Press "Enter" to skip to content

Уставниот суд го заштити Водно од намерите на големите инвеститори 

Уставниот суд одлучи да ја спаси децениската шума на Водно од багерите на бизнисмените кои сакаа зелениот појас да го претворат во елитна населба со бетонски зданија. Судот го укина спорниот Детален урбанистички план за Општина Центар кој овозможи луѓето со моќ и влијание да купат дел од планината и покрај јавниот револт на скопјани кои не се откажаа од намерата да ја заштитат од урбанизација единствената планина во градот. Со оваа одлука, Општина Центар нема да може да издава одобренија за градби на локациите кои се опфатени од ДУП-от кој во 2014 година беше насилно изгласан.

Денеска Уставниот суд одлучи да го укине Деталниот урбанистички план за општина Центар за делот Градска четврт Ј 07 кој беше изгласан без потребното мнозинство на гласови во 2014 година. ДУП – от ги опфаќа локаитетите Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара. 

Од вкупно шест уставни судии, петмина проценија дека одлуката на Општина Центар со која што во 2014 година се изгласал спорниот ДУП е против Законот за локална самоуправа и дека ДУП-от е изгласан без потребното мнозинство од 12 гласа ЗА како што е предвидено во законот. Судијата известител за овој предмет,  Осман Кадриу е и единствениот меѓу уставните судии кој гласал против оваа одлука и најавил издвоено мислење. 

Советот на Општина Центар бил составен од вкупно 23 члена. На гласањето биле присутни 12 члена, а за донесувањето на ДУП – от гласале само 11 члена кои против законите ја скроија судбината на дел од жителите на Центар кои неуморно се обидуваа да ги сочуваат своите маала од масивниот бетон кој го изобличи изгледот на градот. 

По одлуката на Уставниот суд, Општина Центар нема да може да издава одобренија за градби за локациите кои се дел од овој ДУП и ќе треба да донесе нов план со испочитувани процедури и закони. 

„Судот оцени дека со донесувањето на таа одлука за Деталниот урбанистички план во Општина Центар е нарушена една од темелните вредности на уставниот поредок, а тоа е владеењето на правото“ – рече Христина Беловска, портпаролката на Уставниот суд.

Иницијативата на Томе Симоновски кој е жител на Центар е втор обид за да се укине незаконскиот план. 

Првата иницијатива до Уставниот суд за истиот ДУП беше поднесена во 2014 година од тогашниот градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски. Составот на уставните судии пред девет години ја отфрли иницијативата на Жерновски и се прогласи за ненадлежен. Но, сегашниот состав на уставни судии ја прекина судската пракса да не расправа за иницијатива која веќе еднаш била одбиена и донесе одлука да го укине овој ДУП. 

ДУП донесен по мерка на мала група луѓе со големо влијание

Со денешната одлука на судот во шумите на Водно нема да можат да градат ниту фирмите „Ексико“ и „Кара“ на Јордан Камчев и „Манд интернационал“ на бизнисменот и поранешен кошаркар Пеце Наумовски кои благодарение на незаконскиот ДУП купија парцели до кои нема пристапен пат. 

Во 2015 година поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека ДУП – от каде што се наоѓаат парцелите е менуван „за да се задоволат мегаломанските афинитети на премиерот Никола Груевски“. 

Но, неговиот сопартиец Саша Богдановиќ непосредно пред да си замине од градоначалничката функција во Општина Центар, ја издаде првата дозвола за градба на фирмата „Маркеза ДОО“. Оваа фирма е во деловен однос со бизнисменот и поранешен функционер од ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Георгиевски. Тој е сопственик на градежната фирма „БИСИ“, која во моментов е една од водечките на територијата на Скопје. 

Дозволата за градба на фирмата „Маркеза ДОО“ нема да биде одземена затоа што укинувањето на ДУП-от не значи одземање на нешто што е веќе стекнато. Но, фирмата „Маркеза ДОО“ сепак не може да ја реализира замислата за станбен комплекс на планината Водно бидејќи општина Центар на 9 – ти ти јуни минатата година ја стопираше изградбата на пристапната улица која водеше до шумските парцели на бизнисмените. Предлогот за стопирање на изградбата на пристапната улица го даде градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски кој порача дека неговиот потег е за општото добро за Центар. 

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »