пациенти а дополнително докторот остана без пасош, бидејќи обвинителството се сомнева дека може да побегне.

Известува: Лила Караташева 

Пет задоволни пациенти од методот хемофилтрација во Жан Митрев, денеска јавно искажаа благодарност до приватната болница за третманот кој го добиле додека се лекувале од корона вирусот таму. Тврдат дека немале притисок, уцени или некој со сила ги терал да ја фалат клиниката, за чиј сопственик обвинителството води истрага за измама. Покажале само гест на благодарност. Поканата до медиумите, ја испратија од мејл адресата: poddrskazazmk@gmail.com.

Покана до медиумите од задоволни семејства од болницата Жан Митрев

Горан Стаменков беше прв кој сподели искуство. Неговата состојба се влошила поради корона вирусот. Му била направена хемофилтрација за која тврди дека му го спасила животот.

„Сами се собравме. Гледаме како една страна се прикажува во едно многу лошо светло. Се собравме и потпишавме за да си ја кажеме нашата страна. Кога некој ќе ти помогне човечки е да се врати исто“ – изјави Горан Стаменков кој по завршувањето на прес конференцијата влезе во клиниката Жан Митрев.

Ѓорѓи Ѓорѓиевски кој живее во Струмица, денеска дошол во Скопје за да ја сподели неговата приказна за лекувањето во болницата Жан Митрев. За ковид лекувањето, неговото семејство платило околу 20 илјади евра во клиниката Жан Митрев, а за документарниот филм на ИРЛ вели дека е провиден, површен и дека во него нема вистина. 

„Мотивација ни е тоа што ние кога сме биле во тешка ситуација тие ни помогнале. Ние сме платиле, ама ако не постои како клиника и да можеш да платиш нема да има каде да одиш“ – вели Ѓорѓиевски кој смета дека 30 години залудно плаќал државно здравствено осигурување. 

Собирот на неколкуте задоволни пациенти од ковид третманот во болницата „Жан Митрев“ се случи додека во обвинителството се уште се собираат искази од семејствата на пациентите кои го загубија животот при лекувањето во истата болница со хемофилтрација – метод кој денеска беше посочен од задоволните пациенти како клучен за спас од КОВИД 19. 

Од понеделникот до сега, десетина семејства дадоа исказ за предметот „Измама на пациенти“ против доктор Жан Митрев кој го води обвинителката Искра Хаџи Василева. 

Специјалната комисија на Министерството за здравство се уште ги анализира пријавите на 560 пациенти кои во приватната клиника „Жан Митрев“ се лекувале со методата хемофилтрација. Пасошот на Митрев му е одземен од Судот како мерка на претпазливост поради опасност од бегство. 

ИРЛ во документарниот филм „Нечиста крв“ ги сподели сведоштвата на семејства на Ковид пациенти кои се лекувале со методата хемофилтрација без да знаат дека се предмет на клинички испитувања кои болницата не ги пријавила во државната Агенција за лекови – МАЛМЕД. Сторијата откри и дека за време на пандемијата, доктор Жан Митрев не пријавил ниту една интерхоспитална инфекција во Центарот за јавно здравје иако болницата била законски обврзана да го стори тоа. 

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »