Пет службенички во Вишото јавно обвинителство Скопје, заглавени меѓу службената хиерархија и стравот. Две од нив решија да направат чекор што ретко кој го прави во ваков систем. Откриваат како се местеле предмети кај обвинител по наредба на шефот. Притисоците имале цел – контрола врз исходот на судски случаи.
Известува: Маја Јовановска
Не беше лесно да се убедат службеничките од Вишото обвинителство во Скопје јавно да проговорат и да му се спротивстават на нивниот тогашен шеф Мустафа Хајрулахи.
Нашата цел беше да обезбедиме изворни сведоштва како се одвивале наводните незаконитости во Обвинителството за кои тие веќе алармирале во неколку институции.
Само две од нив прифатија да зборуваат јавно. Првата е Даниела Лапе, помлад референт за стручни работи задолжена за заведување и распределување на предметите кај вишите обвинители. Втората со која зборувавме е Ружица Слезенковска, некогашен стручен соработник во ВЈО Скопје, која во 2024 година преминала во скопското јавно обвинителство.
„Требаше долг временски период да се oхрабриме и да го кренеме гласот. Сето негово малтретирање кон нас започна во 2020 година. Значи, ние трпевме речиси четири години“, почна да раскажува Слезенковска за ИРЛ.
Кога во јули 2024 година го пријавиле нивниот шеф до државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и премиерот Христијан Мицкоски, се надевале дека институциите ќе преземат мерки. Но, не добиле никаква помош, а притисоците се зголемиле.

Во недостиг на институционална заштита, препуштени сами на себе, одлучиле да поднесат кривична пријава против Хајрулахи за малтретирање во службата.
Но, нивните искази пред обвинител откриле сомнежи и за друго кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување.
„Беше летото 2024 година кога обвинителот Мустафа Хајрулахи ме повика преку секретарката кај него во кабинет за да ми каже дека предметот ‘Поштенска банка’ треба да биде доделен кај обвинителот Јован Цветановски. Мораше да се чека два или три дена за да помине кругот и да се заведе предметот кај обвинителот со римско два, Јован Цветановски“, ни раскажа Даниела Лапе.
Иста наредба Лапе добила и за случајот „Серта“, за тендерот за одржување хигиена во владините институции, односно дека мора да го заведе кај обвинителот Цветановски. Освен овие случаи, таа за ИРЛ наведе како добила наредба и за друг предмет.
„Се сеќавам и на еден друг предмет за бонусите на СЈО, кога бев повикана во неговиот кабинет. Таму беа присутни и обвинителката Наташа Гоџовска и неговите две деца, каде што ми рече без ‘ука и бука’ предметот да се заведе кај Јован Цветановски“, вели Лапе.

Насоките од Хајрулахи биле задолжителни, а службеничките кои му биле потчинети ги извршувале. Но, според нивните сведоштва, освен наредби како да заведуваат предмети, имало и ситуации кога добивале закани дека може да останат и без работа.
„Ако можам да бркам обвинители, што останува со вас“, се присети Лапе како гласела една од таквите закани од Хајрулахи.
Притисоците дека може да останат без работа најчесто се вршеле во неговата канцеларија.
„Ни упатуваше реченици од типот: ‘Жими гробот на татко ми ќе те избркам од работа, жими децата ќе ве избркам од работа. Не знаете со кого си имате работа. Го избркав едниот обвинител, што мислите дека можам да направам со вас’“, ни раскажа и Слезенковска.
Кога Хајрулахи дознал кои работнички го пријавиле за малтретирање, според нивните кажувања, преку заплашување барал да ги повлечат исказите.
„Тоа беше однос на претпоставен кон потчинет и бараше од мене да потпаднам под влијание. Ми велеше: ‘Не влегувај таму каде што не можеш да излезеш, имаш дете, мисли што правиш. Ова се големи води за тебе’. Ми вршеше многу притисок. Се сеќавам дека денот ми беше година. Меѓутоа, не успеа во намерата да ги повлечеме изјавите“, изјави Лапе за ИРЛ.
Притисоците биле брутални кон нејзината колешка Ружица Слезенковска. Непознати лица ѝ се заканувале телефонски преку броеви за еднократна употреба. Имало и ситуација кога пред вратата од нејзиниот дом биле оставани писма со заканувачка содржина.

„Започнаа сомнителни телефонски јавувања во доцните ноќни часови, најчесто после полноќ. Почнаа во октомври 2024 година откако ја поднесовме пријавата. Во два наврати ми кажаа: ‘Руже, ти си на ред’. Во последниот повик што го имав во 4 часот по полноќ ми кажаа: ‘Готова си’“, ни раскажа Слезенковска.
Освен закани од непознати лица, Слезенковска се присети дека однесувањето на Хајрулахи знаело да биде агресивно и лошо.
„Ми велеше: ‘Ќе те ставам на посебни истражни мерки, ќе те пратам во притвор. Ќе изгубиш работа. Ти не знаеш со кого си имаш работа’“, ни ги раскажа Слезенковска заканите што ги добивала.
Ваквите притисоци предизвикале страв кај нив, но она што ги разочарало, откако јавно предупредиле на незаконитости во скопското вишо обвинителство, е тоа што не биле третирани како укажувачи на криминал во државна институција.
„Ние сме единствените укажувачи во државава и не бевме третирани како укажувачи. Да бевме третирани како такви, нашиот идентитет ќе се откриеше дури по поднесување на обвинението“, посочи Слезенковска и додаде дека биле оставени без заштита, сами на себе и под постојан јавен линч од нивниот шеф Мустафа Хајрулахи.
Обвинител и „свиркач“
Сведоштвата на двете девојки нѐ вратија до 31 октомври 2024 година, кога во централните вести на националната телевизија Канал 5 беше објавена несекојдневна вест. Во неа беше прикажана снимка од средба во кафуле во центарот на Скопје помеѓу две лица чии идентитети беа замаглени.

Тајната снимка до телевизијата ја доставил Мустафа Хајрулахи. Како што самиот соопшти, целта му била да обелодени наводни злоупотреби во државното Јавно обвинителство. Хајрулахи имаше и изјава во телевизискиот прилог и рече дека снимката ја добил од „свиркач“, жаргонски назив за лице од институција (укажувач) што во јавноста открива некакви незаконитости.
„Се гледа како еден женски лик на друг женски лик му дава папка со информации коишто потекнуваат од Јавното обвинителство. Од свиркачот ми е кажано дека се работи за близок член на семејството на еден високопозициониран јавен обвинител“, изјави тогаш Хајрулахи.
Тој јавно рече дека се сомнева оти на средбата биле изнесени документи од извештај за контрола во неговото вишо обвинителство.
Снимката предизвика силна јавна реакција кога новинарката од весникот „Слободен печат“, Мирослава Симоновска, обелодени дека таа е еден од ликовите. Другото лице била ќерката на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
„Кафулето беше речиси празно. На друга маса дојдоа неколку лица, но потоа се преместија. Јас, искрено, се сомневам дека масата беше озвучена и оти ќерката на обвинителот или била физички следена или нејзините телефонски комуникации“, раскажа Симоновска за ИРЛ.
Неколку дена пред да се појави тајно снименото видео, новинарката објавила сторија во весникот дека во ВЈО Скопје има контрола поради предмет за злоупотреба на јавни набавки кој пропаднал и немал судска разрешница.

Симоновска ни кажа и дека на средбата немало предавање на никакви интерни документи од Јавното обвинителство. Смета дека целта на објавувањето на видеото во јавноста била да ѝ се испрати порака да престане да истражува и да објавува стории поврзани со ВЈО.
Скопското обвинителство отвори предмет против непознато лице за незаконското снимање на Симоновска, но до денес не е откриено кој снимал.
Сепак, ова беше само почеток на една институционална и медиумска војна на Мустафа Хајрулахи против државниот обвинител Љупчо Коцевски. Подоцна сфативме дека ваквата медиумската „експлозија“ не била случајна.
Важно писмо до премиерот Мицкоски и три други адреси
ИРЛ откри дека три месеци пред да започне силното присуство на Хајрулахи во медиумите, петте вработени службенички од неговото вишо обвинителство на 19 јули 2024 година пратиле писма до четири важни адреси.
Писмо со иста содржина добиле државниот обвинител Коцевски, потоа шефот на Јавното обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски, Советот на јавните обвинители и премиерот Христијан Мицкоски.
Во дописот навеле дека се малтретирани на работните места од нивниот шеф Хајрулахи и набројале сведоштва за непрофесионален однос со цитати од навредливи содржини упатени кон нив.
„Доколку не сте во можност да нѐ заштитите, а во контекст на наведените закани од негова страна, подобро е да не преземате никакви мерки по однос на нашите наводи за да не ни направите дополнителна штета“, напишале петте вработени во дописот до државниот обвинител Љупчо Коцевски.
Писмата останале без институционална реакција. Во меѓувреме Хајрулахи ги тужел петте вработени обвинувајќи ги дека шират клевети и навреди за него и од секоја од нив побарал да му плати отштета од по 10 000 евра.

„Вработените службенички се инструирани од најмалку еден обвинител со цел да се наруши мојата чест и углед“, изјави Хајрулахи пред Граѓанскиот суд во Скопје.
Потоа Хајрулахи беше редовен гостин во поткасти, медиуми и емисии како Плусинфо, Радио Лидер, Вечерното шоу на Богдан Илиевски и на ТВ Канал 5. Таму ја застапуваше тезата дека е предмет на хајка бидејќи влегол во конфликт со државниот обвинител Љупчо Коцевски за предметот познат како „Бонусите на СЈО“.

За овој случај Јавното обвинителство за гонење на организираниот криминал ја отфрли кривичната пријава од ВМРО-ДПМНЕ против ексобвинителите на СЈО за дополнителните приходи што ги добивале додека биле дел од таа институција.
„Нивното дејствување е како да се дел од некоја мафијашка организација. Ако тие десет луѓе се тргнат, Јавното обвинителство ќе функционира како што треба“, велеше Хајрулахи за своите колеги од поранешното СЈО.
Додека Хајрулахи гостуваше по медиуми, во Вишото обвинителството со кое раководеше во тоа време се вршела контрола по налог на државниот обвинител Љупчо Коцевски.
Индициите за евентуални незаконитости дошле од сведоштвата на петте службенички.
Обвиненија, суспензии, оставка – правдата оставена да чека
Откако ги слушнавме сведочењата за неправилности, ИРЛ се фокусираше на најважниот дел, да најдеме официјален доказ со кој би ја потврдиле нивната вистинитост.
За тоа ни требаше извештајот од извршениот надзор во Вишото обвинителство. Но, тој не беше достапен за јавноста.
Неколку месеци откако веќе се чинеше дека нема како да продолжиме со истрагата, ни пристапи „свиркач“ што се охрабри да ни помогне.
Тоа ни овозможи да прочитаме детали од настани какви што не можевме ниту да претпоставиме дека можеле да се случат во Обвинителството.
Дојдовме до посакуваниот крунски доказ – извештајот од надзорот во Вишото обвинителство! Сите детали од него ги обработивме во посебна сторија. Во него се потврдија тврдењата на нашите соговорнички дека навистина имало незаконитости при распределбата на предмети.
Во меѓувреме извештајот стана дел од обвинителниот акт кој следуваше против Хајрулахи и неговиот заменик Цветановски. Беа обвинети за злоупотреба на службената положба или во нивниот случај – за местење предмети.
Случајот беше префрлен во обвинителството во Штип за да се избегне судир на интереси, затоа што обвинетите се обвинители во скопското подрачје. Надлежна обвинителка за предметот во Штип е Татјана Кацарова.

Но, заканите продолжиле, овој пат наместо кон службеничките во Вишото обвинителство, кон обвинителката Кацарова. Начинот бил ист. Анонимни телефонски повици доцна во ноќта или „добронамерни“ пораки преку посредници. Целта била да се отфрли кривичната пријава за малтретирање во службата.
„Заканите и притисоците се одвиваа на перфиден начин, преку моите деца… Јас сум толку години во обвинителството, 20 години, вакво нешто ми се немаше случено“, раскажа Кацарова за ИРЛ.
Дополнително, Хајрулахи поднел и кривична пријава против обвинителката лани на 23 јуни за наводно фалсификување службена исправа. Обвиненијата во Штип беа поднесени во август 2025 година, но поради приговори од Хајрулахи судот во Штип сѐ уште не одлучил дали ќе ги прифати и ќе има судење или ќе ги отфрли.
Претходно Хајрулахи и Цветановски беа суспендирани од работните места во Вишото обвинителство сѐ додека истрагата не добие епилог.
Од почетокот на годинава Хајрулахи работи како адвокат.

Државниот обвинител Љупчо Коцевски сам се повлече. Поднесе оставка на 16 декември 2025 година откако власта одлучи да го разреши од функцијата.
















