Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) ја доби годишната награда за најдобра истражувачка сторија „Јашар Еребара“ што ја доделува Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ). Наградата е за документарниот филм „Нечиста крв“ во копродукција со МРТВ.
Документарниот филм „Нечиста крв“ обелодени загрижувачки податоци за начинот на којшто се третирале пациентите во приватната болница „Жан Митрев“ за време на пандемијата со ковид-19.
Ова е втора награда на ИРЛ за оваа истражувачка сторија, по наградата „Никола Младенов“ доделена минатата недела од страна на Македонскиот институт за медиуми (МИМ).
Оваа сторија почна да се истражува по пристигнати 24 пријави од граѓани од Македонија и Косово за начинот на лекувањето на пациенти во приватната болница „Жан Митрев“ во Скопје. „Нечиста крв“ е медиумски продукт поткрепен со факти, докази, изјави и интервјуа од релевантни извори и соговорници, работен точно 22 месеца.
Здружението на новинарите на Македонија додели уште две награди за најдобро новинарско известување на теми од локално и регионално значење на новинарот од Алсат, Аднан Ќаили, и наградата „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело на новинарот Драган Ѓорговски.
Комисијата, која одлучуваше за новинарските награди во состав: Соња Колевска Делевска (претседател), Среќко Поповски (член) и Ријад Мурати (член) имаа задача да одлучуваат по 42 пријави од кои: 17 стории за истражувачко новинарство за наградата „Јашар Еребара“, 18 за теми од локално и регионално значење, како и седум за животно дело „Крсте Петков Мисирков“.
Комисијата одлучи да додели и четири признанија за придонес во промоција на професионалното истражувачко новинарство на новинарите Фросина Димеска (БИРН), Мартин Пушевски (МРТВ), Петар Клинчарски (А1он) и Ирена Мулачка (Фокус).
ЗНМ годинава додели и плакета за посебен придонес кон професионално новинарство за известување од војната во Украина на новинарката Кристина Атовска.