Никако да почне судењето против докторот Жан Митрев. Денешното рочиште повторно се одложи на барање на адвокатите на докторот кои се жалат дека не им биле доставени сите докази. По едночасовна тензија меѓу одбраната и обвинителството, судот донесе одлука и го одложи судењето. Следното рочиште е закажано на 13-ти јуни.
Пред судницата во која што му се суди за кривичното дело измама со умисла на пациенти кои се лекувале во неговата клиника, докторот Жан Митрев позираше заедно со неговите пет бранители кои се ангажирани да ја докажат неговата невиност пред Судот. Неколку минути пред почетокот на рочиштето, адвокатите Никола Додевски, Бенита Белешкова, Гоце Цоневски, Никола Лазаров и Душка Кузмановска со насмевки на лицата ги облекоа тогите и застанаа рамо до рамо до докторот Жан Митрев за да се сликаат.
Главниот збор во судницата денеска го имаше адвокатот Никола Додевски кој веднаш нагласи дека целиот тим бранители секојдневно се до вчера вршеле увид во дел од документацијата на предметот, меѓутоа успеале да извршат увид само во три од вкупно 12 класери. Во текот на увидот, констатирале дека постојат докази кои обвинителството не им ги доставило.
Меѓу доказите за кои Додевски вели дека обвинителството не им ги доставило се и податоци за правното лице „Жан Митрев“ од Централниот регистер, историјат на промени, акт за основање, одлука за измена на акт за основање и одлука за измена на назив и скратен назив.
Обвинителката Искра Хаџи-Василева веднаш реагираше дека одбраната манипулира со несериозни барања.
За Додевски, реакцијата на обвинителката била несоодветна и побара да ја опомене дека користи навредливи зборови кон одбраната.
„Имајќи во предвид дека до денес не е завршен увидот на уште девет класери и не е доставен препис од документите кои ги побаравме, бараме судот да ни го овозможи елементарното право за да се подготвиме за ова рочиште и судот да не дозволи овој предмет да се води со притисок на одбраната и со притисок на обвинетиот“, рече адвокатот Додевски, кој на крајот побара 20 работни дена за да го завршат увидот и уште 10 работни денови за да ја достават својата листа на докази,
Обвинителката рече дека ќе го поддржи предлогот на адвокатот за да може судењето да почне достоинствено.
„Може ли да го поддржам вашиот предлог? Ова станува мачно за сите. Довршете го увидот и ајде да почнеме после со вистинските факти. Го спуштаме нивото во судницата, Ве молам да почнеме достоинствено“, рече обвинителката Искра Хаџи Василева.
На крајот на рочиштето адвокатите не можеа да се договорат за нови термини за судење. Адвокатот Никола Додевски побара од Судот презакажување на едно од рочиштата затоа што имал други судења. Судијката Лидија Петрова го потсети адвокатот дека обвинетиот има ангажирано пет бранители и доколку еден од нив не може да присуствува, тоа не е причина за да се одложи рочиштето.
„Во ред, тогаш другите бранители ќе бараат повторно одложување“ – рече адвокатот Никола Додевски.
На излегувањето од судот, група на граѓани кои беа собрани пред Судот го поздравија докторот Жан Митрев со аплауз, ракување и прегратки. Додевски не сакаше да даде изјава пред да заврши аплаузот.
„Прво да заврши аплаузот, ова е вистинската слика за д-р Жан Митрев и не можеме да ја прекинеме, тоа е Жан Митрев. Треба ли изјава по ова или доволно е?“
Обвинителката Искра Хаџи-Василева успешниот обид за одложување на расправата го оцени како обид за избегнување на почетокот на расправата поради страв од доказите.
Семејствата на починатите пациенти на Жан Митрев, кои на минатото рочиште дојдоа да го својот изразат револт преку соопштение информираа дека на денешното рочиште нема да присуствуваат.
„Со оглед дека во изминатите денови се појавија јавни објави преку некакво Здружение на граѓани повикува на организиран протест пред Кривичниот суд за одбрана на ликот и делото на Жан Митерв, ние не сакаме да бидеме дел од вакви организирани провокации и од таа причина одлучивме дека денеска нема да дојдеме пред судот за да искажеме револт. Фрапирани сме и згрозени од непочитувањето на болката по изгубените животи на членовите на нашите семејства од страна на ова здружение“, пишува во соопштението на семејствата на починатите пациенти.