Press "Enter" to skip to content

Владата ги смислила, а дактилографката на Аврамовска Мадиќ ги искуцала спорните измени во КЗ за спас на корумпираните функционери

Спорните измени на Кривичниот законик со кои се овозможи заштита од прогон на сите лица чии судски процеси се неправосилни, а се опфатени од кривичните дела злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба и злоупотреба при јавни набавки, биле подготвени во Владата. Ова го кажа заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ во изјава за ИРЛ појаснувајќи дека измените се креирани од владините коалициски партнери, СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците, а по нејзин налог технички ги искуцала дактилографката од нејзиниот кабинет.

Известува: Ивана Настеска 

ИРЛ ги контактираше трите коалициски партнери од власта кои ги посочи заменик-министерката за правда, а испративме и прашања и до Владата.

Наспроти тврдењето на Викторија Аврамовска Мадиќ кадар на СДСМ, дека интервенцијата во членовите 353 и 394 од Кривичниот Законик е партиски коалициски договор, од СДСМ ни одговорија дека измените биле подготвени од Министерството за правда, а улогата на политичките партии можела да се види само во делот на собраниската процедура.

„Пратениците од различни парламентарни партии, од власта и од опозицијата, присуствуваа на закажаната седница на Собранието на којашто се утврди и дневниот ред. Пратеници од различни политички партии, од власта и опозиција, присуствуваа на Комисијата за европски прашања и согласно процедурите потоа предложените измени беа поддржани од мнозинството пратеници на пленарна седница“, велат од СДСМ.

Од Алијанса за Албанците останаа на ставот дека не дале поддршка за измените во Кривичниот законик, ниту пак дека учествувале во осмислувањето на истите.

„Таа [заменик-министерката] сега сака да се извади, па затоа го кажува ова“, рекоа од Алијанса за Албанците во изјава за ИРЛ.

Од поголемиот коалициски партнер во Владата, Демократската унија за интеграција (ДУИ), не одговорија на прашањата од ИРЛ, ниту на нашите телефонски повици. Одговори не добивме ниту од Владата за да појаснат како коалициските партнери се договориле, кој во Владата ги напишал измените со кои се спасија голем дел од обвинетите во случаите на расформираното Специјално јавно обвинителство (СЈО).

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) уште од септември преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер бара од Министерството за правда увид во документација за измените на Кривичниот законик за период од мај до септември годинава. По цели три месеци преписки со Министерството за правда, увидот на новинарите од ИРЛ им беше овозможен дури на 11 декември.

Во документацијата која ни беше приложена на увид не беа содржани спорните измени на членовите 353 и 394 од Кривичниот законик. Од вкупно четири папки, само една се однесуваше на измените кои се донесоа во септември. На дополнително прашање каде може да се видат документите за подготовка на овие измени заменик – министерката, Викторија Аврамовска Мадиќ рече нема да каже кој точно ги напишал тие измени, но дека може да ја цитираме дека тие се креирани во Владата.

„А што ве интересира точно вас? Кој ги напиша? Еве јас ќе ви кажам дека измените се подготвија во Влада од страна на трите коалициски партнери СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците. Ние како министерство сме предлагач на законот, а ако ве интересира кој ги искуца измените – еве ќе ви кажам дактилографката од мојот кабинет по мој налог“, рече Аврамовска Мадиќ.

Увидот во документите кои ги побаравме го извршивме дури по три месеци и во тој период додека чекавме со донесените спорни членови од  Кривичен законик застареа случаите „Титаник“ каде обвинети беа поранешниот премиер во бегство Никола Груевски и генералниот секретар на владата  Кирил Божиновски, „Моќник“ каде меѓу обвинетите беше и Антонијо Милошоски, случајот „Траекторија“ кој се однесуваше за постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид и случајот „Дизајн“ во кој поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески призна вина, а пратеникот Игор Јанушев од ВМРО – ДПМНЕ кој во тоа време беше директор на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) иако осуден на две години условна казна се спаси од извршување на пресудата бидејќи таа не беше правосилна. 

Извор: Коалиција сите за правично судење

Хронологија на нетранспарентноста 

ИРЛ до Министерството за правда испрати вкупно две барања за увид во документацијата за измените на Kривичниот законик. 

Првото барање за увид, испратено уште во септември, беше одобрено од страна на Министерството за правда, а задолжениот службеник за слободен пристап до информации од јавен карактер по електронски пат не информираше дека за точниот датум на увидот дополнително ќе бидеме известени.

Следуваа низа преписки меѓу новинарите на ИРЛ и Министерството за правда со цел да се договориме за датумот за увид, но оттаму постојано се испраќаа нови изговори зошто тој увид не може да се реализира. Првичните образложенија беа дека во тој период од работа отсуствуваат вработени од министерството кои треба да бидат присутни на увидот, за подоцна на 25 октомври 2023 година, да ни биде кажано дека се чека одобрение да даде заменик – министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ. И додека траеја овие преписки, со кои од Министерството за правда не уверуваа дека увидот ќе се случи беше пробиен и рокот со кој ИРЛ би можел да се жали на непостапување по Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Откако нашата жалба беше одбиена, ИРЛ се одлучи да искористи друга можност од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и преку друг новинар побара уште еден увид во истата документација. 

На овој линк можете да ја погледнете целата преписка со Министерството за правда

Второто барање беше одобрено на 4 декември, а увидот беше закажан на 6 декември во кабинетот на министерот, иако од досегашната пракса при увид во институција никогаш не присуствувале челните луѓе, туку само лицата задолжени за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Новинарите се појавија на закажаниот термин и беа повикани во кабинетот на министерот каде присутни беа министерот Кренар Лога, државниот секретар на министерството, Мухамед Точи, портпаролот на министерството и лицето за слободен пристап до информации. Како што кажа министерот Лога, на увидот требало да присуствува и неговата заменичка која треба да ја донесе документацијата која е предмет на увид.

Аврамовска Мадиќ доцнеше еден час и се појави без документи. Нејзиното образложение беше дека документацијата сè уште не е подготвена, па во согласност меѓу сите присутни увидот се одложи за 11 декември.

Овојпат увидот беше закажан во кабинетот на заменик – министерката. Пред да влезат во кабинетот на новинарите им беше кажано дека мораат да ги остават телефоните, ташните и јакните во друга просторија оти таква им била праксата. Ваква пракса немаше претходниот пат кога новинарите беа повикани во кабинетот на министерот Лога. 

На овој увид присуствуваа заменик – министерката, државниот секретар, портпаролот на министерството, лицето задолжено за информации од јавен карактер и уште еден вработен. При увидот новинарите утврдија дека дадени им се документи на увид за сите други измени на Кривичниот законик, освен за спорните членови 353 и 394.

За измените на Кривичниот законик кои беа донесени во септември имаше само една папка со документи. Но, во тие документи немаше ниту еден документ кој се однесува на измените на спорните членови 353 и 394. При увидот новинарите утврдија дека Министерството за правда, барало мислења од други институции по однос на измените на останатите триесетина членови кои претежно се однесуваа на еколошки криминал, но во ниту едно од тие барања не беа споменати членовите 353 и 394.

Ова за ИРЛ го потврди и Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).

„Во она што ние го добивме како верзија на законот за која требаше да дадеме мислење воопшто не ни беа дадени променетите членови 353 и 394. Ние сме изненадени и загрижени од ваквиот начин на донесување на законот“, рекоа од ДКСК во изјава за ИРЛ уште во септември по изгласувањето на измените во Собранието.

Дел од овие барања  за мислења во кои имавме увид стигнале толку доцна во институциите, што во одговорите до Министерството за правда велат дека било нецелисходно да се произнесат затоа што измените веќе биле стапени на сила. 

Согласно барањето кое новинарите го поднесоа, а беше одобрено од Министерството за правда се бараше увид и фотокопии од документација, но заменик – министерката одбиваше да дозволи да се направат фотокопии. Но, откако ѝ беше посочено дека барањето е веќе одобрено со Решение, таа ретерираше и побара фотокопиите да бидат наплатени според Законот за административна такса, на што новинарите од ИРЛ се согласија и во моментов се чека подготовка на документите.

На овие линкови можете да ги погледнете второто барање за увид, одобреното решение, записникот од незавршениот увид на 4.12. 2023 година и записникот од извршениот увид. 

Собранието на 6 септември 2023 година ги изгласа измените на Кривичниот законик кои беа доставени од страна на Владата зад кои застана Министерството за правда со потпис од заменик-министерката Викторија Аврамовска Мадиќ. Измените се однесуваа на 38 члена од кои 35 за усогласување кон директивите на Европската Унија (ЕУ). 

Но, членовите 353 и 394 предизвикаа бура негативни реакции во јавноста бидејќи со овие члена кои се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластувања (член 353) и злосторничкото здружување (член 394) се намалени пропишаните казни за двете кривични дела, а се овозможува и побрзо застарување на делата.

Интересот во јавноста беше голем да се дознае кој е идеологот на овие спорни измени, особено што во првите денови по донесувањето  на измените, министерот за правда Кренар Лога, се огради од нив, иако Министерството за правда се води како нивни предлагач. Тогаш, на прашањето кој работел на овие измени на Кривичниот законик Лога ја посочи неговата заменичка, Викторија Аврамовска Мадиќ. Понатаму, од Министерството за правда посочуваа дека измените се изготвени од работна група со која претседавал академик Владо Камбовски. Меѓутоа, оваа работна група која брои 23 члена се огради од овие измени, со образложение дека тие работат на подготовка на целосно нов Кривичен законик уште од 2020 година, а за овие спорни измени воопшто никој не ги консултирал.

Претходните стории за измените на Кривичниот законик, можете да ги прочитате на следните линкови.

Газење врз граѓаните и правдата за спас на корумпирани политичари од СДСМ, ВМРО ДПМНЕ и ДУИ

Власта го крие авторот на измените во КЗ, трагите водат до пратенички компјутер

Нема да има ни притвор во истрагите за корумпираните функционери

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »