Европската федерација на новинари (EFJ) и Меѓународната федерација на новинари (IFJ) денеска остро реагираа по вчерашната одлука на Апелациониот суд во Скопје против ИРЛ и главната уредничка Сашка Цветковска, оценувајќи дека судот отвора пат за цензура, а судската одлука е оквалификувана како опасен авторитарен потег кој треба да се ревидира.
Апелацискиот суд ја отфрли жалбата на ИРЛ и Цветковска и ја потврди првостепената пресуда во која пишуваше дека Анѓушев бил наклеветен и оти ИРЛ не е медиум.
Станува збор за случај кој произлезе по објавата на истражувачкиот документарец на ИРЛ „Заговор против воздухот“, емитуван во 2021 година на МРТВ каде беше споменат и Анѓушев, кој во текот на истражувањето беше вицепремиер.
Двете меѓународни новинарски федерации низ изјави на нивните први луѓе кои денеска ги објави Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во Македонија (ССНМ), оценија дека судскиот притисок врз независното новинарство во овој случај ќе има далекусежни последици врз слободата на медиумите во земјава.
Генералниот секретар на Европската федерација на новинари Рикардо Гутиерез не ја криеше огорченоста од граѓанската пресуда:
„Европската федерација на новинари, која претставува 300.000 новинари во 44 европски земји, вклучувајќи ја и Македонија го осудува овој опасен авторитарен потег. Во демократијата, не е до властите да одлучуваат кој е новинар и што претставува медиум“, наведе Гутиерез.
Тој додаде: „Апелацискиот суд донел пресуда што е целосно спротивна на фактите. (Очигледно е дека ИРЛ е медиум и дека неговите новинари произведуваат новинарски содржини) и го надминува легитимниот опсег на своите овластувања сугерирајќи политичко дејствување што е репресивно и спротивно на сите европски правни стандарди за слободата на печатот“.
Според Гутиерез, оваа одлука ги охрабрува политичките власти еднострано да одлучуваат кој е новинар или која организација заслужува статус на медиум.
„Бараме темелна ревизија на оваа пресуда, која е исто толку орвеловска, колку што е и погрешна“, вели генералниот секретар на EFJ.
Генералниот секретар на Меѓународната федерација, Ентони Беланже, пак реагираше дека „одлуката претставува опасен преседан за слободата на печатот во Македонија и Европа“.
„Меѓународната федерација на новинари ја осудува одлуката на Апелацискиот суд да ја потврди првостепената пресуда во која редакцијата на ИРЛ е осудена за клевета. Ниеден суд не може произволно да дефинира кој е новинар или што претставува медиум, особено кога работата за која станува збор јасно спаѓа во рамките на истражувачкото новинарство и е емитувана на национален јавен канал“.
Претставникот на оваа организација која претставува 600.000 новинари во светот додава дека „со тврдењето дека невладината организација не може да произведува новинарска содржина, судот го отвора патот за институционализирана цензура. Барањето медиумот да чека бесконечно одговор пред објавување е еднакво на давање на вмешаните лица право на вето врз информации од јавен интерес“.
Беланже предупредува дека ова е спротивно на европските стандарди за слобода на изразување и додава:
„Меѓународната федерација на новинари изразува поддршка на ИРЛ, Сашка Цветковска и ССНМ. Ги повикуваме властите да обезбедат судовите да ги почитуваат уставните принципи и европската судска пракса што го штити новинарството, без оглед на неговиот организациски модел.“


















