Press "Enter" to skip to content

„Папара“ остана без дозвола за работа, ИРЛ објави дека била дел од шема на нелегално коцкање

Централната банка на Турција ѝ ја одзеде лиценцата за работа на најпопуларната тамошна платформа за трансфер на пари „Папара“ (Papara Electronic Money Inc) поради сомневања за нелегално обложување и перење пари. Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и нејзините партнери од глобалниот Проект за известување за организиран криминал и корупција (ОЦЦРП),  на почетокот од годинава открија дека оваа турска платформа се користела за трансфер на пари од нелегално онлајн коцкање, а траги од парите водеа и до Македонија.

Известува: Иван Блажевски 

Одлуката за одземање на лиценцата за работа на турската платформа за трансфер на пари „Папара“ беше објавена во Службениот весник на државата врз основа на одлуката на Агенцијата за регулирање и надзор на банкарството, објавија денеска повеќе турски портали за вести.

Во одлуката на Централната банка на Турција се наведува дека повлекувањето на лиценцата е направено во согласност со Законот 6493 за системи за плаќање и обезбедување на средства, платни услуги и институции за електронски пари. „Папара“ била регистрирана за електронски трансфер на пари во 2016 година.

ИРЛ, ОЦЦРП и другите партнери во заеднички истражувачки проект во февруари годинава објавија стории за тајкунот од Северен Кипар, Халил Фаљали, кој беше убиен во 2022 година. Беше осомничен дека основал нелегална онлајн обложувачка империја, чии пари се извлекувале преку „Папара“. Долгогодишниот сметководител на Фаљали, Џемил Онал, за ОЦЦРП раскажа како функционирал бизнисот од кого пари оделе и за турски и севернокипарски политичари.

Како што тогаш тврдеше Онал, во целата глобална обложувачка империја имало мрежа и во Македонија каде што теренци биле турски студенти на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје. Онал тврдеше оти групата наводно имала помош од почесниот конзул на Турција во Скопје, бизнисменот Ајдован Адемоски.

По објавувањето на сторијата, Меѓународниот балкански универзитет поднесе тужба за клевета против ИРЛ со барање да им платиме материјална и нематеријална отштета од вкупно 107.000 евра. Судскиот процес е во тек.

Инаку, само три месеци по објавувањето на сториите, Џемил Онал беше убиен во Холандија.

Еве што откриле турските власти

Според денеска објавените вести, Основното јавно обвинителство во Истанбул утврдило дека „Папара“ овозможувала нелегален трансфер на пари од обложувалници, односно нелегални сајтови за обложување. Во обвинението има 25 лица, меѓу кои и претседателот на „Папара“, Ахмед Фарук Карсли.

Според извештајот од ревизијата на Централната банка, во периодот 2021-2023, бројот на сметки затворени поради нелегални активности бил 21 илјада, што претставувало 94,4% од затворените сметки во секторот. Исто така, било забележано дека во овој период дури 26 илјади сметки биле користени на нелегални сајтови за обложување.

Обвинението детално наведува дека во споменатиот период низ овие сметки поминале трансакции од околу 12 милијарди турски лири. Сметките биле користени на 102 нелегални сајтови за обложување. Парите се  префрлале од „Папара“ сметки на 274  други банкарски сметки, а од таму на пет паричници за криптовалути.