Кога младинските бендови организираа протест против опасноста од политизирање на нивната неформална матична институција, Младинскиот културен центар (МКЦ), не ни помислуваа дека политичарите ќе поведат вистинска мала војна против младите од алтернативната сцена од Скопје и цела Македонија. Жртва на таа војна не е сменетиот директор или амбициите да се постави друг човек, туку младинските политики и движења кои се политизираат и убиваат уште пред да започнат. Во целата одмаздничка атмосфера проследена со смени на директори, протести и обвинувања за малверзации, партизации, злоупотреби видовме две страни на приказната, но никој не ги вклучи, праша и одважи оние кои што протестираа – младите поддржувачи на концептот на институцијата.
Известува: Давид Илиески; Редактура: Сашка Цветковска; Видео тим: Горјан Атанасов, Трајче Антоновски, Младен Павлески, Лука Блажев;
Оваа видео сторија ги проследува нивните гледишта и дава приказ на последиците од неодговорното владеење со институциите кои треба да го негуваат благородното во македонските млади таленти.
Со буџет од само четири милиони денари во 2023 година, кој и да (о)стане директор на Младинскиот културен центар ќе има сериозен предизвик да го одржи во живот единственото место каде младите имаат свој простор, а уште помалку да го унапреди. По четири години од последниот јавен конкурс за избор на директор, МКЦ повторно е мета на политичка трговија со влијание. Децениското кроење на закони и правилници му овозможи на политичкиот естаблишмент да ги партизира јавните институции.
Клучни поенти
– Расправиите и несогласувањата меѓу градочалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и советниците на Градот не беа пречка да се изгласа новиот градски буџет. Со 28 гласа „ЗА“ и 8 „ВОЗДРЖАНИ“ доцна во ноќта на 27 декември советниците се согласија дека во услови на економска криза, пари за култура нема да има. Град Скопје го скрати буџетот на Младинскиот културен центар за 2023 година на само 2 милиони денари или околу 90% помалку споредбено со минатата година. Вработените од МКЦ велат дека срамниот буџет за организација на настани доделен од градот ќе се нанесе непоправлива штета на институцијата и програмското функционирање.
– Оние кои што имале моќ и обврска не сториле ништо по ова прашање. Советниците на партиите претставени во парламентот ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ДУИ го гласале овој буџет. Советниците на СДСМ биле воздржани за буџетот. Но, никој од нив не покренал никакво прашање, расправа или иницијатива зошто се крати од и онака скромните средства кои по било кој основ се издвојуваат за младински политики. Советниците од редовите на Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ се единствени кои поднеле амандман за оваа точка од буџетот и побарале зголемување на средствата за културните установи.
– Неколку дена по протестот на младинската иницијатива „Сите за МКЦ“, советниците од ВМРО-ДПМНЕ заради контрола на имиџот го зголемија буџетот на МКЦ за 2 милиони денари, пари со кои што буџетот на институцијата се уште е значајно помал од минатите години.Но, парите ги одзеле од индивидуалните уметници кои во голема мера се потпираат на скромните средства кои што ги дели Градот и Министерството за култура.
– Никола Алексов добива решение за привремено вработување во јануари 2023, два дена подоцна Данела Арсовска, градоначалничката на Град Скопје, го назначува за нов в.д. директор на Младинскиот културен центар. Алексов во МКЦ е вработен со договор за привремено вработување преку Агенција за вработување. Статутот на МКЦ вели дека в.д. директорот мора да доаѓа од редот на вработените во институцијата.
– Во Младинскиот културен центар повеќе од 4 години нема јавен конкурс за избор на директор според вистински систем на заслуги. Институцијата функционира со шест месечни договори за в.д. директор, против законска пракса која најчесто се користи за партизација на јавните установи. Државната комисија за спречување на корупција ја разгледува можноста за отворање на случај за именувањето на новиот в.д. директор во МКЦ.
– Управниот одбор на Младинскиот културен центар повеќе од една година функционира без еден член. Од потребните пет, советот на Град Скопје има назначено само четири члена што сериозно го загрозува носењето на одлуки во институцијата. Претседателката на Управниот одбор вели дека до сега немале проблем да носат одлуки, но тоа не значи дека во иднина нема дојде до конфликт по одредена точка. Од Град Скопје не одговорија зошто се уште нема назначено петти член на Управниот одбор на МКЦ.
Целата сторија погледнете ја во линкот на видеото во продоложение.
Видео сторија