Press "Enter" to skip to content

„Адитив“ во судница, обвинетите не прифаќаат вина

Обвинителството тврди дека ќе докаже оти била злоупотребена постапката за јавна набавка, се переле пари, а високо позицинорани службеници во ЕСМ наместо да гарантираат енергетска безбедност ја злоупотребиле довербата која им била дадена. Се воделе од единствен интерес – богатење на државна сметка. Случајот лани го откри ИРЛ и објави две новинарски истражувања. 

Известува: Бојан Стојановски

Започна судењето за случајот „Адитив“ кој се однесува на набавката на хемиски препарат против созадавање на згура и троска во котлите на РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. Во новата дигитална судница во близина на затворот Идризово за првпат денеска се одржа судско рочиште. Во случајот обвинети се 31 физичко и пет правни лица.

Меѓу обвинетите се и шест поранешни директори во Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски кој е во бегство, Васко Стефанов, Пеце Матевски, Ардијан Муча, Данчо Стојановски, како и поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ. 

Небојша Стојановиќ
ФОТО: Небојша Стојановиќ, прв од лево, поранешен директор на ТЕЦ Неготино обвинет во „Адитив“

На бегалецот Васко Ковачевски ќе му се суди во отсуство. Во судница се појави адвокатка која рече дека ќе го застапува откако ја ангажирала ќерката на Ковачевски. За еден од обвинетите судот донесе одлука постапката да се раздвои поради здравствени проблеми. 

Судијката Даниела Димовска на почетокот ги советуваше обвинетите дека доколку некој признае вина, судот ќе го цени тоа. 

„Ова нема да значи дека доколку некој признае вина половина му се простува, туку ќе претставува олеснителна околност“, рече судијката.

Но, еден по еден, сите обвинети рекоа дека се невини, вклучително и Маја Јорданова. Таа е службеничка во А.Д. Македонска пошта, која истовремено е и газдарица на компанијата Браинкоде, која му го продаде италијанскиот адитив на ЕСМ по цени за неколкупати повисоки од пазарната вредност.

„Не чуствувавм вина“, рече велешанката Јорданова и додаде дека е мајка на три малолетни деца.

Маја Јорданова
ФОТО: Маја Јорданова обвинета во случајот Адитив

За невини се изјаснија сите 29 обвинети присутни во судската сала, а вина рекоа дека немаат ниту застапниците на петте обвинети правни лица: „Браинкоде“, „Хемалијанс“, „Дади Трејд“, „Контракси“ и една ординација по стоматолошка протетика од Велес.  

ЈО: „Ќе докажеме институционална распаднатост во ЕСМ“

Обвинителката Наташа Трајкова во воведниот говор рече дека ќе докажат организирано злосторничко здружување преку кое обвинетите се богателе на сметка на државниот буџет. Посочи дека обвинетите директори од ЕСМ наместо да ја гарантираат енергетската безбедност на државата, работеле само за свој интерес иако државата им доверила клучни позиции во енергетскиот сектор. 

„Пред нас стои организирано и злосторничко здружување на кое државата му го доверила производството на електрична енергија. Но, наместо чесно да ја извршат својата должност, избрале да злоупотребат. Тие лично се збогатиле на сметка на државата со умисла и ги злоупотребиле ресурсите за 6,4 милиони евра“, рече обвинителската Наташа Поп Трајкова од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Истрагата за „Адитив“ откри и дека еден од обвинетите – Небојша Стојановиќ, поранешен директор на ТЕЦ Неготино, комуницирал со актуелната претседателка на Комисијата за спречување корупција (ДКСК), Татјана Димитовска. Таа со него споделувала информации за постапки кои се воделе против него во ДКСК, а кои беа потоа отфрлени од овој состав на комисијата. Обвинителката Поп Трајкова посочи дека истрагата за овој случај е во тек.

„Јавноста е запознаена дека од неа е земен мобилен телефон. Податоците се извлечени. Се работи за голем број електронски податоци и во оваа фаза на постапката истите се анализираат. Обвинителството презема дејствија, имајте трпение“, рече Поп Трајкова. 

Следното рочиште е закажано за 26 јуни.

Буџетот оштетен за 6,4 милиони евра 

Во предметот „Адитив“ опфатени се вкупно 31 физичко и пет правни лица. Освен функционерите од АД ЕСМ, обвинети се и други лица кои биле дел од мрежата за перење на парите добиени од тендерите за набавка на адитив.

Лани ИРЛ објави две истражувачки стории како фирмата „Бреинкоде“ без никакво искуство во хемискиот бизнис им продала на државните електрани адитив неколку пати поскап од неговата вистинска пазарна вредност и како високо позиционирани лица во власта ѝ овозможиле да добие пристап до милионските тендери на ЕСМ.

За двете стории ИРЛ ја доби наградата на ЗНМ (Здружението на новинарите на Македонија) за најдобра истражувачка сторија за 2024 година.