Press "Enter" to skip to content

ИРЛ доаѓа во вашите градови: Бори се со нас!

Истражувачката репортерска лабораторија е мала редакција која што оперира со скромни ресурси, но како членка на престижната меѓународна организација „Проектот за известување за меѓународен криминал и корупција” има пристап до едни од најнапредните алатки за истражување и до мрежа од стотици новинари низ целиот свет. Тоа ја прави нашата работа побрза, подобра и поефикасна, затоа што оние против кои се бориме се моќни, добро поврзани и често располагаат со неограничени ресурси.

Да се биде дел од ова глобално семејство на истражувачки новинари ни овозможи да работиме согласно врвните професионални светски стандарди и ни помогна нашите домашни и прекугранични истражувања да бидат објавувани на повеќе јазици и во соработка со светски медиуми како “Гардијан” и “Базфид“.

Во изминатите три години пишувавме и истражуваме шверц на муниција во балканските држави, перење пари за белосветски криминалци, терористи и високи државници, кражба на природните ресурси и државниот имот, непотизам и партиски злоупотреби на медиумите, шпионажа и дигитални злосторства против демократиите. Нашите и ваши непријатели се високо корумпирани и добро поврзани.

Сепак, овие приказни не допреле до мнозинството граѓани бидејќи голем дел од популарните медиуми ретко ги пренесуваат соочени со притисокот на соптвениците, рекламерите или партиските притисоци. Да бидеме искрени, не е никаква тајна дека медиумите во земјава се мноштво поседувани или финансирани токму од оние кои ги истражуваме.

Но, каде сте вие граѓаните, каде е она што е важно за вас. Борбата против корупцијата нема да дојде само затоа што некоја политичка партија тоа го ставила во својата програма. Вие можете да направите нешто. Свесни сме дека во овие околности новинарите немаат доверба и не ви се лутиме ако се сомневате. Но, од вас бараме шанса да ја заслужиме и оправдаме довербата што ја бараме. Затоа доаѓаме.

ИРЛ почнува нов проект наречен Мобилни Редакции. Ќе одиме од село во село, од град во град, регион по регион ќе ја поминеме Македонија. Вие сте повеќе од она што ви го кажуваат силеџиите кои ве уценуваат со работни места и посилни од оние кои ги експлоатираат вашите и наши реки, кои ги сечат вашите и наши шуми и етапно не осиромашуваат.

Истражувачките новинари на ИРЛ заедно со тим на млади продуценти кои досега немале шанса да работат во македонските телевизии ќе патува низ повеќе региони во земјава, почнувајќи од Североисточниот регион, Полошкиот и Југоисточниот кои се планирани да се минат оваа пролет. Ќе го употребиме нашето знаење, вештини и млад ентузијастичен тим за да истражуваме локална корупција и ефекти од корупција.

Наши партнери во овој проект се Антикорупциската комисија и Државниот ревизор како значајни независни институции. Ова се и клучните институции кои што со ваша и наша поддршка можат да допринесат во борбата за значајни политички промени кои ќе имаат вистински позивитен ефект врз животите на сите граѓани.

Прв регион кој ќе го посетиме е северистокот. На први март ќе ја отвориме регионалната канцеларија во Северистокот која што се наоѓа во просториите на Црвениот крст во Крива Паланка. Пристигаме на 8ми март, а канцеларијата ќе биде отворена на 9ти март.

Посетете ги нашите канцеларии на следните датуми:

Крива Паланка  од 08.03.2020  до 22.03.2020
Тетово од 06.04.2020 до 18.04.2020
Струмица од 04.05.2020 до 16.05.2020

Ништо на овој свет не е помоќно од здружените граѓани. Дајте ни шанса да ви покажеме дека се грижиме, а вие дајте ни ја вашата моќ за заедно да  откриеме каде се парите што требаше да бидат кај вас.

Главен и одговорен уредник,

Сашка Цветковска

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »