Press "Enter" to skip to content

Често поставувани прашања за истражувањето „Украдени животи”

 

Финансиските друштва оперираат во Македонија и Западен Балкан затоа што овој регион им нуди совршени услови за профитирање од сиромаштијата, слабата регулатива и економската несигурност. Тие ја искористуваат ранливоста на граѓаните кои немаат пристап до традиционални банкарски продукту, нудејќи им  таканаречени брзи решенија за пари кои што задолжените брзо ги претвораат во долговни заложници. Истовремено, слабото функционирање на институциите и високото ниво на корупција им овозможуваат да работат без контрола, додека политичките врски ги заштитуваат од одговорност.

Овие таканаречени продавници за пари користат агресивни маркетинг кампањи, ветувајќи брзи решенија за финансиските проблеми на граѓаните, но зад рекламите се крие систем кој ги заробува луѓето во долгови. Во 2023 година, ваквите друштва оствариле рекорден профит од 21,8 милиони евра, што е пораст од 36% во споредба со претходната година.

Недостатокот на контрола од институциите и лукративните врски со оние кои имаат моќ да одлучуваат и да ги креираат законите им овозможуваат да профитираат без последици, претворајќи ја финансиската несигурност во индустрија на долгови. Дополнително, кревкиот и речиси непостоечки надзор овозможува да се развиваат паралелни криминални групи кои ги искористуваат придобивките на лесен онлајн пристап до кредити за да вршат измами и на тој начин да ги доведуваат во должничко ропство и оние граѓани кои никогаш не земале брзи кредити.

Во Македонија сè уште не постои доволно силна политичка волја за регулирање на овој сектор, иако постојат сериозни докази за нивните злоупотреби. Овие друштва се често во сопственост на моќни и влијателни луѓе од Европа и регионот со блиски врски до политичари и контроверзни бизнисмени, од кои дел се сомничат и за перење пари. 

И покрај тоа што во 2022 година беа усвоени измени на Законот за облигациски односи и Законот за извршување за ограничување на трошоците за брзи кредити, вистинската примена на овие измени останува прашање. Проблемот е што финансиските друштва често наоѓаат „дупки“ во законите за да наплаќаат средства преку дополнителни услуги, како што се „итна обработка“ или „финансиско советување.“

Надзорот од Министерството за финансии е минимален. За пет години, од 2019 до 2023 година, спроведени биле вкупно 45 теренски надзори над финансиски друштва и биле констатирани неправилности и незаконитости кај 15 од нив. Но казните и наредбите за нивно отстранување не се однесуваат на клучниот проблем – злоупотребата на лични податоци и креирањето лажни долгови.

Овој слабо регулиран систем им овозможува на финансиските друштва да продолжат да профитираат од сиромаштијата и финансиската неписменост на граѓаните. Додека институциите молчат, долговите и опасностите се зголемуваат, оставајќи ги граѓаните сами да се справуваат со последиците.

Според етичкиот и професионален кодекс на новинари, заштитените извори го добиваат тој статус тогаш кога споделуваат информации кои што имаат широк јавен интерес. Професионалните стандарди им наложуваат на новинарите без предрасуди да го заштитат идентитетот и безбедноста на изворите, коишто се клучни во обелоденувањето на појави и проблеми кои политичките и економски моќните сакаат останат сокриени од јавноста. Истовремено професионалниот кодекс наложува новинарите да извршат соодветна проверка на заштитениот извор и информациите кои истиот ги споделува. 

Во моментот кога заврши интервјуто со Димитар Кратовски, писмените докази кои требаше да ни бидат доставени, а со цел да се извршат соодветните проверки не беа доставени и изворот беше недостапен за новинарите на ИРЛ  до 16 декември 2024 година. Во текот на истражувањето се покажа дека изворот лажно се претстави како сведок, додека новинарите открија дека тој е учесник и организатор на измамите и согласно професионалните и етички стандарди, уредничкиот колегиум одлучи да го повлече статусот на заштитен извор. 

Во текот на повеќедецениската работа на новинарите во ИРЛ како и на новинарите на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција (ОЦЦРП) сме ја имале привилегијата да ни биде укажана довербата од стотина извори од кои најголемиот дел ги ризикувале сопствените животи за да им помогнат на новинарите во мисијата да извршат значајни општествени промени. Напорите кои се вложуваат за да се заштитат ваквите храбри поединци не можат да бидат поткопани со недоволно квал проверки кои ќе им дадат доверба на луѓето коишто сакаат да се заштитат себеси од прогон и да ја сокријат вистината. 

Финансиските друштва претставуваат озаконета експлоатација на најранливите граѓани. Во земја каде сиромаштијата, економската криза и корупцијата создаваат плодна почва за нивно ширење, финансиските друштва не само што профитираат од долговите на луѓето, туку го злоупотребуваат и системот за да избегнат одговорност. Нашата цел е да ја разобличиме оваа индустрија која функционира на сметка на јавниот интерес и да поттикнеме институциите да преземат акција за заштита на граѓаните.