Press "Enter" to skip to content

Европска федерација на новинари бара судска транспарентност во случајот Анѓушев против ИРЛ

Реакцијата следува во рамки на механизмот „Брзи рекации за слободата на медиумите“ преку кој се следат состојбите и се реагира на кршење на слободата на медиумите во земји членки на ЕУ и земјите кандидати за членство.  

Европската федерација на новинари (ЕФН) се приклучува на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), во осудата на одлуката на судијката Јованка Спировска Панева, која на 13-ти октомври 2023 година, го затвори за јавност судското рочиште за случајот против ИРЛ. 

Присутните новинари и претставниците на јавноста, на ова судско рочиште, беа приморани да ја напуштат судницата. ЕФН, понатаму, ја поддржува правната постапка што ја поведе ЗНМ против оваа одлука.

„Исклучувањето на новинарите и другите набљудувачи покажува намера за цензура во случај кој ја засега слободата на изразување, но и правото на граѓаните на Македонија да бидат информирани за сериозна закана по јавното здравје“, стои во рекацијата на Европската федерација на новинари (ЕФН).

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поднесе барање до Судскиот совет за оспорување на одлуката на судијката Јованка Спировска Панева. Случајот е дел од тужбата за навреда и клевета што Кочо Анѓушев, поранешен Заменик претседател на Владата на Северна Македонија, ја поведе против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и главната уредничка Сашка Цветковска за истражувањето насловено како „Заговор против воздухот“ објавено на 16-ти мај 2021 година.

ЕФН и ЗНМ сметаат дека не постои легитимна правна основа за одлуката на судијата. Во декември 2021 година, ЗНМ во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) на ИРЛ им ја додели наградата за најдобра новинарска истражувачка сторија за нивниот извештај за аерозагадувањето во Северна Македонија.

Линк до соопштението на ЕФН –  https://europeanjournalists.org/blog/2023/10/23/northern-macedonia-efj-demands-transparent-justice-in-kocho-angushev-case/