Судскиот случај во кој докторот Жан Митрев е обвинет дека со умисла довел во заблуда 283 пациенти кои во неговата клиника се лекувале од КОВИД-19, може да стартува од почеток. На денешното рочиште против него судот извести дека две судијки поротнички одлучиле да се повлечат поради лични причини.
Откако се сослушаа голем дел од сведоците во судската постапка која трае година и пол, процесот за измама на пациенти кој се води против доктор Жан Митрев може да почне да се суди одново. Ненадејното повлекување на двете поротнички кои денеска оправдано отсуствуваа од судењето, носи можност сѐ што беше досега сработено во судницата да падне во вода, бидејќи исходот на текот на судската постапка сега зависи од обвинетиот и неговите адвокати. Имено, одбраната има право да се согласи да се прочитаат сите досега изнесени искази и докази или сѐ да почне од почеток.
Законот за кривична постапка во вакви ситуации предвидува доколку одбраната се согласи во понатамошната постапка само да се прочитаат досегашните искази, судењето може да продолжи онаму каде застаналo поради повлекувањето на поротниците.
Второто сценарио е да нема ваква согласност и процесот да започне од почеток по една година и шест месеци изведување докази и сослушување сведоци во судница.
Ова би значело дека сите оштетени, а меѓу нив и роднини на починати пациенти повторно да треба да сведочат низ сѐ што поминале при лекувањето од КОВИД-19 во клиниката на Митрев.
Обвинителката која го води случајот вели дека денешното повлекување на поротничките лошо влијае на процесот.
„Во целост беа почитувани правата на осомничениот и покрај бројните обиди за одолговлекување на постапката од страна на одбраната“, вели Искра Хаџи Василева и додава дека обвинителството во предметот постапувало ефикасно имајќи ги предвид последиците со кои се соочиле жртвите на кривичното дело.
Она што го загрижува обвинителството е т.н. секундарна виктимизација на жртвите во овој процес, што значи повторно да поминуваат низ тоа што преживеале.
„Очекуваме и останатите вклучени во постапката да демонстрираат свест за одговорната улога која ја имаат за овозможување на ефикасност на правдата“, вели обвинителката Искра Хаџи Василева.
Судијките поротнички кои во ист период одлучија да се откажат од функциите се Ирена Тасевска и Ема Пауновска. Двете за овие функции биле избрани на иста седница на Судски совет која се одржала на 30 мај 2023, само две недели пред почетокот на судењето против доктор Жан Митрев и неговата болница.
Инстаграм профилот на 22 годишната Ирена Тасевска која одлучи повеќе да не биде дел од судскиот процес открива дека е сопственичка на мал бизнис – салон за нокти, а паралелно и студира.
„Судија поротник сакав да станам затоа што сум студент на Правен Факултет и сакав да видам како е, но поради други обврски одлучив да се откажам“, вели Ирена Тасевска за ИРЛ.
Ема Пауновска има 24 години беше заменски поротник во случајот против Жан Митрев. Се пријавила да биде судија поротник од љубопитство додека била студент на Правниот факултет. Исто како и Тасевска и таа одлучи во ист период да се откаже од оваа функција.
„Искрено сакав да си најдам нормална работа и затоа се откажав. Исто така и веќе неколку месеци ни доцнат со исплата на хонорарите. Судиите поротници се платени 500 денари од судење и 70 денари за превоз“, вели Ема Пауновска за ИРЛ.
Денешното судење беше одложено затоа што поротничката Тасевска била болна, а Пауновска била на пат. Планирано е судењето да продолжи на 3 март до кога би требало да се знае и дали судењето ќе продолжи или пак ќе започне од почеток.
Мандатот на судиите поротници трае четири години. Нив ги бира Судскиот совет врз основа на оглас кој го распишува Кривичниот суд.
Судии поротници се непрофесионален персонал кој треба да даде перспектива на „обичен граѓанин“ во текот на судењата и учествуваат во кривичните предмети за кои се предвидени над пет години затворска казна.
Од мониторингот којшто го правела Коалицијата „Сите за правично судење“ воочено е дека неретко се случува судењата да започнат одново поради промена на составот на советот, односно промена на судија поротник поради истекување на неговиот мандат или по негово сопствено барање.
Според извештајот „Судии поротници“ изработен од Блупринт групата, предмети во кои промената на судија поротник влијаела во понатамошниот тек на постапките во смисла на долго траење на судските постапки, се „Тендери“, „Титаник“, „Талир“, „ТНТ“, „Тортура“, „Топлик“, „Транспортер“.
Во Основниот кривичен суд Скопје, кој по систематизација треба да има 200 судии-поротници, летото 2024 година работеле само 48 судии поротници.