Мелита Брезева и Александра Нешевска Димовска денеска во судница сведочеа како ги изгубиле своите сопрузи во ковид пандемијата како и за одлуката нивните најблиски да се лекуваат во болницата „Жан Митрев“. Лошите услови во јавното здравство и убедителниот маркетинг дека хемофилтрацијата лечи корона, биле доволни семејствата да одлучат да ги хоспитализираат во приватната болница. За скапото болничко лекување подигале кредити. Жан Митрев и неговата болница се обвинети за измама на пациенти со умисла. Адвокатите на докторот на денешното рочиште ги прашуваа сведоците, зошто пред да ги хоспитализираат своите блиски не истражиле што значи хемофилтрација за да не бидат измамени.
Александра Нешевска Димовска својот исказ во судница го започна со тоа што раскажа дека нејзиниот сопруг Влатко, пред да биде сместен во Клиниката Жан Митрев, еден ден поминал во модуларната клиника на инфективната болница во Скопје. Сепак, секојдневните бројки на починати од Ковид 19, ја натерале да бара најбезбедна опција за лекување на нејзиниот сопруг, во установа каде ќе добие целосна здравствена грижа. Одлучила нејзиниот сопруг да се лекува во болницата Жан Митрев иако тоа значело дека ќе мора да подигне кредит од банка за да го плати третманот на лекување, која докторот Митрев агресивно го рекламираше во ударни термини преку гостувања на највлијателните национални телевизии.
„Сопругот беше сместен во модуларната болница, од она што ми го кажаа докторите во модуларниот објект ги сместувале лицата кои имаат подобра клиничка слика. Условите во модуларните бараки беа никакви. И одлучив да го преместам во Жан Митрев. Мојот сопруг не се противеше на мојата одлука. Се слушнав со вработените во Жан Митрев и им кажав дека имам 5.000 евра и дека во текот на денот на нивната сметка ќе легне и остатокот од парите“, расакажа Александара Нешевска Димовска.
Иако не ги имала сите пари за да го плати лекувањето во болницата Жан Митрев, им покажала договор од банка дека кредитот е подигнат. Олеснителна околност била бидејќи работела во банка. Но и покрај ова, од болницата и рекле дека додека парите не им легнат на сметка, нејзиниот сопруг не може да биде хоспитализиран.
Мојот сопруг веќе доби отпусно писмо од државната клиника и иако беше на кислородна поддршка, на клупите пред модуларната болница чекаше повеќе од четири часа за брза помош од Жан Митрев да дојде и да го преземе. Тука се јави првото разочарување“, сведочеше Нешевска Димовска.
Таа во судница се присети дека откако сопругот се сместил во болницата Жан Митрев се слушнале телефонски. И кажал дека е добро и дека јадел, но вечерта вработен од болницата и се јавил. И рекол дека Влатко е ставен на хемофилтрација. Според сведочењето на Нешовска, нејзиниот сопруг веќе следниот ден бил приклучен на втора хемофилтрација. По второто прочистување на крвта некој од болницата повторно и се јавил. И соопштил дека од хемофилтрациите му ослабела крвта па и побарале да си донесе крв за трансфузија.
„Никаква комуникација со доктори, никакво објаснување. Кога го префрлив во приватна клиника која наплаќа повеќе од 12 илјади евра очекував друг однос, а не ова“, вели Нешовска Димовска.
Првото отпусно писмо за нејзиниот сопруг било со совети за домашно лекување иако тој веќе бил починат. Второто писмо што го добила, било адресирано до родителите на починатиот сопруг и во него имало грешки во датите „како некој само да направил копи пејст од некое друго писмо“, рече Александра Нешовска Димовска во судница.
Приказната на Мелита Брезева, која беше вториот сведок на ова судење беше малку поинаква. Нејзиниот сопруг не бил во тешка здравствена состојба кога одлучил дека сака да биде хоспитализиран во болницата Жан Митрев. Хемофилтрацијата и другите методи кои ги користеле му влеале доверба дека таму ќе биде најбезбеден, особено затоа што неколку членови на неговото семејство претходно починале од ковид. По неколку дена поминати во болницата веќе почнал да се чувствува уште подобро и да функционира без кислородна поддршка. Цело време бил во комуникација по телефон со сопругата Мелита, а по неколку дена тој додека се лекувал во болницата почнал повторно да го води и семејниот бизнис.
„Мојот сопруг беше подобро се додека не го приклучија на некаква машина од која цело време му течеше крв од нос. Почна да кашла и му стана полошо. Му правеа испитувања. Му најдоа бактерии во урината. Потоа состојбата почна да станува уште пололша. На наше барање ја направија првата хемофилтрација и состојбата стана уште полоша. Иако имаше несогласување меѓу лекарите одлучија да го оперираат. Ни кажаа дека по операцијата доживеал инфаркт и дека наредните два дена се критични. По операцијата му направија уште две хемофилтрации, но состојбата стануваше само полоша и тој почина“, рече Мелита Брезева сопруга на починатиот Никола Брезев.
Адвокатот на Жан Митрев до сведоците: Зошто не истраживте за методот на хемофилтрација
Никола Додевски, еден од неколкуте адвокати на Жан Митрев своето право на вкрстено испрашување на кое сведоците мора да одговараат само со кратки одговори и само со „да“ и „не“ го искористи за да ги праша, дали нивните сопрузи имале коморбидитети, колкава им била сатурацијата, дали добиле попуст при плаќањето на сметката во Жан Митрев како и кој ја донел одлуката тие да бидат сместени во приватната болница. Едно од клучните прашања на Додевски беше, дали пациентите и нивните семејства пред да почнат да се лекуваат во Жан Митрев истражиле и се информирале за методот хемофилтрација.
„Истражувавте за методот пред вашиот сопруг да се лекува во Жан Митрев“, ја праша Додевски Мелита Брезева, на што таа му одговори дека ниту истражувала ниту се информирала. На неговото прашање зошто не го направила тоа, таа му одговори бидејќи им верувала на докторите во Клиниката и го праша Додевски зошто таа би требала да го направи тоа на што тој одговори „За да не бидете измамена“.
Потоа Додевски праша дали пациентот имал можност да се јави во Комисијата за заразни болести и да се информира за методот хемофилтрација, на ист начин како што подоцна Брезева поднела пријава за несовесно лекување.
Слични прашања адвокатот Никола Додевски имаше и за првиот сведок. На пример дали со самото плаќање на пакетот од 12 илјади евра кој содржел и хемофилтрации, пациентот прифатил хемофилтрации, на што Нешовска Димовска рече „Ако уплаќањето на парите на сметка се смета како информирање и прифаќање, тогаш да сум прифатила“.
Во неколку наврати, адвокатот Додевски навраќајќи се на исказот кој таа го дала во Обвинителството ја праша Нешовска дали таа се почувствувала гневна дури откако го гледала документарното истражување „Нечиста крв“ на ИРЛ, на што таа одговори дека тогаш се што чувствувала и се потврдило и сфатила дека тоа не и се случувало само на неа, туку и на многу други. Првиот момент на гнев дошол кога нејзиниот сопруг морал неколку часа без кислородна поддршка да чека парите да легнат на сметка на приватаната болница Жан Митрев за тој да добие медицинска грижа.
Следното судење на Жан Митрев е закажано за 4 сепмтеври кога треба да се продолжи со сослушување на сведоци.