Press "Enter" to skip to content

Пишман Влада: Се поништи одлуката за споени концесии за рудникот „Иловица – Штука“

По само еден месец, министрите носат две различни одлуки поврзани со концесиите за ископ на бакар и злато на фирмата „Еуромакс ресоурцес“. Ако на 27 јуни, полутајно без информации за јавноста премиерот и министрите одлучија да ги спојат концесиите, денеска под притисок на новинарите и јавноста одлучија да си ја поништат одлуката за спојување. Одлуката била политичка. Шансите на „Еуромакс ресоурцес“ за отварање на рудникот се намалија но се зголемија можностите инвеститорот да заработи милиони евра од потенцијална арбитражна постапка.

Известува: Давид Илиески;

Без поддршка од премиерот Димитар Ковачевски, министерот за економија Крешник Бектеши на новинарите им соопшти дека Владата ја поништила одлуката за спојување на концесиите за ископ на бакар и злато за проектот „Иловица – Штука“. Прес-конференцијата се организираше еден  ден по владината седнцата на која министерот за економија ги презентираше сите управно – судски постапки поврзани со рудниците во Југоистокот на Македонија откако дел од министрите побараа да се ревидира одлуката за спојување на концесиите, оти министерството за економија не им доставило доволно информации.

„Тоа значи дека ние се враќаме таму каде што бевме, не носиме ниту позитивна, ниту негативна одлука“, појаснува министерот Бектеши. Според него Владата донела политичка одлука. Ставот на министерството за економија е дека е важно да се донесе некаква одлука, наместо да нема никаква одлука, со цел да се избегне потенцијална арбитражна постапка. 

Министрите од СДСМ кои децидно тврдеа дека не биле целосно запознаени со постапката за спојување на концесиите на седница пред еден месец, денеска не застанаа рамо до рамо со министерот за економија за лично да објаснат како се случи да поддржат одлука со која се отвори патот за рудници во струмичко. Дел од нив порачуваа дека рудник нема да има, иако гласале така, а министерката за животна средина Каја Шукова откако поддржа спојување без никаков приговор како надлежна институција, дури замина и на протест против рудниците во поддршка на еко активистите и локалното население.

Можни сценарија за Иловица

Со поништувањето на одлуката за спојување на концесиите на „Еуромакс ресоурцес“ постапката се враќа на почеток. Тоа значи дека инвеститорот за првата концесија, за која Управниот суд пресуди дека била незаконски раскината од страна на Владата, ќе треба да започне нова постапка за добивање на дозвола за ископ. Втората концесија, за која процедурата за добивање на дозвола за експлоатација е се уште во тек, Владата може да ја раскине поради надминување на законските рокови.

Постапката за добивање на дозвола за експлоатацијата за втората концесија на „Еуромакс ресоурцес“ е започната во 2019 година. За оваа Министерството за економија се уште нема донесено конечна одлука дали ќе даде дозвола или ќе ја одбие компанијата затоа што документацијата била некомплетна.

Со поништувањето на одлуката за спојување на концесиите, Владата и Министерството за економија имаат можност да го раскинат договорот и за втората концесија. Рокот на инвеститорот да ја заврши постапката за добивање на дозвола за ископ е четири години од добивање на договорот за концесија.

Активистите продолжуваат активно да ја следат ситуацијата со таканаречените рудници на смртта. Во разговор со Ѓорѓи Танушев од еколошкото здружение „Здрава котлина“ тој вели дека ја поздравуваат одлуката на Владата, но дека работата се уште не е завршена.

„Концесиите се уште се активни, а согласно Законот за минерални суровини не смее да бидат. Очекуваме дека Владата ќе најде начин да ги раскине двете концесии во најбрз можен рок“, вели Танушев.

Пиши – бриши одлуките на Влада отвараат пат „Еуромакс ресоурцес“ да тужи

Министерот Бектеши денеска потврди дека во моментов се разгледува и опција,  еднострано да се раскине договорот за концесија. Но, според него ова може да доведе до нова тужба од инвеститорот, која според искуството од раскинувањето на договорот за првата концесија во 2019 година, постапката повторно ќе се врати на почеток.

Барањето за дозвола за експлоатација за првата концесија „Еуромакс ресоурцес“ го поднеле во јули 2016 година. Министерството за економија во 2019 ја одбиле фирмата со образложение дека документацијата е некомплетна. Врз основа на ова решение Владата предводена од поранешниот премиер Зоран Заев еднострано го раскина договорот за концесија на „Еуромакс ресоурцес“.

Управниот суд после три годишен судски спор помеѓу „Еуромакс ресоурцес“ и Владата, носи пресуда со која ја поништува Одлуката за раскинување на договорот за концесија од 2019 година, што претставува значително отстапување од претходните две одлуки на судот во кои ги отфрли тужбите на компанијата.

Оваа одлука отвори сомнежи за влијанија врз судот. Документите кои беа презентирани во Министерството за економија покажуваат дека компанијата задоцнила да го поднесе барањето за дозвола за експлоатација.

Во меѓувреме во два наврати Министерството за економија по барање на инвеститорот предложило до Владата да се спојат двете концесии и тоа во 2018 и во 2019, но по предлогот за спојување немало одлуки. Токму тоа, велат од Министерството за економија, е причина што годинава, Управниот суд донел пресуда со која ја поништи владината одлука за раскинување на договорот за концесија.

Министерот за економија Бектеши смета дека најдобриот начин да се спречи отворањето рудници во Струмичко е да се спојат концесиите, но во текот на постапката за добивање на дозвола за ископ да се донесе владин акт со кој ќе се докаже дека тие ја уништуваат животната средина.

„Моментално не постои никаков акт дека има негативно мислење за рудниците. Кога ќе се усвои таков акт, ние веднаш ќе донесеме предлог – одлука за раскинување на договорот со инвеститорот“, појаснува Бектеши со што ја префрла топката во рацете на Министерството за животна средина.

Министерката за животна средина Каја Шукова во изјава за ИРЛ вели дека претходните одлуки и мислења на Министерството за животна средина се донесени во друго време.

„Ако дојде до постапка во која министерството ќе треба даде проценка за влијанието на животната средина ќе ги консултираме сите засегнати страни – локалното население и експертската јавност – и ќе донесеме одлука согласно барањата на граѓаните“, појаснува министерката Шукова.

Таа вели дека е добро што се донесе одлука за поништување на концесиите за ископ на бакар и злато. Сега доколку Министерството за економија повторно деде предлог до Владата за спојување, „ќе можеме повнимателно и во редовна постапка да донесеме одлука“, вели Каја Шукова.

Активистот Ѓорѓи Танушев смета дека нема потреба да се чекаат било какви дополнителни акти. Тој вели дека сите рокови за добивање на дозвола за ископ на инвеститорот се поимати и со тоа концесиите може да бидат раскинати.

„Еуромакс ресурцес“ преку кусо соопштение до јавноста информираше дека со внимание ги следи сите владини одлуки поврзани со рудниците „Иловица-Штука“ и допрва правен тим ќе разгледува како ќе постапуваат понатаму.

Бектеши на прес конференција без поддршка од колегите од СДСМ 

На 27ми јуни 2023, претставниците на владата гласаа за комбинирана концесија што ќе ја обедини експлоатацијата на минерални суровини од двете концесии на „Еуромакс ресоурцес“. Предметните локалитети „Иловица – Штука“, се лоцирани во општините Босилово и Ново Село.

Сторијата на Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ), „Министерот Крешник Бектеши ги измамил, дел од министрите бараат ревизија на одлуката за рудниците“ го прикажа одблиску процесот во кој министрите без дискусија и без ниедно „против” дозволиле врз основа на кусо образложение да мине одлуката за спојување на концесиите. Оваа одлука дошла како дополнителна точка на дневниот ред на седницата, а била предложена од министерот за економија Крешник Бектеши. Со ова биле заобиколени процедуралните филтри кои служат како основа на транспарентно и одговорно владеење.

Ваквата одлука предизвика силни реакции во јавноста, особено од активистите кои се борат против отворање на рудник во струмичко и сметаат дека драматично ќе ја загрози животната средина, по што неколку министри од Владата најавија ревидирање на оваа одлука.

На денешната прес – конференција пред медиумите и јавноста се обрати само министерот Крешник Бектеши. Отсутни беа премиерот Димитар Ковачевски, министерката за животна средина Каја Шукова и други засегнати министри, кои претходно побараа да се преиспита одлуката, тврдејќи дека не биле соодветно информирани од министерот Бектеши.

Од Владата не одговорија конкретно на новинарските прашања зошто никој друг од останатите засегнати министри и премиерот не беа присутни на денешната прес-конференција. Тие велат дека министерот Бектеши добил задолжение “да ја информира пошироката јавност, со цел јавноста транспарентно да биде информирана“, пишува во одговорот од Владата.

Министерот Бектеши на прес-конференцијата исто така посочи дека тоа било одлука на премиерот Ковачевски. А тој како министер ќе ги почитува сите одлуки и насоки кои ќе ги добие од премиерот.