Press "Enter" to skip to content

Ахмети и Груби на вечера со Заев пред Бадник во Струмица

Груби не признава корупција во ДУИ, но не е шокиран од изјавите на американската амбасада за назначувањето на Ислам Абази за обвинител за организиран криминал. Признава дека имало корупција и криминал во Македонија, па ги повтори старите заложби на ДУИ и СДСМ за ветинг во судството. На вечерата со Заев, сепак не зборувале за маките на граѓаните Македонци и Албанци со правосудството и системската неправда. 

Пишува: Бојан Стојановски

Започна во невладиниот сектор пред повеќе од 15 години. Продолжи во Холандската амбасада каде што инстантно беше отпуштен откако учествуваше во тепачки со етнички предзнак на Калето. Денеска Артан Груби е прв помеѓу вицепремиерите, а во моментов е под оган во партијата иако ја ужива заштитата на Али Ахмети. Миленик е и десна рака на Али Ахмети, а тоа го доведе и до високите позиции во Демократската унија за интеграција (ДУИ). Но, неговиот брз хиреахиски напредок, како во партијата така и во Владата, ги разгоре страстите во ДУИ – „Огнената група“ бара Али Ахмети да го смени од вицепремиер. Но наместо смена, засега неразделните Ахмети и Груби пред Божиќ биле во Струмица на гости кај поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев. Разговарале за политичката ситуација, а екс премиерот ги убедил дека не крои сценарио како ДУИ да биде исфрлена од евентуално нова широка влада.

Политички турбулентниот период во ДУИ, несогласувања и остри тонови, Артан Груби да биде променет од прв вицепремиер во Владата, засега не допираат до претседателот на партијата Али Ахмети. Политички Груби останува безбеден, а барањата на таканаречената „Огнена група“ за демократизација на ДУИ нема да бидат исполнети. Артан Груби во поткастот „Разговор во редакција“ посочи дека и во минатото до Ахмети доаѓале барања од истакнати членови и партиски ограници да бидат сменети одлуки на Ахмети кога станува збор за негови кадровски решенија. Груби објасни дека не се точни тврдењата на неговите сопартијци – Изет Меџити, Блерим Беџети и останатите од „Огнената група“ дека се реализирани само два отсто од програмските ветувања на ДУИ дадени 2020 година на предвремените парламентарни избори. Во момент кога „Огнените“ започнаа средби со партиски членови по Нова Година, со исто темпо и партиски трибини возвратија и Ахмети – Груби. Сепак, тие двајца освен на средби со членството, пред Божиќ биле и на неформална средба со Зоран Заев. Поканата за Али Ахмети да оди во Струмица била оддамна, но поради политичките шпекулации дека Заев кумува на евентуална широка влада без присуство на ДУИ, бил доволен повод лидерот на ДУИ за прв пат во својот живот да ја посети Струмица.

„Сега брзо, на петти јануари, ден после роденденот на господинот Ахмети. Значи на 5ти јануари. Се видовме со господинот Заев како што ви кажав, разговаравме околу четири часа. Он ни беше домаќин, за прв пат господинот Ахмети отиде во Струмица да се види со господинот Заев на негова покана и разговаравме околу актуелностите. Така што и околу господинот Заев и од сите учесници на тој состанок од 21 декември, вклучително и премиерот Димитар Ковачевски сме уверени и апсолутно веруваме дека такви некои сценарија не се ниту разгледувани, не се ниту прифатливи. Ниту за господинот Заев, ниту за претседателот и премиерот на СДСМ, Ковачевски“, рече Артан Груби во поткастот „Разговор во редакција“.

Повод за состанок помеѓу Заев и Ахмети, бил состанокот кој на 21 – ви декември се одржал помеѓу поранешниот и сегашниот премиер и шпекулациите дека се кова широка влада помеѓу ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ и исклучување на ДУИ од власта. Груби е убеден дека по средбата со Зоран Заев, ДУИ не го дефакторизирала актуелниот премиер Димитар Ковачевски.

„Не, апсолутно. Јас мислам, односно не мислам, знам дека господинот Ковачевски има целосна и апсолутна поддршка од господинот Заев и од сите структури, вклучително тука и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и другите предводници на СДСМ“, вели Груби.

Освен за шпекулациите дека се подготвува евентуално маргинализирање и праќање во опозција на ДУИ, Заев, Ахмети и Груби разговареле и како да се дојде до 80 пратенци за Уставни измени.

„Значи ние нема за што да се договараме на средбата со господинот Заев, туку разговараме за можни начини со кои што би обезбедиле најмалку 80 гласови, а идеално сите да гласаат за уставните измени и секако разговаравме за тоа како беше во 2017та и 2018та, 2019та и како е можно да се реализираат уставните измени и сега. Секако со огромен придонес овде и предводник на целиот процес е премиерот Ковачевски. Имаме идеји, имаме иницијативи, не подалеку од неделава веќе ги започнавме процесите и верувам дека јавноста ќе не поддржи целосно но ќе не поддржи и опозицијата“, објасни Груби. 

Груби зборуваше и за Уставните измени кои се направија за Преспанскиот договор. Тогаш требало да има повеќе гласови од ВМРО – ДПМНЕ.

„Најдовме повеќе. Но други потклекнаа од притисокот“, рече Груби кога во јануари 2019 година се гласаше во Собрнието договорот од Преспа.

Првиот вицепремиер во поткастот „Разговор во редакција“, рече дека не знае зошто „Огнената група“ инсистира толку тој да замнине од владата.

„Па, навистина не би знаел точно да ви кажам. Затоа што пред мене го немаат кажано тоа во директни разговори“, изјави Артан Груби.

Една од клучните забелешки на Изет Меџити, Блерим Беџети и Невзат Бејта, фронтмени на „Огнената група“, е дека Артан Груби акумулирал огромна моќ и е главен кадровик во ДУИ.

„Ниту едно именување не е направено од моја страна. Формално предлагам на влада, но видете ги кадрите од Сарај, од Чаир, од Тетово, па ќе видите“, посочи Груби

Артан Груби во поткастот зборуваше и за изборот на Ислам Абази за шеф на обвнителството за гонење организиран криминал и корупција. Вели дека не го знаел пред да биде избран на позицијата но е шокиран од односот на медиумите кога објавија дека Абази е во друштво на лидерот на ДУИ Али Ахмети како и со Невзат Бејта поранешен градоначалник на Гостивар а сега дел од „Огнената група“.

„Па и во приватно хоби се сретнале на Кораб планина. Го објасни тоа господинот Абази. Не сакам да бидам негов адвокат воопшто. Но, апсолутно се неприфатливи и шокиран сум од реакциите на медиумите по однос на неговиот избор и по однос на поврзувањата. Ќе извадите некоја теорија дека некој нешто..Не, од кој факт кажете ми, еден факт“, рече Груби и посочи дека не е шокиран од реакцијата на амбсадата на САД која порача дека се изненадени како Ислам Абази стана шеф на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и додаде дека жали дека медиумите се сурови кон Абази зашто бил Албанец. 

Груби најави и либеразлизација на игрите на среќа со втора видеолотарија.

„Иницијативата на оваа Влада и политика на оваа Влада, сите монополи сите  концентрации да ги либерализираат да ги демонополизира во било која индустрија вклучително и оваа. Апсолутен приоритет на ДУИ беше Законот за игрите на среќа. Го направивме Законот за игрите на среќа во Министерство за финансии, го поднесе господинот Бесими, го усвоивме на Влада, го пративме во Собрание, го блокираше целосно ВМРО-ДПМНЕ чии интереси брани?“, изјави Груби и посочи дека го повлекле старото законско решение, подготвиле нов кој ќе помине на седница на Влада и без можност ВМРО – ДПМНЕ да го блокира во Собрание. 

Вицепремиерот зборуваше и за едно од клучните ветувања на ДУИ насочено кон Албанците – за автопатот од граничниот премин Блаце до Скопје. Делницата која треба да ја гради американско турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ заглави оти хрватска компанја која требаше да го врши наздзорот во управниот одбор имаше директори од Русија. Договорот се раскина.

„Не сакам да имаме ништо со нив. Едноставно.  Значи се шокирав од анкетата што беше представена пред некој ден дека се гледа со огромна симпатија кон Русија и кон руската агресија кон Украина.Не сакаме ниту убав поглед ниту насмевка да ни дојде од таму, Затоа што само лошо добиваме“, рече Груби и посочи дека ако одредени функционери од ДУИ имале еветуално конекции со Русија, институциите мора веднаш да реагираат. 

Груби се согласи дека во Македонија има корупција и ја повтори старата заложба на ДУИ за ветинг во правосудството и во политиката.