Press "Enter" to skip to content

Министерката за култура го штити Медат Куртовски за стечајот на куќата – музеј од Галичка свадба 

Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска за стечајот на заштитената Вила Доста, дел од манифестацијата Галичка свадба, го обвини поранешниот градоначалник на Маврово и Ростуше, Мукрем Мемеди од ВМРО ДПМНЕ. На прашањето на ИРЛ зошто градоначалникот и нејзин сопартиец Медат Куртовски повеќе од три години не постапува по барањето на Државниот правобранител, таа кусо додаде дека ќе го охрабрела тоа да го направи и се надевала дека ќе постапи. 

Министерката за култура и потпреседателка на СДСМ Бисера Костадинова – Стојчевска се огради од скандалот со нелегалниот стечај на заштитената куќа во државна сопственост која општината ја приватизирала во дубиозни постапки. На денешната прес конференција во Пивара Скопје, еден од спонзорите на манифестацијата Галичка свадба, уште во своето почетно обраќање министерката Костадинова – Стојчевска се обиде да се огради од одговорност во овој случај иако куќата е заштитена токму од институцијата која што таа ја предводи.

Кликни овде за целото истражување на ИРЛ: Општина Маврово ја втурна во стечај Куќата на зетот од Галичка свадба, културното обележје се продава за 60 000 евра

За министерката единствен виновник за тоа што овој објект се нашол на електронска аукција и се продавал за 60.000 евра е поранешниот градоначалник на Општина Маврово и Ростуше, Мукрем Мемеди.

„Не можам да останам рамнодушна за она што се случува со вила Доста, но ја охрабрувам сегашната локална самоуправа да постапи по насоките на Државното правобранителство и Министерството за транспорт и врски“, вели додаде Костадиновска – Стојчевска. 

Откако ИРЛ објави дека вила Доста завршила на продажба за 60 илјади евра, поради институционална негрижа, ресорната министерка воопшто не чувствува вина за пропустите со кои културно наследство заврши на аукција. Според неа единствена вина има претходниот граадоначалник на Маврово – Ростуше од редовите на ВМРО – ДПМНЕ, но не и актуелниот поддржан од СДСМ, каде Костадиновска – Стојчевска е потпретседателка.

„Можам да Ве упатам да се обратите кај поранешниот градоначалник на Општина Маврово и Ростуше, Мукрем Мемеди и да го прашате зошто и покрај одлука на Влада донесена во 2006 година каде што  се отстапува Вила Доста на користење на Месната заедница Галичник, сепак тој постапил по некое друго убедување и овој имот го префрлил на задруга која што е во стечај, рече министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска.

Куќата која е прогласена за значајно културно наследство во нашата земја е заглавена во стечајна маса поради решенијата за легализација издадени во мандатот на градоначалникот Мукрем Мемеди, но и поради непостапувањето по насоките на Државното правобранителство и Министерството на транспорт и врски од градоначалникот Медат Куртовски кој бил задолжен да ги прогласи решенијата за ништовни иако три години одбива да го стори тоа.

И сегашниот и претходниот градоначалник за случајот со Вила Доста ги обвинија вработените 

Сегашниот повереник, Медат Куртовски вели дека не знаел што се случува со куќата на зетот од Галичник се додека не ја прочитал сторијата на ИРЛ. За него не претставува никаков проблем да ги поништи решенијата за легализација доколку се утврдат неправилности. Кога ИРЛ му укажа дека неправилностите се веќе утврдени во правосилни решенија и од Инспекторатот при Министерството за транспорт и од Дражавниот правобранител, тој само кусо одговори дека ќе ги разгледа овие работи од понеделник.

„Моја грешка е што вакви работи оставам на совеста на вработените, а тие прават грешки и резултатот е дека јас сум највиновен според хиерархија. Ова ми е школо за друг пат. Јас не сакам да направам никаква штета, објектите се тука, не ги зема никој дома и ќе се потрудам решенијата да се поништат“, раскажува Куртовски во разговор со ИРЛ. 

Поранешниот градоначалник на Општина Маврово и Ростуше, во чиј мандат се издадени решенијата за легализација на вила Доста вели дека ја прочитал сторијата на ИРЛ, но не може точно да се сети на деталите во постапката.

„Јас сум мислел дека постапката е регуларна. Постоеле служби во општината кои одлучувале за вакви прашања, а јас сум им верувал“, одговори поранешниот градоначалник на Општина Маврово и Ростуше, Мукрем Мемеди. Тој додава дека веќе нема ингеренции за да одговара, но доколку се утврдени пропустите во постапката, локалната самоуправа може да ги поништи решенијата за легализација. 

НЕЧИСТА КРВ: ПОГЛЕДНЕТЕ ЈА НАЈАВАТА ЗА НОВИОТ ДОКУМЕНТАРЕН ФИЛМ ОД СЕРИЈАЛОТ РЕДАКЦИЈА: КОЈ ШТО ЌЕ СЕ ЕМИТУВА НА 17 ЈУЛИ ВО 201:15 НА МРТ1 и YOUTUBE  КАНАЛОТ НА ИРЛ 

https://fb.watch/e80xURQosW/

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »