Press "Enter" to skip to content

 Брза стапица

На финансиската тиранија која што таканаречените продавници за пари ја вршат врз населението им кумува и државата. Тие ги озаконија енормно високите трошоци и без речиси никаква контрола оставија простор за безброј манипулации и злоупотреби. 

Известува: Александар Јанев

 

„Ако земете брз кредит од нашето финансиско друштво, ќе вратите и до петпати повеќе од тоа што сте позајмиле.“

Ова нема да го чуете во ниту една реклама за кое било финансиско друштво, туку е извадок од интерен документ на едно вакво друштво од крајот на 2023 година. Со него една од најголемите „продавници за пари“, која одобрува брзи кредити во земјава, но и во соседна Албанија, се обраќа до маркетинг-агенција за да ѝ подготви медиумска кампања. Со неа сакала да го подобри својот имиџ во јавноста токму поради негативната перцепција што граѓаните ја имаат за овие друштва како последица на високите трошоци поради кои клиентите финансиски заглавуваат до безизлез.

Во истиот документ финансиското друштво открива дека нивен главен таргет се ниската и средната класа граѓани на возраст меѓу 25 и 55 години. Како главна предност од земањето пари од кај нив бараат да се истакне побрзата постапка во споредба со конкуренцијата и немањето потреба од обемна документација. Доволна е само лична карта. Целта на кампањата е да постигнат најмалку двојно зголемување на кредитните апликации, да им се подобри имиџот и нивната компанија да се позиционира како прв избор при земањето брзи кредити во Македонија.

Каков е исходот од ваквата маркетинг-кампања што конкретното друштво ја побарало за оваа година, не знаеме. Но, факт е дека во медиумскиот простор се води агресивна промоција на финансиските друштва по телевизиите, радијата и особено на социјалните мрежи.

Според податоците до кои дојде ИРЛ од годишните сметки на сите финансиски друштва за лани, сите заедно потрошиле околу 3 милиони евра за рекламирање. Тоа ги прави едни од најголемите маркетинг-огласувачи на пазарот бидејќи на секои 1 000 евра потрошени за реклами во електронските медиуми, 150 евра биле од финансиските друштва.

На нивниот радар главно се посиромашните граѓани, односно оние што потешко се квалификуваат да добијат кредит од банка. А, во земја во која царува сиромаштијата, очигледно нивниот пазар е голем.

Како сиромашна држава со слаби институции и проблеми со владеење на правото, нешто што е наведено во домашни и странски извештаи, очекувано беше дека Македонија и дел од земјите во регионот ќе бидат следна дестинација за поход на овие бизниси за брзо кредитирање, пред да почнат да се шират на африканскиот континент. 

Смислата на микрофинансирањето во суштина беше да биде алтернатива на банкарскиот сектор. Па така, преку поголема конкуренција на финансискиот пазар сите ние како граѓани и бизниси да имаме подобри услови да можеме да позајмиме пари. Но, наместо тоа, очигледно е дека низ годините фокусот на нивното работење целосно се измести. Нивен најголем таргет станаа најсиромашните граѓани кои не можат да земат кредит од банка.

Потенцијални клиенти на микрокредитните друштва се всушност над 100 илјади невработени граѓани. Потоа следуваат 172 илјади работници што ја земаат актуелната минимална плата во земјава од 365 евра. Трети потенцијални клиенти се уште 242 илјади луѓе што ја земаат просечната плата од 640 евра, но сепак недоволна за да ја покрие барем минималната потрошувачка кошница. Тоа значи дека потенцијална целна група на микрофинансиските друштва кај нас се најмалку половина милион граѓани.

Зората на бизнисот со брзите кредити

Оваа социјална слика, која е карактеристична за земја во развој, очигледно е плодна почва за богатите тајкуни тука да ги оплодуваат своите пари позајмувајќи им на посиромашните, со многу високи трошоци. „Земи малку, врати многу“ е концепт кој одамна функционира како нелегална активност позната како лихварство.

Со уверување дека со закон ќе ги сузбијат лихварите, властите пред 15 години го легализираа концептот за позајмување и почна ерата на малите кредити.

Во 2010 година тогашната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ донесе посебен Закон за финансиски друштва. Со него се овозможи да се отворат повеќе вакви небанкарски кредитни институции, од кои во моментов активно работат 27 друштва.

Најголем дел од капиталот во финансиските друштва доаѓа од странски земји. Трансакциите на сопственички капитал покажуваат дека најмногу пари, околу 3 милиони евра, дошле од Естонија во финансиското друштво „Иуте“. Потоа од Латвија влегле над 2,5 милиони евра во „Финмак“, а околу 2 милиони евра од Бугарија кон неколку финансиски друштва. Освен тоа, евидентирани се и приливи од Русија, Кипар, Луксембург, Чешка, САД.

Дел од луѓето зад финансиските друштва се контроверзни ликови со сомнително минато.

Еден од најпознатите сопственици е таканаречениот „крал на брзите пари“ од Летонија, Аигарс Кесенфелдс, кој е вистински сопственик на „Финтек“, познат по брендот „Тиго“.

Според колегите од Центарот за истражувачко новинарство „Ре Балтика“, „Кесенфелдс ги користи истите деловни методи за лов на клиенти во странство кои сега се забранети со закон во Латвија.“ Фирми поврзани со него веќе ги изгубија лиценците за микрофинансирање во Косово и Ерменија.

Од Русија на пазарот е присутен милијардерот Олег Викторович-Бојко кој се наоѓа на листа на санкции на три држави – Украина, Канада и Австралија. Американското Министерство за финансии го стави Бојко на таканаречениот „список на Путин“, листа на која се наоѓаат „високи странски политички фигури и олигарси во Руската Федерација поради нивната блискост со рускиот режим и поради нивното богатство.“

Но, на почетокот на овој месец до Комисијата за заштита на конкуренцијата во Скопје пристигна известување со кое се вели дека Бојко сака да ја продаде компанијата за „брзи пари“ на „ОДМ колекшнс“ (ODM Collections) регистрирана во Белград.

Од Бугарија, освен познати бизнисмени, како сопственици на ваков бизнис, во земјава се јавуваат и синови на поранешната министерка од редовите на Социјалистичката партија, Весела Лечева.

Меѓу најголемите финансиски друштва со македонски капитал е и битолското „СН финансии“ чиј сопственик е бизнисменот Никола Јошевски, кој е и претседател на Групацијата на небанкарски институции. Меѓу другите звучни имиња на сопствениците на бизниси за брзи кредити се и синот на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски – Лав Георгиевски, како и членови на семејството на поранешниот функционер Борис Стојменов.

Но, и покрај тоа што голем дел од странските финансиски друштва доаѓаат од земји кои се наоѓаат на разни црни листи како ризични зони за перење пари, според нашата последна Национална процена на ризик, државата оценила дека финансиските друштва во Македонија не се ранлив сектор, односно утврдила низок ризик од перење пари.

Нашите сознанија од извори од Управата за финансиско разузнавање велат дека имаат откриено девет сомнителни трансакции евидентирани за случаи за перење пари кај седум финансиски друштва, и тоа шест со странски капитал и едно со домашен.

Од Управата за финансиска полиција, пак, ни рекоа дека за овие предмети со години не се постапувало и оти сега собираат докази.

Беа промовирани со фанфари како финтек-компании, што значи фирми кои ќе внесат иновации на финансискиот пазар. Но, наместо тоа, практиката од последниве години укажува дека овие компании повеќе настојувале да внесат нови алатки преку кои ќе соберат што повеќе пари од клиентите искористувајќи ја слабата финансиска писменост на граѓаните – преку разни провизии, надоместоци и други измислени трошоци. А, сето ова е одобрено, односно озаконето од државата.

Премали според теорија, преголем проблем за да бидат игнорирани

Финансиските друштва претставуваат само 1,3% од целата домашна економија, но се толку брзорастечки што веќе ги престигнаа и станаа поголеми и од лизинг-секторот и штедилниците. Нивното кредитно портфолио е веќе поголемо од кредитите што, на пример, им ги одобрува на граѓаните некоја од помалите банки во земјава. 

Всушност, граѓаните имаат повеќе брзи кредити отколку во Капитал банка, ТТК, Силк роуд, Стопанска банка Битола и Централна кооперативна банка. 

До крајот на 2023 година активни се над 222 илјади кредити. Тоа е колку сите граѓани на Куманово, Тетово и Битола, буквално сите попишани жители во трите најголеми града после Скопје, да имаат барем по еден брз кредит од овие друштва. 

Финансиските друштва годинава заклучно со септември имаат издадено кредити во вкупна вредност од нешто над 170 милиони евра.

Број на активни кредити и кредитно портфолио по години

Ова е исклучително успешен бизнис. 

Профитот на сите финансиски друштва почнува да расте од 2018 година, кога секторот првпат покажува скромна добивка наспроти загубата една година претходно. Потоа во 2019 година секторот има десеткратно поголем профит. Добивката континуирано расте низ годините, па така во 2023 година достигнува 21 милион евра.

10 најголеми и најпрофитабилни финансиски друштва
10 најголеми и најпрофитабилни финансиски друштва

Кога овој профит ќе се стави во контекст на сите средства (актива) што ги имаат финансиските друштва (сопственички капитал и обврски), произлегува дека на секои илјада евра друштвата прават 150 евра профит. И тоа е шест пати повеќе отколку банките, за кои перцепцијата во јавноста е дека се меѓу најпрофитабилните компании.

По одделни финансиски друштва, речиси половина од целиот профит во секторот во 2023 година го направило едно од нив. Тоа е „Флекс кредит“ со добивка од речиси 9 милиони евра. Меѓу првите пет друштва со најголеми добивки се и „Финмак“ попознато во јавноста како „Тиго“, потоа „М кеш“, „Финансиски кредитен центар БС“ и „Кредисимо“.

Од друга страна, најголемото друштво според остварени приходи од камати и провизии, „Иуте“, има многу помала добивка од просекот. Според деталниот биланс на успех, друштвото прокнижило трошоци за консултантски услуги и камати кон сопственички поврзана фирма од околу 6,7 милиони евра, што е третина од сите остварени приходи.

Астрономски трошоци легализирани со закон

Добивките доаѓаат од високите камати и од трошоците што ги наплатуваат од граѓаните кои законски може да достигнат дури 130%. А, бидејќи секој втор задолжен, според Народната банка (57% од кредитите се наплатуваат со задоцнување), не може да го врати кредитот навреме, тогаш трошоците растат до астрономски суми.

Како се доаѓа до предвидените трошоци од 130% за еден кредит?

Кога еден граѓанин зема потрошувачки кредит од банка или од финансиско друштво, стапката на вкупни трошоци (СВТ), што е всушност горната граница на максимални трошоци, може да достигне најмногу до 70% годишно. Односно, стапката на казнена камата за граѓаните е зголемена петпати.

Овие трошоци вообичаено ја вклучуваат каматата која речиси секогаш е во рамките на законскиот лимит, во моментов до околу 14% годишно. Потоа следуваат надоместоци и провизии за администрирање и одобрување кои всушност ја зголемуваат цената на кредитот до максималните 70%. 

Но, она што најмногу нѐ изненади е што државата, која наместо да ги заштити граѓаните, се чини дека станала соучесник во нивното финансиско угнетување. 

Кога минатата година се носеа измените во Законот за финансиски друштва, јавноста се манипулираше дека трошоците за брзите кредити ќе се ограничат на 60%. Меѓутоа, тоа се легализираните дополнителни услуги, како на пример, за финансиско советување, експресна обработка, ВИП-услуги или итно процесирање на кредитот. 

Тоа што произлезе како обврска од последните законски измени лани, државата го донесе дури кон средината на годинава, а тоа се неколку правилници со кои Министерството за финансии се обидува да воспостави ред во хаосот во овој сектор. Тие правилници дефинираат нови ограничувања во максималниот износ на кредитирање на граѓаните најмногу до 70% од нивните приходи, освен за кредите до 10 илјади денари, за кои не важи овој лимит. Со Правилникот за управување со кредитниот ризик, Министерството уредува и како се утврдува кредитната способност на клиентите и притоа бара да се земат предвид имотната состојба на клиентот; остварените приходи; нивото на задолженост и сл.

Кога на тие ќе се додаде стапката на вкупни трошоци, тогаш се доаѓа до оние 130%.

Со тоа се прекршува и Законот за облигациони односи, кој наложува сите трошоци за кој било кредит во земјава да не надминат максимални 100% од главнината. 

Од Народната банка, исто така во Извештајот за финансиска стабилност, нотираат: „И покрај законските ограничувања, должничкиот товар за корисникот на кредит од овие друштва и натаму е висок бидејќи пропишаната висина на сите трошоци, вклучително и каматата, го достигнува износот на главницата на кредитот.“

Друга работа што е забранета со последните законски измени, а и понатаму е вообичаена пракса е рефинансирањето кредити од исто друштво. Иако Законот тоа го забранува и предвидува одземање лиценца за ваков прекршок, на граѓаните што не успеваат да ги отплаќаат кредитите друштвата им ги рефинансираат, односно им ги „затвораат“ долговите одобрувајќи им нови поголеми кредити, а со тоа уште еднаш им ги пресметуваат сите трошоци. 

Секоја сличност со лихварството е случајна или сепак не?

Наративот во јавноста дека станува збор за озаконето лихварство е теза што се провејува со години.

Според членот 129 од Кривичниот законик, „лихварски договор е ништовен, со кој некој, користејќи ја состојбата на нужда или тешка материјална состојба на друг, неговото недоволно искуство, лекомисленост или зависност, ќе договори за себе или за некој трет корист која е во очигледен несразмер со она што тој на другиот му го дал или сторил, или се обврзал да му даде или стори“. 

Државата правно вака го дефинирала лихварството, но секоја сличност на оваа одредба со одобрувањето т.н. брзи кредити е правно недокажана. 

Но, пребарувајќи судски пресуди во Кривичниот суд, ИРЛ дојде до случаи што нѐ доближија поконкретно да направиме споредба со оваа појава. 

Откривме дека лихвари се осудени за ова дело и тоа за позајмување пари со камати многу пониски од вкупните трошоци кај брзите кредити. 

Две конкретни пресуди за лихварски договори до кои дојдовме покажуваат дека во едниот случај лихварот склучил договор за заем со камата од 5% месечно и „искористувајќи ја нуждата, тешката финансиска состојба и лекомисленоста на оштетените“ сторил кривично дело лихварство според чл. 260 од Кривичниот законик. Во другата пресуда за лихварство, месечната камата е 6%. И во двата случаи сторителите се казнети со парични казни.

ИРЛ имаше увид во дузина договори за кредити чии трошоци се многу повисоки од законски предвидените. Тоа го потврди и Министерството за финансии од каде што на нашите прашања одговорија дека при одредени контроли често се констатира дека друштва одобруваат кредити со годишна стапка на вкупните трошоци над законски дозволената.

ИРЛ пронајде граѓани што се задолжиле со микрокредити и чии искуства покажуваат дека за мала земена сума потоа мора да враќаат високи износи. 

„Јас имам земено 30 000-40 000 денари, ама долгот сега е стигнат до 100-120 илјади денари“, ни рече едно од лицата со кои зборувавме, но не сакаше да го објавиме неговиот идентитет. 

„Вкупно сите членови дома зедовме околу 6 000 евра, за кои сега во моментов треба да вратиме околу 20 000 евра, со извршители и со камати“, ни рече млада девојка од Скопје со која разговаравме во канцелариите на ИРЛ. 

Студент од внатрешноста на земјава, пак, кој престојува во Скопје, вели: „Зедов околу 200 000 денари, треба да се вратат околу 630 000 денари.“ 

Кога се знае дека станува збор за граѓани со пониски примања, ваквите долгови со неразумно високи трошоци, според дел од финансиските експерти, се закануваат да ја нарушат социо-економската стабилност, особено кај овие слоеви од населението. 

„Сиромашните стануваат посиромашни, а мал дел поединци се збогатуваат. И оваа социјална равенка е многу некоректна. Државата мора да води грижа и контрола над ова. Инаку, ќе се случи социјална експлозија на најзагрозените“, вели за ИРЛ универзитетскиот професор, академик Абдулменаф Беџети.

Според него, загриженоста е дека мал број луѓе ќе се збогатат врз основа на овие бизниси, а во исто време најголема грижа е во социјалното загрозување на и така социјално фрагментираното општество.

„Државата треба да се грижи како да го заштити населението. Тоа е суштината“, додава Беџети. 

 Безволна контрола од државата

Контролата над финансиските друштва во земјава е во рацете на Министерството за финансии. Оваа институција е легислатор и регулатор, односно ги носи законот и правилниците што го регулираат овој финансиски сегмент, а потоа врши супервизија над друштвата. Оваа институција ги издава и лиценците со кои една компанија со влог од половина милион евра (до лани потребниот минимум беше само 100 илјади евра) може да го кредитира населението. И токму зголемувањето на нивото на капитал отвора простор за уште помасовно кредитирање кое може да биде десетпати поголемо од капиталот и резервите. Тоа значи дека сега имаат потенцијал да направат кредитно портфолио од дури 680 милиони евра. 

Од стапувањето во сила на Законот за финансиски друштва пред 15 години се променија шест министри за финансии. Меѓутоа, и покрај огромниот граѓански притисок и поплаки, никој од нив не ја издигна супервизијата над финансиските друштва на потребното ниво што ќе гарантира целосна заштита на граѓаните. За разлика од 12-те банки кои се под строг надзор од Народната банка, 27-те друштва со повеќе од 220 подружници на целата територија на земјава ги контролираат само шест државни службеници од Министерството.

За разлика од претходниот министер за финансии Фатмир Бесими, во чие време (2020-2024) се случи „ренесанса“ во овој финансиски сегмент, односно се отворија многу вакви друштва и кој признава дека Министерството нема капацитет да ги контролира, новата министерка смета дека ја има ситуацијата под контрола. 

Со двајцата разговаравме во интервал од неколку месеци годинава. На истото прашање, дали сметаат дека се доволни само шест луѓе да обезбедат вистинска контрола, Бесими пред заминување од функцијата за ИРЛ одговори:

„Не е воопшто доволно и затоа ние имавме иницијатива ова да биде во Народната банка“, ни посочи тој. 

Но, неговата наследничка Гордана Димитриеска-Кочоска смета дека овој број службеници е сосема доволен за таа намена. 

„Да, затоа што и ревизиите кога се прават, се прават на избројан примерок. Тој што не работи согласно закон секако дека ќе излезе, а овие се луѓе кои исклучиво ќе работат на тоа, значи ова не се луѓе кои ќе работат и на друга проблематика во Министерството, туку исклучиво ќе биде ревизијата или контролата на финансиските друштва“, уверува министерката Димитриеска-Кочоска. 

Но, таа сепак додаде: „Доколку се постигне договор, уште сега би ги префрлила кај Народната банка затоа што сепак тие имаат долгогодишно искуство во овој дел и полесно ќе се справат.“ 

Анализирајќи ги високите трошоци за брзите кредити кои надминуваат најмалку двојно повеќе од позајмената сума, ги прашавме поранешниот и актуелната министерка за финансии дали тие лично би се задолжиле под вакви услови кај финансиските друштва.

Претходниот министер, Фатмир Бесими, вели дека никогаш не би му препорачал никому да подигне брз кредит кога има потреба од пари ниту, пак, ќе го правел тоа.

„Под вакви услови какви што кажавте никогаш не би препорачал да се позајмат финансиски средства за кои треба да се плати толкав трошок“, истакна Бесими.

Актуелната министерка во истиот ресор, Димитриеска-Кочоска, пак, вели дека колку и да е брз кредитот, ако е толку многу скап, тој е на штета на граѓаните.

„Кога јас лично би се прашувала, не би влегла во такви правни субјекти за да подигнам брз кредит. Сепак е одлука на секој од нас поединечно“, посочи таа.

Земјава е редок исклучок каде што надзорот над работењето на ваквите друштва за микрофинансирање не се под надлежност на централната банка. Но, оттаму нема никаква иницијатива да ги преземат финансиските друштва под своја капа. Народната банка постојано како аргументи во своја корист наведува дека се работи за незначаен дел од целиот пазар, без потенцијал да ја наруши финансиската стабилност. 

„Преземање таква надлежност бара една навистина подлабока, длабинска анализа. Точно е дека во глобални рамки има различни решенија во овој сегмент. Така што како институција сме отворени за дискусија, размена на мислења, поддршка“, ни одговори гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска. 

Уште еден битен аргумент со кој се чини дека се занемарува опасноста од финансиска нестабилност е дека овие друштва се недепозитни, односно фактот што не смеат да собираат депозити од граѓани и фирми, па потоа тие пари да ги пласираат како кредити.

Но, анализирајќи ги билансите на друштвата, ИРЛ откри дека тие сепак се финансираат и со пари на граѓани кои ги собираат преку специјални платформи. Станува збор за позајмици на кои плаќаат по 10-15% камата годишно. Според последните податоци од Народната банка, сите финансиски друштва од позајмици располагаат со 26,3 милиони евра. 

Истражувајќи ја праксата во целиот регион, на пример во Косово и Албанија, надлежни за ваквите небанкарски друштва се централните банки. Од она што го утврдивме, монетарните власти во Тирана и Приштина отишле подалеку од властите кај нас анализирајќи ги екстра профитите што ги правеле микрофинансиските институции на товар на најсиромашните граѓани, по што следувале и радикални чекори.

 „Свилен гајтан“ за гувернерот на Народната банка во Албанија

Албанското обвинителство летово замрзна околу 10 милиони евра средства на микрокредитните друштва „Микро кредит Албанија – МЦА“ (Micro Credit Albania – MCA) и „Финал“ (Final), како и на неколку физички лица. Централната банка во Тирана им ги одзеде лиценците на МЦА и „Финал“ и започна нивна ликвидација.

Во истрагата на Специјалното обвинителство за антикорупција (СПАК) за неправилности во сферата на микрокредитите е вклучен и гувернерот на централната банка, Гент Сејко. Истражните органи проверуваат дали Сејко можеби бил дел од некои пропусти или дозволил злоупотреби преку неисполнување на неговите обврски за надзор над овие финансиски институции.

Особено се истражува дали имало некакви пропусти во регулативниот надзор, што можело да придонесе за масовните измами извршени од МЦА.

Имено, беше откриено дека фирми како „Микро кредит Албанија“ и „Финал“ наводно користеле нелегални методи за наплата на долгови, вклучувајќи фалсификување, конфискација на имот без законска основа и манипулација со кредитни договори за да ги вовлечат корисниците во долгорочни долгови со високи камати.

Истрагата откри дека фирмите во соработка со приватни извршители и проценители со години ја злоупотребувале ситуацијата на должниците. Имоти на должници биле одземани и потоа продавани на аукции по ниски цени. Многу често овие имоти ги купувале самите кредитори или луѓе поврзани со нив. Се проценува дека во скандалот се оштетени околу 100 илјади албански граѓани.

Истрагата, според медиумските извештаи, откри и дека некои извршители незаконски додавале камати за доцнење и ја зголемувале вкупната сума на долгови.

Во таа насока, под истрага се најмалку тројца извршители. Тие се осомничени за неправилни постапки и принудна наплата на долгови на начин што ги нарушувал законите и правата на должниците.

„Ова е надвор од секоја едноставна економска логика и граѓаните ги тера во голема социјална депресија. Сме имале многу случаи кога граѓани од неможност да ги подмират обврските се самоубиле“, раскажа за ИРЛ адвокатот Албан Дурај во Тирана. Тој веќе неколку години бесплатно им дава правна помош на граѓани кои имаат проблем со фирми за микрокредити.

Трошоците за граѓаните во Албанија кои зеле кредити укажуваат на многу сличности со рамката во која ваквите компании работат и во Македонија.

„Каматните стапки се многу високи. Тие се и до 170%“, наведе во разговор за ИРЛ пратеникот на владејачките социјалисти во парламентот во Тирана, Ерион Браче. Тој е член на Комисијата за економија и финансии. Во ова собраниско тело повеќепати, како што ни кажа тој, се говорело и за проблемите што многу граѓани ги имаат со малите кредити.

„Има цели семејства кои изгубија важни имоти за сосема малку пари. За 10 или 20 милиони стари леки, односно 10-20 илјади евра. Не смее да се загуби куќа што чини 100 илјади евра за 10 илјади евра“, ни рече Браче.

Централната банка на Албанија подготвува нова регулатива за управување со оперативниот ризик од банките, институциите за плаќање и институциите за електронски пари. Со новата регулатива, која се очекува да стапи во сила на почетокот на 2025 година, небанкарските финансиски институции ќе мора да ја анализираат платежната способност на лицата што бараат кредити.

Одземени лиценци за работа и во Косово

Ексгувернерот на централната банка во Косово, Фехми Мехмети, на средба во Приштина во првата половина од годинава ни раскажа како две финансиски друштва кои работеле во таа земја ги загубиле лиценците. Тие во моментов работат и на македонскиот финансиски пазар.

„Конкретно за ‘Иуте кредит’, наплатуваа трошоци за кредитите дури и повеќе од 100%, иако во бизнис-планот што го доставиле имаа предвидено дека ќе применуваат ефективна каматна стапка од околу 30%, и покрај тоа што и оваа секако дека е превисока. Дополнително, имаше измами и при самите калкулации на трошоците, односно не ја пресметуваа ефективната каматна стапка како што се бараше со уредбите кои беа во сила“, раскажа Мехмети за ИРЛ.

Тој нагласи дека во тој период имало, како што рече, агресивна црна кампања против него и централната банка. Таа, вели, се случувала паралелно во медиумите и при секој настап на менаџерите на микрофинансиските институции по разни ТВ-дебати. 

Она што особено ги загрижило монетарните власти била информацијата дека ова друштво почнало да собира и пари од граѓани. 

„’Иуте кредит’ почна да собира и депозити. Иако на средбата лично со директорот уверуваше дека тоа не се депозити, туку позајмици, во основа, наречи ги како сакаш, тоа беа депозити. Ова беше исклучително загрижувачко за мене во тоа време како гувернер и веднаш беа обврзани собраните средства, околу половина милион евра, да им се вратат на сите граѓани од кои беа земени“, вели Мехмети.

Но, иако централната банка на Косово им дала рок да ги отстранат сите проблеми, се увидело дека друштвото продолжува со истиот тренд на кршење на законот. 

Чашата се прелеала по добивањето разузнавачки информации според кои друштвата што собираат пари од граѓани преку позајмици може да ја нарушат безбедноста на цела држава доколку едноставно решат да се повлечат од пазарот. 

Тогаш на „Иуте кредит“ му била одземена лиценцата за работа. 

„Овој случај отиде и до меѓународна арбитража и во ноември 2022 година ја добивме одлуката на арбитражата, кога беше одлучено целосно во полза на Република Косово, во полза на централната банка“, додава Мехмети. 

Тој ни објасни дека слично било и во случајот со друштвото „Монего“, кое во Македонија работи под името „Тиго“. И на ова друштво му била одземена лиценцата за работа. 

„Овие исти институции сега оперираат во Македонија и Албанија. Многу сум сигурен дека работат слично како што дејствуваа во Косово“, предупредува Мехмети. 

Но, од македонските разузнавачки служби ни рекоа дека немаат вакви сознанија за опасност во земјава. 

Меѓутоа, дебатата за самото постоење на финансиските друштва е исто така присутна во јавниот дискурс. Особено беше актуелна во предизборието годинава, кога сега владејачката албанска коалиција „Вреди“ им ветуваше на граѓаните затворање на т.н. продавници за пари. 

Ја прашавме министерката за финансии дали и таа го дели овој став на коалицискиот партнер? 

„Ако нешто ја наруши финансиската стабилност во државата, треба да се најде начин како полека да се излезе од тоа, но преку ноќ ништо не е возможно“, одговори Димитриеска-Кочоска за ИРЛ.

Од Групацијата на небанкарски финансиски друштва не ја прифатија поканата на ИРЛ за интервју и покрај неколкуте обиди од кои во еден дојде и до испраќање конкретни прашања. Наместо тоа, добивме писмен одговор од неколку реченици во кои велат:

„Со донесување на измените на Законот за финансиски друштва во јули 2023 година веќе се евидентни првите резултати: намален раст на вкупните средства, консолидација на пазарот, подигнување на стандардите во работењето и поголема транспарентност на услугите и цените што ги нудат друштвата“.

 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.