Министерството за здравство испрати реакција до ИРЛ насловена како демант за наводно изнесени невистини во документарниот филм „Убиство во Тетово“. ИРЛ ја објавува реакцијата на министерот Фатмир Меџити проследен со барање за јавно извинување и дополнително ги изнесуваме нашите одговори на оваа реакција.
Во реакцијата, Меџити тврди дека претходниот министер Беким Сали не го раскинал Договорот со изведувачот „Брако“ за изградба на модуларни амбуланти во Скопје и дека досега не е извршено плаќање на трите изградени објекти во Бутел, Ѓорче Петров и Лисиче.
“Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити ги отфрла во целост невистинитите наводи изнесени во документарната емисија на ИРЛ и бара јавно извинување, поради направена штета на неговата чест и углед, како и објавување на оваа реакција во целост. Невистинито е дека од страна на МЗ е извршено плаќање за модуларните амбуланти во ЗД Бутел, Лисиче и Ѓорче Петров”.
Согласно Етичкиот и професионален кодекс на новинарите, ИРЛ се обрати на 28 јуни и на 13 јули во Министерството за здравство и бараше информација за спогодбата со компанијата ЕМС – фирма ќерка на БРАКО, како и информација дали исплатата ќе биде извршена согласно роковите од 30 дена кои течат од 11 јули. Министерството не одговори, а оваа информација до денешен ден не се објавува на владината веб страна. На 13 јули по вториот сет прашања на ИРЛ, медиумите пренесоа изјава од брифинг со министерот во којшто тој ги известува се сретнале со претставници на БРАКО и се договориле за плаќање на три модуларни објекти без камата.
Независно од министерството за здравство, ИРЛ од извори во Владата успеа да добие документи и тоа заклучок потпишан на седница na владата одржана на 11 јули 2023 година кога Владата го овластува Меџити во рок од 30 дена да постапи по одлуката за плаќање на компанијата со инструкции за плаќање без камати, по што почнуваат да течат законските рокови од 30 дена.
„Неточни се тврдењата дека претходното раководство на МЗ, поточно претходниот министер Беким Сали го раскинал Договорот со фирмата изведувач. Појаснуваме дека Беким Сали го одобрил приемот на амбулантитите и исплатата за нив, со негово одобрение, е направен прием на три амбуланти од страна на министерството, а тоа се модуларните амбуланти во ЗД Бутел, Лисиче и Ѓорче Петров“, пишува во реакцијата од Министерството за здравство.
ИРЛ во истражувањето не навлегува кој правел примопредавање. Понатаму, во дописот на МЗ се наведува дека Сали му овозможил на изведувачот правна основа за да ги наплати парите во висина од околу еден милион евра.
Првите разговори на ИРЛ со вработени во кабинетот на министерството започнаа две недели пред оставката на Беким Сали и администрацијата на овој министер ја обезбеди информацијата за новинарите дека Сали по ревизорскиот извештај го раскинал договорот за седум амбуланти од предвидените 10, односно новинарите на ИРЛ тоа тврдење го темелат на одговори од претхдоната администрација. ИРЛ не може да навлегува во меѓупартиски војни и не би можеле да бидеме одговорни за проблематичната комунукација со новинарите со различни министри и вработени, како и постојаните обиди да се кријат документи и да се манипулираат информациите. Сакаме да нагласиме и дека поранешниот министер Беким Сали одби да го потпише барањето на ИРЛ по слободен пристап до информации за доставување на ревизорскиот извештај и анекс договорот.
На крајот министерот Меџити додава дека го поддржува истражувачкото новинарство, слободната мисла и професионалната работа на новинарите, но вели дека, чистата вистина треба да е појдовна точка како во работата на носителите на функции, така и во работата на новинарите.
Сакаме да истакнеме дека ИРЛ ја цени оваа заложба на министерот Меџити и укажуваме дека истражувачкото новинарство е невозможно без целосно транспарентни институции.