Press "Enter" to skip to content

Папата до младите: Не бидете живи мртовци, сонувајте

Младите на оваа средба, како една од маргинализираните групи во општеството имаа прилика да испратат порака до граѓаните, но и до политичарите и оние кои одлучуваат. Преку теми за кои папата често говори, како борбата против корупција, борбата против климатски промени или улогата на жените во општеството, тие можеа да ја зголемат видливоста на размислувањата на младите во општеството. Тие, пак, одбраа да не претставуваат преку кореографија на песна. Младите репортери на ИРЛ ја пренесуваат атмосферата и пораките на Папата Франциск на егуменската и меѓурелигиска средба со младите. 

Известуваат:  Деница Чадиковска и Давид Илиески

Го пречекаа политичките лидери и религиозните водачи, ги бакнуваше и тешеше сиромавите пред споменикот на најславната католичка мисионерка и светица Мајка Тереза, прати пораки за помирување од мисата на плоштадот каде што во првите редови седеа политичките ривали и лути непријатели, за на крајот да им даде важност на младите. Впрочем, овој Папа на сите свои патувања се среќава со младите. Зборува за одземеното достоинство на младите кои не можат да најдат работа – глобален проблем дури и во развиените земји. Ги охрабрува да се борат за своите работнички права во модерната економија која што Папата често ја критикува. Низ светот, жестоко проповеда против корпоративната алчност, корупцијата и омаловажуањето на обичниот човек. Енергично се бори за спас на планетата Земја.

Папата Франциск на Екуменска и меѓурелигиска средба со младите (Фото: Деница Чадиковска)

„ Кога не се сонува, кога млад човек не сонува, празниот простор е исполнет со жалење и чувство на безнадежност. Еден млад човек што не сонува е мртовец“, им рече Папата на македонските млади кои што во Католичката црква дојдоа во голем број (околу 1,000) од целиот регион. 

Папата ги повика младите да создаваат надеж за градење свет во кој ќе се грижат еден за друг без разлика, како што рече, дали се христијани или муслимани.

“Нашиот свет е многу поделен, бидејќи ние самите сме поделени, затоа е неопходно да се создаде поинаков свет, но за да се случи тоа мора младите да се вклучат. Треба да ги користите шансите, и да не се плашите дури и ако згрешите. Немојте да бидете живи мртовци, плашејќи се да преземате ризици. Дури и да згрешите, секогаш може да почнете одново.”

Папата Франциск порача да го оставиме зад нас целиот товар што не попречува во мисијата.

Пораката на младите

Додека со нетрпение се очекуваше пристигнувањето на папата, младите волонтери од организацијата „Каритас“ се качија на сцената и ги повикаа сите присутни да ја научат нивната кореографија на песната „За овој свет“ од Тоше Проески, со која ќе биде пречекан папата Франциск.

„Ние многу сакаме да играме, а вие? Ајде сите заедно да ја научиме кореографијата за кога ќе дојде папата да не види сите сплотени како играме заедно.“

По кореографијата, од кога папата беше пристигнал, следуваше сведочење на млади луѓе кои доаѓаат од различни сфери на општеството, и тоа, млади со мешан брак – католик православен, млада муслиманка и млада католичка. Тие во своите обраќања зборуваа за мир, љубов, сплотеност и соживот помеѓу сите припадници од различни религии, а потоа папата во говорот пред граѓаните одговори на нивните сведоштва. Младата католичка, која е студент по медицина, зборуваше за иселувањето на младите – Таа истакна дека како студент по медицина вратите кон Европа и се широко отворени, но сака да остане тука со своето семејство, зошто така може да продолжи да се бори.

Папата Франциск со пар млади со мешан брак – католик православен (Фото: Деница Чадиковска)

По завршување на говорот на папата, младите новинари на ИРЛ имаа прилика да поразговараат со една од младите волонтерки, која на почетокот од настанот се обрати пред граѓаните. Дваесет и пет годишната Стефанија Ристоманова од „Каритас”, во пораката од младите по повод посетата на Папата Франциск за ИРЛ, посочи дека и таа исто како папата смета дека младите се оние кои го движат светот, а најважно од се е тие да не престанат да сонуваат.

“Младите се сегашност и го движат светот, сите се согласуваат со тоа. Да не се смета дека некој друг ќе им ја заврши работата. Да не се плашиме да сонуваме. Мило ми е што конечно имаме ваков папа, кој е многу начитан.”

Стефанија на прашањето зошто одбрале својата порака да ја испратат преку кореографија, имајќи на ум дека папата е еден од најпрогресивните досега и често адресира општествено-политички теми, ни одговори дека тие сметале дека песната е убава и пригодна.

„Папата не поддржува да градиме мостови, преку кореографијата сакавме да пренесеме порака дека сите сме исти.“

Таа додаде дека и е мило што конечно имаме ваков образован папа кој зборува и за научни теми.

(Фото: Деница Чадиковска)

Младите од ИРЛ Македонија се претставија во духот на мисијата на нашата организација. Папата Франциск води и своја кампања за борба против корупцијата. 

Младите на оваа средба, како една од маргинализираните групи во општеството имаа прилика да испратат порака до граѓаните, но и до политичарите и оние кои одлучуваат. Преку теми за кои папата често говори, како борбата против корупција, борбата против климатски промени или улогата на жените во општеството, тие можеа да ја зголемат видливоста на размислувањата на младите во општеството. Но сепак, тие одбраа да не претставуваат преку кореографија на песна.