Press "Enter" to skip to content

Жан Митрев не чувстува вина, обвинителството ќе докажува дека мамел пациенти

Жан Митрев не чувстува вина. Обвинителката Искра Хаџи Василева тврди дека ќе докаже дека докторот мамел пациенти. Конечно по три одлагања, денеска започна судењето против кардиохирургот кој во истомената клиника нудеше метод на хемофилтрација како лек од корона вирусот.   

Жан Митрев не чувствува апсолутно никаква вина за измама на пациенти. По серија одлaгања на стартот на судските рочишта против него, докторот конечно од обвинителна клупа порача дека кривичното дело за кое се товари не го сторил. Стартот на процесот, донесе и воведен збор на обвинителката Искра Хаџи Василева. Таа пред судот рече дека ќе докаже вина кај клиниката и докторот, а фактите покажуваат дека во време на пандемијата за болест за која се знаело многу малку – граѓаните биле бомбардирани со совети од светски доктори, реномирани експерти, но и од македонски лекари за успешноста на КОВИД вирусот со хемофилтрација.   

„Здравствениот систем кај нас, како и речиси насекаде во светот не можеше да одговори на потребите. Ова беше нова болест за која не знаевме многу. Се појавија и тестираа многу нови лекови и постапки за кои сите се надевавме дека ќе делуваат на оваа болест. Така се појави и хемофилтрацијата, метод користен и порано за лечење на други болести, но во април 2021 доби вонредна дозвола од Американската агенција за лекови ФДА  за лекување на КОВИД 19. Она што беше напоменато од самиот издавач на дозволата е дека во никој случај оваа постапка не смее да се рекламира како успешна за лекување на КОВИД 19 и во секој случај јавноста да биде јасно информирана дека оваа постапка е одобрена во вонредна постапка и критични услови. Но тоа не е она што Жан Митрев го правеше. Тој на јавни настапи на телевизиски емисии, на веб страницата на неговата болница, на социјалните медиуми постапката на хемофилтрација ја рекламираше како проверена и успешна за лекување на КОВИД 19. Уште пред да влезат во болниците и пред да им биде направен преглед на идните пациенти хемофилтрацијата им била нудена како дел од пакет“, рече обвинителката Василева.

Таа порача дека во текот на постапката ќе биде презентиран извештај од вонреден надзор направен од 15 лекари од Министерството за здравство. Во извештајот лекарите нотирале дека на голем дел од пациентите на кои бил спроведен метод со хемофилтрација, немало убедлива потреба истата да се употреби, немало согласност од пациентите, како и дека кај 368 од 669 пациенти не биле исполнети условите за хемофилтрација.

Денешното рочиште започна со повторно барање на адвокатите на Митрев за одложување бидејќи од доказите недостигале 48 медицински досиеја на пациенти кои ги предложило Обвинителството. Обвинителката Искра Хаџи Василева рече сите докази биле доставени до судот и дека барањето за одложување е сосема неоправдано бидејќи одбраната не само што ги знае тие документи, туку ги има тие докази бидејќи таа ги доставила до обвинителството. Адвокатите на Жан Митрев воведеден збор ќе имаат на следното рочиште кое е закажано на 15 јуни.

Докторот Жан Митрев е обвинет дека со умисла довел во заблуда 283 пациенти болни од КОВИД 19 дека хемофилтрацијата го лекува вирусот, а целта била да заработи пари. Митрев ја искористил здравствената криза за време на пандемијата, хаосот во јавното здравство и агонијата на граѓаните кои се бореа со смртоносниот вирус и во јавноста методот хемофилтрација го промовирал како одобрен и ефикасен за лекување од КОВИД 19.

 

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »