Press "Enter" to skip to content

Педесет – педесет се шансите за отворање на рудникот на Еуромакс ресоурцес

Министерството за економија тврди дека спојувањето на концесиите за ископ на бакар и злато на „Еуромакс ресоурцес“ е најдоброто нешто за овој процес што ќе довело до затворање, а не до отворање на рудник во Југоистокот на Македонија. Општиот впечаток од брифингот со новинарите е дека станува нејасно која е навистина крајната цел на инвеститорот: пари од рудник или пари од арбитража. За да се избегнат двете сценарија Македонија мора темелно и без грешка да ги спроведе сите чекори за излез од оваа ситуација. 

„Еуромакс ресоурцес“ со одлуката за спојување на концесиите има нова шанса да го заврши формално правно процесот и конечно да добие дозвола за експлоатација на бакар и злато во Иловица. Ова е заклучокот по денешниот брифинг на новинарите со министерот за економија Крешник Бектеши и неговиот обид пред да им реферира на членовите на Владата на седница, прво пред медиумите да презентира зошто се споени двете концесии, иако Управниот суд во пресудата никаде не и наложува ваква обврска на Владата. Со споената концесија инвеститорот има четири години можност да ја комплетира потребната документација за да добие дозвола за ископ и да почне да вади руда во струмичко. Но, надлежните министерства имаат можност да ја стопираат оваа постапка доколку компанијата не ги исполни потребните услови.

Известува: Давид Илиески;

Тукушто вратен од службено патување од Соединетите Американски Држави (САД), министерот за економија Крешник Бектеши во благо тензична атмосфера пред околу дваесетина новинари детално го презентираше целиот процес за добивање на двете концесии за ископ на бакар и злато на „Еуромакс ресоурцес“.

Брифингот за новинари доаѓа откако јавноста бурно реагираше за процесот во кој министрите без дискусија и без ниедно „против” дозволиле врз основа на кусо образложение од Министерството за економија да ја донесат одлуката за спојување на концесиите. Оваа одлука дошла како дополнителна точка на дневниот ред на седницата, а била предложена од министерот за економија Крешник Бектеши.

Според увидот овозможен во електронскиот систем на Владата се утврди дека документацијата им била доставена на сите министри доцна попладне ден пред одржувањето на седницата на 27 јуни кога Владата донесе одлука за спојување на концесиите.

За постапката да биде итна, односно точката да не се носи по редовната процедура, проценка донело Министерството за економија заради други слични судски предмети кои се во тек. Сакале да избегнат одолговлекување на постапката во пресрет на летните одмори.

Сите нешта кои доведоа до спојување на концесиите на Еуромакс

Процедурата за отворање на рудник е долга и комплицирана постапка, која очигледно во голем број ситуации трае повеќе години.

Првиот чекор е добивање на дозвола за вршење на детални геолошки испитувања (ДГИ). Со оваа дозвола, компанијата започнува постапка во која треба да утврди дали конкретната локација има потенцијал за ископ на руди. Во случајот на „Еуромакс ресоурцес“, договорите за почеток со испитувања ги добиле во 2005 година за првата концесија и во 2009 за втората концесија.

Откако инвеститорот ќе ги завршил овие испитувања, започнува постапка за добивање на Договор за концесија. Ова значи дека Владата, преку Министерството за економија, му доделува договор на инвеститорот за користење на локалитетот каде се вршени испитувањата. Овие договори најчесто се во временски период од повеќе децении, со цел концесионерот да има економска исплатливост да инвестира во рудникот.

„Еуромакс ресоурцес“ договорите за концесија ги добива во 2012 година за правата и во 2015 за втората концесија. Со времетрање до 2046 и до 2042 година.

Последната фаза за инвеститорот да може да започне со работа на рудникот е дозволата за ископ на минерални суровини. Рокот да ја заврши оваа постапка е четири години од добивање на договорот за концесија. Во оваа фаза инвеститорот треба да поднесе темелна документација – одобрена судија за влијанието на животната средина, рударски проект, доказ за решени имотно правни односи и други документи – кои треба да бидат разгледани и одобрени од надлежните министерства.

Тука доаѓа клучниот пресврт на настаните за рудниците на „Еуромакс ресоурцес“ во Југоисточниот регион.

Барањето за дозвола за експлоатација за првата концесија го поднеле на 22 јули 2016 година. Според документите кои Министерството за економија ги презентираше на денешниот брифинг, компанијата задоцнила еден месец да го поднесе барањето за дозвола за експлоатација. Министерството за економија во 2019 ја одбиле фирмата со образложение дека документацијата е некомплетна. Врз основа на ова решение Владата предводена од поранешниот премиер Зоран Заев еднострано го раскина договорот за концесија на „Еуромакс ресоурцес“.

Управниот суд после три годишен судски спор меѓу „Еуромакс ресоурцес“ и Владата на Македонија, ќе донесе пресуда со која се поништува Одлуката за раскинување на договорот за концесија од 2019 година, што претставува значително отстапување од претходните две одлуки на судот во кои ги отфрлил тужбите на компанијата.

Оваа одлука отвори сомнежи за влијанија врз судот. Документите кои денес беа презентирани во Министерството за економија покажуваат дека компанијата задоцнила да го поднесе барањето за дозвола за експлоатација.

Во меѓувреме во два наврати Министерството за економија по барање на инвеститорот предложило до Владата да се спојат двете концесии и тоа во 2018 и во 2019, но по предлогот за спојување немало одлуки. Токму тоа, велат од Министерството за економија, е причина што сега во 2023 година Управниот суд донел пресуда со која се поништила владината одлука за раскинување на договорот за концесија.

Постапката за добивање на дозвола за експлоатацијата за втората концесија на „Еуромакс ресоурцес“ е започната во 2019. За оваа Министерството за економија се уште нема донесено конечна одлука дали ќе дадат дозвола или ќе ја одбијат компанијата затоа што документацијата била некомплетна.

Но, со последната одлука на Влада за спојување на концесиите, овие две постапки се поништуваат, а компанијата „Еуромакс ресоурцес“ ќе треба да започне нов процес за добивање на дозвола за експлоатација.

Во следните четири години компанијата ќе треба да подготви целосно нова документација за добивање на оваа дозвола. Министерството за животна средина, кое треба да даде решение за студијата за влијанието на животна средина ќе има можност да ги ревидира овие документи и да даде мислење дали може да се отвори рудникот во Југоисточниот регион на Македонија.

Која е играта на Еуромакс и Дестани: рудник или пари од арбитража

Доколку земјата потфрли да ги испочитува административните прописи и рокови, фамилијата Дестани која неодамна купи околу 25% од акциите во „Еуромакс ресоурцес“, може да заработи стотици милиони евра од потенцијална арбитражна постапка.

Ова прашање се наметнува откако министерот Бектеши појасни дека новата документација по споените концесии треба да биде подготвена согласно промените во законот за минерални суровини и во законот за животна средина, и двата од 2018 година. Ова значи дека инвеститорот нема да смее да има рудник на пет километри од населено место, каква што е актуелната локација, но и дека и нема да може да користи цијанид во процесот на работа.

За да се добие дозвола за ископ по актуелните закони, би требало да се преместат селата кои се близу рудникот и да се напушти проектот кој вклучува цијанид.

Под услов и да е возможно да се исполни првиот критериум за локацијата, промената на работниот процес од цијанид би ги кренало вртоглаво трошоците за работа бидејќи модерните методи се скапи. Ако се има предвид дека рудникот има ограничени ресурси и би функционирал помалку од 20 години, нејасно е како на „Еуромакс ресоурцес“ би им се исплатело да работат со оваа метода. Хипотетички, средствата од арбитражата би претставувале далеку поголем ќар за семејството Дестани и другите партнери во компанијата.

Поврзани стории:

– Министерот Крешник Бектеши ги измамил, дел од министрите бараат ревизија на одлуката за рудниците

– Како поради наводна итност владата избегнала задолжителни контроли за концесиите на Еуромакс ресурсес