Press "Enter" to skip to content

Оставка од Јовески, бара Платформата за борба против корупција

Оставка од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска побара Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата. Нивното барање доаѓа од незадоволството од истрагата на обвинителството за изгорената модуларна болница во Тетово каде 14 лица го загубија животот. Порачаа дека доколку Јовески не си поднесе оставка, ќе смислат други начини со кои ќе го изразат незадоволството. 

Од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бараат Љубомир Јовески да ја напушти функцијата  затоа што од изнесеното во документарецот „Убиство во Тетово“ истрагата на јавното обвинителство за случајот не е целосна и не ги цени доволно заклучоците од службената експертиза на германските експерти. 

„Како резултат на тоа во јавноста се разгоруваат сомнежи за непрофесионално постапување на обвинителството и занемарување на околности кои можат да прошират обвиненија и да инкриминираат и други лица“ – велат од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата. 

Во барањето за оставка тие објаснуваат и дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција сè уште ги истражува наводите за корупција при спроведувањето на јавните набавки во случајот и покрај тоа што веќе е пречекорен рокот од членот 301 во ЗКП.

„Притоа во јавноста не се понудени никакви образложенија ниту за тоа зошто е продолжуван рокот согласно ставовите 2 и 3 од истиот член, ниту зошто и покрај ова продолжување истрагата не резултира со завршница“ – пишува во барањето на Платформата на граѓански организации. 

Сметаат дека според принципите на хиерархијата и субординацијата, како и фактот што јавното обвинителство е единствен орган, обвинителот Љубомир Јовески треба да си поднесе оставка. 

Миша Поповиќ од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата вели дека во документите коишто се објавени од ИРЛ, а се добиени од свиркачи, голем дел од работите се јасни, меѓутоа не биле до крај земени предвид во обвинението. 

„Клучно е тука и како што стои во барањето на платформата и недоволното земање предвид на заклучоците кои произлегуваат од германското вештачење кои укажуваат дека веројатно требало да се прошири листата на обвинети луѓе“ – вели Миша Поповиќ. 

Од организациите за борба против корупцијата велат дека доколу обвинителот Љубомир Јовески си поднесе оставка ќе бараат од новиот обвинител да работи како што наложуваат законите и правилата. Доколку обвинителот Љубомир Јовески не си поднесе оставка, ќе смислат нови начини на кои ќе го изразат незадоволството. 

Барањето за оставка на обвинителот Љубомир Јовески доаѓа по објавувањето на документарниот филм на ИРЛ „Убиство во Тетово“ во кое новинарите открија дека модуларните болници се граделе без елаборат за електрична инсталација, без елаборат за противпожарна заштита, без надзор на изградбата и низа други законски пропусти. За ова знаеле и од Министерството за здравство, а и обвинителите кои подолг период работеле на овој случај. 

Целиот документарен филм погледнете го тука.