Обвинителството ќе чека прво да постапат надлежните институции за легализацијата на викенд-куќата на професорот Фатон Мурсели на Попова Шапка. Доколку инспекциите не проверат, тогаш Обвинителството по „допрен глас“ ќе истражува како угледниот професор од Државниот тетовски универзитет успеал да узурпира и да добие на подарок легализирана дивоградба на плац кој не е негов преку сомнителна постапка.
Известуваат: Иван Блажевски; Пелагија Стојанчова
Двапати во изминативе осум години запирала постапката за легализација на викенд куќата на Попова Шапка чиј актуелен сопственик е професорот на државниот Тетовски универзитет, Фатон Мурсели.
Минатата недела ИРЛ објави како мрежа од геодет, општински службеници и инспектори сториле сѐ за да личи дека викендичката е легализирана дивоградба изградена пред 2011-та, иако истата била изградена во 2024 година.
Според документацијата што ни ја доставија од Општина Тетово, може да се види дека постапката за легализација првпат била прекината по само неколку денови од поднесување на барањето во 2016 година. Констатирале дека поднесувачот на барањето за легализација, Сали Исени, сега иселеник во Данска од тетовското село Нераште, ги немал сите потребни документи.
Барањето го поднел на 29 март 2016 година, но веќе на 6 април истата година постапката била прекината. Немал геодетски елаборат и имотен лист за земјиштето. Во документот е наведено дека постапката ќе продолжи откако ќе бидат доставени бараните документи.
Но, во Заклучокот за прекинување на постапката не се наведува оти Исени не поднел ниту дополнителен доказ (сметки од комунални услуги) или изјава, а со кои би потврдил дека дивоградбата за која бара легализација веќе претставувала функционална целина пред март 2011 година, како што се бара со Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Тој поднел изјава дури лани.
Но и на 27 февруари 2024 година Секторот за урбанизам во Општина Тетово повторно ја прекинал постапката за истиот предмет, овој пат поради друга причина.
Било утврдено дека дивоградбата е изградена надвор од градежно земјиште, односно на пасишта. Било заклучено дека постапката ќе продолжи дури откако Советот на општината ќе донесе одлука за утврдување на потреба од проширување на урбанистичко-планска документација. Откако подоцна истата година Советот донел таква одлука, легализацијата завршила.
Сали Исени добил имотен лист, но неколку недели подоцна модерната куќа му ја подарил на професорот Фатон Мурсели, чија сопруга Ревиде Рамани Мурсели работи во Секторот за урбанизам на Општината, а воедно е и претседателка на општинската Комисија за урбанизам во Тетово.
Тетово нѐ упати кон „надлежните“, редовна инспекција во Општината
ИРЛ повторно се обрати до Општина Тетово. Прашавме што ќе преземат во однос на неправилностите кои новинарите ги открија во овој случај – геодетски елаборат каде недостасуваат точен час и време на дигиталниот потпис, координати од мерење кои не укажуваат дека геодети вршеле премер на Попова Шапка во 2017 година на локацијата. Откривме и изменети документи од утврдени неправилности од инспекциски надзор над дивоградбата која потоа Фатон Мурсели ја добил на подарок.
Од општината ни одговорија дека не се согласуваат со наводите изнесени во истражувањето.
„Доколку поседувате било какви докази за потенцијална злоупотреба, Ве молиме истите да ги доставите до надлежните органи“, ни посочија во дописот од Општина Тетово.
Од Државниот управен инспекторат нѐ информираа дека од неделава во тек е редовен инспекцискиот надзор во Општина Тетово и тоа во Секторот за урбанизам во дел од постапките оформени по поднесени барања за легализација на дивоградби. Но, нагласија дека надзорот им бил планиран уште минатата година и не станува збор за инспекција иницирана од истражувањето на ИРЛ каде беа нотирани пропусти во постапувањето на општинската градежна инспекција.
Уште еден доказ дека на местото немало куќа пред 2024 година
ИРЛ веќе објави сателитски снимки од глобалниот интернет-пребарувач „Гугл мапс“. На нив може да се види што имало на определено место во определени години. Забележавме дека во 2016, 2017 и 2022 година на плацот немало куќа. Таа се појавува дури во 2024 година. Потврда за тоа добивме и од пет видеа снимени со дрон на Шапка и објавени на Јутјуб во 2016, 2017, 2019, 2020 и во 2023 година.
ИРЛ неделава пронајде и дополнителен доказ дека во 2017 година на плацот каде што сега се наоѓа куќата на професорот Мурсели, немало куќа-дивоградба, туку само плоча.
Имено, во конечниот предлог-урбанистички план за период 2017- 2027, кој сѐ уште не е донесен, а се однесува за Попова Шапка и за катастарските општини Лисец и Гајре, сегашната викендичка на Фатон Мурсели е обележана со жолто квадратче со точки. Според легендата, тоа означува бетонска плоча. Дивоградбите се означуваат со два поинакви симболи и со црна боја.

Во геодетскиот елаборат, кој бил додаден како неопходна документација за легализација на дивоградбата, најдовме страница што личи на оригинален податок од извршено теренско мерење. Но, таму не најдовме електронски доказ оти во 2017 година геодети од „Геополог“ биле на Попова Шапка и ја измериле куќата за која Сали Исени барал легализација.
Тоа е процес при кој документ или договор се означува со датум кој е претходен на вистинскиот датум на неговото создавање или потпишување. Во овој случај, тоа значи дека елаборатот бил изготвен не во 2016 (затоа што тогаш на локацијата немало куќа), туку дури во 2024 или 2023 година откако викендичката била незаконски изградена.
Агенцијата за катастар молчи за инспекцијата во „Геополог“
Откако минатата недела ја објавивме сторијата, до нас се обрати адвокат од Тетово кој застапува клиент за сосема друг предмет и за друго населено место. Но, она што ги спојува двата случаја е токму фирмата „Геополог“, односно нејзиниот управител Ајдин Нуредини.
Од документацијата во која имавме увид, видовме дека адвокатот во септември 2024 година побарал од Агенцијата за катастар да изврши вонредна инспекција во „Геополог“ под сомневање дека во геодетски елаборат од фирмата вцртале објект кој не постоел во времето за кога се тврдело. На крајот на октомври од Катастар одговориле дека Секторот за контрола и надзор ќе отпочне постапка за утврдување на законитоста на работата на „Геополог“.
ИРЛ од Агенцијата за катастар побара информација за случајот и прашавме дали била донесена некаква одлука за постапувањето на „Геополог“, односно за Ајдин Нуредини? Од катастарот не ни пратија одговор.
Поради тоа за случајот се обративме и до Комората на трговски друштва за геодетски работи. Нејзиниот претседател Никола Рибароски ни изјави:
„Комората не е запознаена со овој случај, но и со неколку други случаи во последнава година и пол, а сето тоа поради тоа што на Комората насилно и незаконски ѝ се одземени јавните овластувања од претходното раководство на Агенцијата, тврдење кое е потврдено со правосилни судски пресуди.“
Рибароски додава дека досегашната пракса покажува оти по доставена претставка, Агенцијата експресно реагира и вообичаено во најкус можен рок одзема овластувања и лиценци за работа на компаниите, но нагласи дека Агенцијата сега никој не ја контролира.
Нуредини од „Геополог“ во минатото веќе бил во суд за случај со наводна незаконска легализација и приватизација на државно земјиште во Тетово. Според Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, делото било сторено во периодот 2011-2012 година, истрагата отворена во 2019 година и поднесено обвинение. Во обвинението се наведува дека двајца од обвинетите со умисла го поттикнале Нуредини да изработи геодетски елаборат во кој бил прикажан непостоечки објект. Со измените на Кривичниот законик од 2023 година кривичната постапка запрела поради застарување на делото.
Засега во тетовското обвинителство нема кривична пријава против професорот Фатон Мурсели за градењето на диво и за процесот на легализација на викенд-куќата од 132 метри квадратни. Од Основното јавно обвинителство за ИРЛ објаснија дека доколку инспекциите не постапат за овој случај, тие ќе оформат предмет по „допрен глас“.
Во продолжение може да ја погледнете видео сторијата на ИРЛ: „Од угледен професор до дивоградител на Шапка“.