Press "Enter" to skip to content

„Невозможна мисија“ пред Кочо Анѓушев за излез од црната листа

Господинот Кочо Анѓушев веќе најмил адвокат во САД и поднел жалба, но амбасадорката Агелер не верува дека тоа ќе му ја промени судбината. ’Не би се обложувала на тоа‘, рече Агелер за амбициите на Анѓушев да и докажува на американската администрација дека е чесен. Според неа, тој на црната листа завршил поради цврсти докази, а не поради сомнежи.

Известува: Александра Денковска 

Речиси е невозможно да се преиначи одлуката на Стејт департментот со која господинот Кочо Анѓушев, сопругата Елизабета и синовите Огнен и Ангел се ставени на „црна листа“ на САД со што им е забранет влез во оваа држава. Ова денеска на брифинг со новинарите го кажа американската амбасадорка Анџела Агелер. Според нејзините информации Анѓушев веќе најмил адвокат и вложил жалба. Таа рече дека Анѓушев може да проба да ја оспори оваа одлука но како што амбасадорката посочи ’Не би се обложувала на тоа‘ потенцирајќи дека и други лица пред него се обиделе да ја променат одлуката на американската администрација да ги стави на „црна листа“.

„Овие одлуки се носат врз основа на многу опсежни истраги и докази дека личноста е 100 проценти корумпирана. Потребно е многу време за да се направи спроведе истрага и да се обезбедат докази дека некој е корумпиран за кога ќе се донесе одлуката да бидеме сигурни во неа“, рече Агелер.

Амбасадорката не посочи конкретен корупциски случај кој Кочо Анѓушев го смести на црната листа со забрана за влез во САД.

„Има повеќе причини зошто Анѓушев е на оваа листа, не можам да кажам конкретно кои случаи, но можам да кажам дека има многу докази врз основа на кои е донесена одлуката“, рече Агелер.

Таа појасни дека постојат повеќе видови на санкции кои можат да бидат применети – санкции од Стејт департментот, санкции од Министерството за финансии, а на „црна листа“ освен лица, може да се најдат и компании.

„Не значи дека ако некој е санкциониран за едно нешто, санкциите понатаму не можат да се прошират. На пример ако некој е санкциониран од Стејт департмент, понатаму може да биде ставен и на друга црна листа“, објасни амбасадорката.

Како што кажа Агелер, во изминатите 32 години колку што има дипломатски односи меѓу САД и Македонија, САД издвоиле речиси 500 милиони долари за владеење на правото и добро владеење во земјава.

„Нашата инвестиција за обуки на судии и обвинители можам да кажам дека воопшто не е вратена назад. Има епидемија на корупција во оваа држава. Таа е во секој сектор, секоја организација, и само со именување на корумпираните актери ние можеме да почнеме да ѝ помагаме на оваа земја да се справи со тоа“, рече Агелер.

На петти овој месец, поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев беше ставен на „црна листа“ на Стејт департментот. Во соопштението испратено до медиумите пишуваше дека додека ја извршувал политичката функција во Владата предводена од СДСМ и ДУИ ја злоупотребил службената положба.

„Оваа забрана ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ“, пишуваше во соопштението на Стејт департментот.

Кочо Анѓушев со одлуката да биде ставен на „црната листа“ на САД влезе во друштво на Сашо Мијалков, Никола Груевски, Рамиз Мерко, Орце Камчев, Ратка Куноска Камчева, Сергеј и Ирина Самсоненко – сите означени како закана по македонската демократија.

„Именување на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев и неговото семејство како лица на кои им е забранет влез во САД е уште еден доказ дека Соединетите Држави ќе продолжат да ги санкционираат корумпираните актери во оваа земја и во целиот регион, без оглед на нивната позиција, политичка припадност или времето на злоупотребите“, објави амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер на 5 декември.

По објавата на амбасадата на САД, Кочо Анѓушев повеќе не е ниту почесен конзул на Малта во земјава. Неговиот став беше дека сам се повлекол, додека „Times of Malta“ пренесе изјава од тамошното Министерство за надворешни работи дека е разрешен од позицијата откако американската администрација го означи како корумпиран и му забрани влез во САД нему, сопругата Елизабета и синовите Огнен и Ангел.