Независноста на една држава подразбира политичка самостојност и способност институциите сами да носат одлуки, но и способност да ги обезбеди основните потреби на своите граѓани. По 35 години независност, прашањето е зошто по вложени 1,5 милијарди евра државни субвенции, реалното земјоделско производство пораснало само 4%, а Македонија не успева да обезбеди доволно храна за сопствениот народ. Апсурдот е уште поголем што дел од земјоделските производи поддржани со државни субвенции завршуваат на странските пазари, а истите ги увезуваме поскапи.
Известува: Александар Јанев; Графика: Лука Блажев
Кога на 8 септември 1991 година, тогашните, претседател Киро Глигоров, премиер Никола Кљусев и претседател на Собранието Стојан Андов ќе ги објават резултатите од референдумот, независноста на државата симболично ќе ја прослават со здравица со македонско вино.
И тогаш и денес, Македонија се декларира како земјоделска земја, со поволна клима, плодни котлини и традиција на производство на храна, особено зеленчук, овошје, грозје и тутун.
И тоа не се само паушални флоскули, туку факти поткрепени со реалните производни и природни ресурси со кои земјата излезе од Социјалистичка федеративна Република Југославија (СФРЈ) и влезе во независноста.
Во 1991 година Македонија располагала со 664 илјади хектари обработливо земјиште, што било четвртина од вкупната територија на државата, а засеани биле 389 илјади хектари.
Во поранешната југословенска економија од македонските ниви се хранеле и граѓаните на целиот регионален пазар.
Овој 8 септември, Македонија го одбележува Денот на независноста додека голем дел од земјоделците протестираат и организираат блокади, барајќи денар повеќе за откуп на пиперките или грозјето.
Разочарани од ниските откупни цени со години, дел од лозарите ги огласуваат нивите сосе необраното грозје на продажба.
„Го продавам целото лозје и никогаш повеќе нема да работам како земјоделец. Од 1991 година до денес, откупните цени се драстично паднати, а сите трошоци се зголемени, едноставно нема никаква математика да се произведува“, ни рече еден земјоделец од многуте актуелни огласи за продажба на лозје во Тиквешкиот регион.
По години ветувања и државна поддршка, наместо развиено и одржливо земјоделство, тие денес се борат за услови што ќе им овозможат воопшто да продолжат да произведуваат.
Од земја која имала производи со кои настапувала на регионалните пазари, станавме економија зависна од увоз на храна. Со тоа, зависна од надворешните пазари и последиците доколку тие се нарушат.
Така, по децениско системско вложување во земјоделството преку субвенции, земјоделската статистика отвора многу сериозно прашање – како од една земја со толку изразена аграрна традиција стигнавме до ситуација во која домашното производство не е доволно да го задоволи сопствениот прехранбен пазар?
Во последните 35 години, обработливата земја се намалила за една четвртина, па денес имаме површина од 504 илјади хектари, од кои само половина, односно 261 илјади хектари се засеани.

Причините за тоа се неколку, од напуштање на нивите односно земјоделството како занимање, урбанизација на плодно земјиште и пренамена, па дури и климатските промени и нивното влијание.
Субвенциите растат, резултат нема
Кога во 2006 година субвенционирањето почна да се претвора во системска земјоделска политика, идејата не беше само финансиски да им се помогне на земјоделците со своевидна социјална помош.
Тогашната власт предводена од ВМРО – ДПМНЕ го постави земјоделството како стратешка развојна гранка, со амбиција да направи преродба и во овој сектор. Настојуваше да создаде поефикасно и поконкурентно земјоделство, да го зголеми производството и извозот, но и да ја намали потребата од увоз на дефицитарна храна.
Тогашниот премиер Никола Груевски објаснуваше дека субвенциите треба да ги мотивираат земјоделците да го зголемат производството, да инвестираат и да ја прошират обработката на земјиштето. Декларираната цел беше да се изгради ефикасен и конкурентен земјоделски сектор во кој земјоделците ќе имаат подобри приходи и повисок животен стандард.
Од тогаш, па во следните две децении, оваа политика прерасна во голем и траен јавен финансиски ангажман што ја поддржуваа сите влади.
Податоците од Државниот завод за статистика, покажуваат дека во овој период од 2006 до 2026 година преку земјоделски субвенции од буџетот биле исплатени 1,5 милијарди евра.

По толку долг период и толку народни пари инвестирани во секторот, очекувањето е сосема оправдано – државната поддршка би требало да остави јасна трага во производната моќ на земјоделството, во обемот на производството, неговата конкурентност и способноста на домашниот сектор да обезбеди поголем дел од потребите на сопствениот пазар.
Меѓутоа, анализата на земјоделската статистика денес, исцртува поинаква слика од очекуваната.
Според фиксни цени од 2014 – 2016 година, меѓународно споредливата серија на бруто вредност на земјоделското производство на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), покажува дека реалната вредност на земјоделското производство Македонија во 2024 година е само 4,1% повисока отколку во 1992 година.
Уште една потврда дека субвенциите растат несразмерно побрзо од производството е податокот според кој на секое едно евро исплатена субвенција во 2006 година, сме имале производство од 63 евра, додека денес тој резултат е околу 14 евра.
Овој сериозен расчекор меѓу огромниот раст на јавната поддршка и релативно скромниот раст на производството го отвора прашањето за ефикасноста на земјоделската политика на државата, односно актуелниот модел на субвенционирање.
„Проблемот со субвенциите е што тие главно се пласираат како директни плаќања коишто го поддржуваат доходот на земјоделците. Некои години тие достигнуваат до 95% од вкупните субвенции. Она што е поважно е повеќе пари државата преку субвенции да дава за рурален развој, односно инвестиции во земјоделството. Само така ќе се поттикне раст во секторот и производството“, вели професорот од Земјоделскиот факултет во Скопје, Драги Димитриевски.
Причините за слабиот ефект на субвенциите делумно може да се лоцираат и во потенцијални злоупотреби. Во изминатите години имаше и такви конкретни случаи поврзани со системот на земјоделска финансиска поддршка – од пријавување невистинити податоци за добивање субвенции, до сомнежи за злоупотреби при распределбата на парите.
Но, дека проблемот со контролата не е само прашање од минатото потврди и поранешниот министер за земјоделство Цветан Трипуновски, кој во февруари годинава изјави дека меѓу корисниците биле откриени и таканаречени „ловци на субвенции“. Тоа биле лица кои добивале поддршка, но не ги обработувале земјоделските површини.
Исчезнуваат суровините за основна храна
По одделни земјоделски производи, од почетокот на независноста до денес, најзагрижувачки е падот кај дел од основните производи врз кои се темели прехранбената сигурност.

Производството на пченица, една од клучните култури за домашното снабдување со брашно и леб од 1991 година досега е намалено за околу една третина, а на пченката за повеќе од една четвртина.
Производството на домати е намалено од 169 илјади тони годишно во 1991 година, на 112 илјади тони денес, што е исто така третина помалку.
Уште подраматичен е падот кај месото, односно за околу 40% и особено кај јајцата, чие производство е намалено за речиси три четвртини.
Кај сончогледот, важен за производство на масло, падот е драматичен. Од 38.700 тони во 1991 година, во 2025 година биле произведени само 5.650 тони, што е пад за повеќе од 86%.
Но, сликата не е еднолична. Земјоделството како сектор доживеа длабока и нерамномерна промена.
Интересен е трендот на производство на јаболка и грозје. Во 1991 година Македонија произведувала 264.281 тон грозје, а производството во следните децении не се движело по стабилна линија – достигнало рекордни 333.319 тони во 2016 година, но потоа имало години и на драстично намалување. Последниот податок за 2025 година е произведена количина од 238.904 тони, што е 9,6% помалку од 1991 година. Тоа покажува дека земјата има капацитет за големи приноси, но не успева трајно да ги одржи.
Производството на јаболка, пак, во 1991 година изнесувало 48.426 тони, по што постепено растело и достигнало максимум од 174.315 тони во 2008 година, но по тој врв следувале големи осцилации, па во 2025 година производството паднало на само 70.751 тон. Значи, иако денес произведуваме повеќе јаболка отколку во 1991 година, сме далеку под нивото што сме успевале да го достигнеме во одреден период.
Помали осцилации во производството во последните 35 години имаме кај пиперките, компирот, кромидот и млекото. Пиперките денес се произведуваат во речиси двојно поголема количина отколку во 1991 година, а производството на компир е зголемено за повеќе од три четвртини на 205.583 тони.
Во 2024 година домашното производство на кравјо млеко достигнало 282,3 милиони литри. Во 1991 година тоа било значително пониско, односно 120 милиони литри.
Сепак, зголеменото производство на неколку земјоделски култури, не ја надоместува зависноста од увоз ако истовремено губиме дел од производството кое мора да се надомести од странство.
И уделот на земјоделството во економијата постепено се намалува. Во 2000 година земјоделството учествувало со околу 10% во БДП, додека денес уделот е околу 5,7%. Тоа значи дека земјоделството од сектор што создавал приближно една десеттина од домашната економска вредност, ја загубило својата економска позиција.
Овој пад сам по себе не значи дека земјоделството нужно произведува помалку, но покажува дека тоа значително заостанува зад останатите сектори кои растат побрзо.
Увезуваме дури и краставици и пиперки
Вкупната вредност на домашното земјоделско производство, според последните податоци за 2024 година изнесува околу 1,57 милијарди евра. Тоа е значителна производна база, но очигледно вредноста на земјоделското производство не е доволна целосно да ја задоволи домашната побарувачка.
Наместо земјоделството да биде сектор што пред сè го снабдува сопствениот пазар, македонската економија функционира со значителна зависност од странското производство.
Во 2025 година, за увоз на земјоделска храна и живи животни се потрошени околу 1,13 милијарди евра. Извозот е половина од оваа вредност, односно 564 милиони евра. Разликата е речиси 569 милиони евра и тоа е највисокиот дефицит во трговијата со храна досега.
Кога ќе погледнеме што точно увезуваме, станува јасно дека зависноста од странство не се однесува само на храна што не можеме да ја произведеме дома. Во 2024 година за месо и други кланични производи сме потрошиле речиси 188 милиони евра, а за млеко, млечни производи, јајца и други производи од животинско потекло уште 93,6 милиони евра.
Увезуваме и основни производи за секојдневната исхрана – околу 19 милиони евра брашно од пченица, 13,7 милиони евра пченица и пченка за 13,5 милиони евра.
Особено впечатливи се производите што традиционално ги сметаме за домашна земјоделска предност. Во истата година сме увезле околу 4,1 милиони евра краставици, 3,5 милиони евра компири, по околу 2 милиони евра пиперки и јаболка. Оттука, податоците покажуваат дека не зависиме од увоз само за производи што не можеме да ги произведеме, туку и за дел од храната што би требало да биде меѓу најсилните адути на домашното земјоделство.
Субвенционираните производи завршуваат на странски пазари
Македонија не е само увозник на храна. Од земјата секоја година излегуваат значителни количини земјоделски и прехранбени производи, овошје, зеленчук, тутун, вино и други производи со кои традиционално настапуваме на странските пазари. Тоа покажува дека домашното земјоделство сè уште има производи со кои може да биде конкурентно надвор од земјата.
Но, извозот не ја менува основната слика за прехранбената зависност.
Меѓу земјоделските производи што најмногу ги извезуваме се пиперки, јаболка, краставици, пченица – производи во чие производство државата со години вложува значителни средства преку субвенции. Со тоа, дел од јавната поддршка со народни пари ја зголемува конкурентноста на домашните производи и им помага да стигнат до странските пазари, додека во исто време ги увезуваме истите тие производи за да се задоволи домашниот пазар.
Парадоксот не е во тоа што Македонија извезува земјоделски производи — тоа само по себе е нормално. Поразително е нешто друго. По две децении државна поддршка, домашното земјоделство сè уште не успева да ја нахрани сопствената земја.
Професорот Димитриевски вели дека тоа што зависноста од странски пазари постојано расте, мора да биде аларм за политики што ќе ја запрат девастацијата на домашното земјоделско производство.
На прашањето, како од земјоделска земја се доведовме во оваа ситуација, тој вели дека поради погрешни политики последните 35 години намалено ни е производството.
„Капацитетите се преполовени. Тука би го спомнал и растурањето на онаа структура којашто беше локомотива во пазарната продукција на земјоделски производи, а тоа беа агрокомбинатите. Тоа беа тие системи каде што се произведуваше на големи површини, каде што се обезбедуваше таа економија на големина. За жал, од тие триесет и еден-два комбината денес постои само еден. Јас се согласувам дека тие требаше да се трансформираат во процесот на приватизација, меѓутоа не да се уништат“, рече Димитриевски.
По 35 години независност дојдовме до апсурд. Државата со пари од буџетот поддржува производство што завршува на странски трпези, а нашите граѓани купуваат иста таква храна, но увезена и поскапа.


















