Press "Enter" to skip to content

Мобилни редакции: ИРЛ се сели во Кичево да истражува локална корупција

Во рамки на пионерскиот проект на ИРЛ „Мобилна редакција“ кој започна пред четири години во Охрид и Крива Паланка, овој месец ИРЛ ќе биде во Кичево. Ќе дадеме видливост на проблемите натрупани поради лошо владеење и корупција. 

Основниот концепт на проектот „Мобилна Редакција“ вклучува „селење“ на тимот на ИРЛ, составен од известувачи, истражувачи, уредници и продуценти, во помалите градови и региони низ Македонија. Овие области често немаат соодветно или никакво медиумско покривање и присуство на новинари. Главната цел е да се разоткријат прашањата поврзани со локалната корупција и да се чуе гласот на локалното население.

„Сакаме да интервенираме во областите каде што нема медиуми или се под притисок и каде што граѓаните не можат да добијат гласност за своите проблеми во сферата на доброто владеење”, објаснува главната и одговорна уредничка на ИРЛ, Сашка Цветковска.

Тимот на ИРЛ ќе биде целосно интегриран во овие заедници, овозможувајќи им да стекнат длабинско разбирање за жителите, нивните предизвици, грижи и борби. Овој пристап овозможува автентично претставување на локалните интереси и прашања. Резултатите од овој проект ќе бидат дистрибуирани преку различните платформи на ИРЛ, вклучувајќи ја веб-страницата (irl.mk), каналот на YouTube и другите социјални медиуми (Инстаграм, Фејсбук и Твитер).

Проектот „Мобилна редакција“ во изминатите четири години продуцираше бројни истражувачки стории, опфаќајќи ги регионите околу градовите Охрид, Крива Паланка и Маврово. Овој месец фокус на проектот е Кичево, а ИРЛ веќе е во процес на прибирање информации и идентификување на следниот регион каде ќе се пресели проектот „Мобилна редакција“ .

Ги покануваме сите граѓани да се вклучат во проектот со тоа што проблемите со кои се соочуваат ќе ги споделат со нас преку нашите официјални канали на социјалните медиуми. Овој заеднички пристап има за цел да ги држи одговорни оние на позиции и власт во локалните средини, кои често се поврзуваат со партиите и организираниот криминал. 

Проектот „Мобилна Редакција“ на ИРЛ неодамна се здоби со признание и послужи како инспирација за други истражувачки организации од светот. Неодамна, тој беше пресликан од „Re:Baltica“, балтички истражувачки центар со седиште во Латвија, а во моментов се подготвуваат мобилнк редакции и во Хрватска и Грција. 

За повеќе информации посетете ги нашите профили на социјалните мрежи: www.facebook.com/IRLMacedonia/

www.instagram.com/irlmacedonia/

www.twitter.com/IrlMacedonia

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »