Press "Enter" to skip to content

Сериски измамници или вешти изигрувачи на закони: Кој управува со скопските згради

Расипани лифтови, влезови без струја и ограбени резервни фондови. Ова се само дел од проблемите кои граѓаните ги имаат со фирмите за домување. Иако, секоја општина треба да има вработен инспектор за домување, во Скопје вакви инспектори има само во пет општини. Регулаторната комисија за домување и локалната самоуправа наместо да стават крај на неправилностите, вината и одговорноста си ја префрлаат едни на други. Хаосот што институциите го спроведуваат ѝ овозможи на фирмата „Либра консалтинг“, да остави дел од станарите сами да се снаоѓаат по судовите, а на дел нема да им ги врати резервните фондови за кои секој месец одвојувале пари.

Известува: Лила Караташева; илустрација: Лука Блажев

Во 2009 година ќе се донесе Законот за домување, а граѓаните ќе ги обврзе да изберат фирми-управители или заедници на сопственици кои ќе ги одржуваат нивните згради. Ќе се отворат бројни фирми кои ќе изберат да се занимаваат со оваа дејност. 

Една од нив ќе биде фирмата „Либра Консалтинг“ во сопственост на Тања Марковска која е ќерка на поранешната претседателка на Основниот суд во Кратово. Фирмата ќе отиде во стечај, а станарите од зградите со кои управувала ќе останат без резервни фондови, оставени сами на себе среде судски спорови, со расипани лифтови и без струја во влезовите. За да се решат проблемите со кои се соочуваат граѓаните, фирмите за домување треба да бидат контролирани од општините кои мора да имаат вработено лиценцирани инспектори за домување, но од десет општини во Скопје, само пет општини имаат по еден лиценциран инспектор кој не може да постигне да ги контролира сите згради. Регулаторната комисија за домување која е надлежна за издавање и за одземање на лиценци на фирми-управители нема ингеренции да одземе лиценца само со доказ или пријава од граѓани, туку тоа може да го стори само со предлог-акт од лиценцираните општински инспектори кои се дефицитарен кадар во општините. 

Државна ноншалантност, осиромашен семеен буџет

Со цел да се лоцираат проблемите од дејноста со домувањето, ИРЛ спроведе анкета на која одговорија вкупно 933 граѓани. 

ИРЛ спроведе анкета на која одговорија 933 граѓани, од кои 78% не се задоволни од услугата што ја добиваат од фирмата за домување.

Бројките од анкетата покажуваат дека 78% од граѓаните воопшто не се задоволни од услугите што ги добиваат од фирмите-управители. 75% од нив сметаат дека плаќаат превисоки сметки за услугите од фирмите-управители, а 43% одговориле дека не добиваат известувања за тоа каде завршуваат парите кои ги плаќаат за резервните фондови. 

На анкетата која ја спроведе ИРЛ, 43% од граѓаните одговорија дека не добиваат известување за финансиската состојба на резервниот фонд.

Исчезнати резервни фондови и влезови без струја 

До ИРЛ пристигнаа пет пријави од граѓани за нерегуларностите со кои се соочиле затоа што избрале нивната зграда да биде управувана од „Либра Консалтинг“, додека во Регулаторната комисија за домување доставени се 29 предмети за работењето на оваа фирма. 

„Најголем број на предметите се однесуваат на нерегуларности во работењето на „Либра Консалтинг“ и недоследно применување на одредби од Законот за домување претежно во делот на обврски по престанувањето на управувањето, недоставување на финансиски извештаи за своето работење, непрефрлање на средства од резервен фонд, неподмирени трошоци за струја и неподмирени долгови кон трети лица за одржување на лифтови и хигиена“ – велат од Регулаторната комисија за домување и додаваат дека од нивна страна е постапено по сите предмети во склоп на нивните надлежности. 

Случај за исчезнат резервен фонд пријави и Владимир Прокиќ кој живее во зграда на улицата „Видое Смилевски-Бато“ во Општина Аеродром која била управувана од „Либра Консалтинг“. Откако во 2022 година фирмата „Либра Консалтинг“ ќе отиде под стечај, станарите на оваа зграда ќе останат без нивниот резервен фонд од 1000 евра за кој секој месец штеделе пари доколку во зградата има потреба за некаква поправка. Прокиќ вели дека случајот го пријавиле кај општинскиот инспектор за домување во општина Аеродром и во Регулаторната комисија за домување, но дека никој ништо не преземал. 

„Општинскиот инспектор за домување се прашуваше зошто од Регулаторна комисија не изреагираат и не и ја одземат лиценцата за работа, а од Регулаторна комисија велат дека испратиле допис за случајот кај општинскиот инспектор. Најтрагично е што нејзината лиценца не е одземена, туку само и е истечена затоа што фирмата е под стечај“- вели Владимир Прокиќ. 

Изјава од граѓанин на спроведената анкета од ИРЛ.

Во разговор со ИРЛ, Марковска тврдеше дека парите од резервниот фонд на оваа зграда ги вратила пред еден месец, но од фирмата „Ројал солушн“ која моментално управува со зградата на „Видое Смилевски-Бато“ велат дека немаат евидентирано таков прилив на средства. 

Изјава од граѓанин на спроведената анкета од ИРЛ.

Тужба без тужител 

При невреме со силен ветер со јачина од 100 километри на час што се случи на 26 февруари 2020 година во Скопје се урна кровот од зграда лоцирана на улицата „Шекспирова 1“ во Општина Карпош управувана од фирмата „Либра Консалтинг“. Станарите кои живеат на највисокиот кат сами ги плаќаат поправките кои чинат околу 400.000 денари, а од Општина Карпош ќе добијат помош од 150.000 денари. За оваа зграда од сметката на фирмата-управител „Либра Консалтинг“ станарите уплаќале пари за полиса за осигурување на зградата од пожар и други опасности во осигурителната компанија „Евроинс“. 

Полисата која ја уплатиле предвидувала покривање на штета настаната од невреме, но во овој случај станарите никогаш не ја наплатиле штетата. 

Случајот завршува на суд, а тужител во постапката мора да биде фирмата-управител „Либра-Консалтинг“ која во една година склучила 73 полиси за осигурување на згради со „Евроинс“. Во судот се презентираат две вештачења за штетата на кровот. Првото ќе утврди штета од силното невреме, а второто вештачење нарачано од „Евроинс“ ќе утврди дека штетата е направена од лоша конструкција на кровот. По ова, судот ќе нарача супервештачење кое ќе го потврди тврдењето на станарите, дека штетата е настаната од силно невреме. 

 „Силниот ветер е главната причина за настанување на штетата на кровот. Кровната конструкција е изведена во согласност со стандардите бидејќи од денот на поставувањето на кровот, до денот кога се случило невремето немало никакви проблеми“, се констатира во супервештачењето на „Агенцијата за судски вештачења „АСВ“.

 Навидум, делува дека станарите ќе ја добијат правната битка, но се случува пресвртница. Судот проценува дека во постапката повеќе нема тужител бидејќи „Либра Консалтинг“ заминува под стечај без да ги информира станарите, а судот не прифаќа нов тужител во постапката да бидат станарите, ниту новата фирма која ќе го преземе управувањето на нивната зграда.  

 Еден од оштетените станари, Дарко Дачевски, за ИРЛ раскажува дека „Либра консалтинг“ преку соопштение ги известила дека фирмата ќе се спои со друга фирма за домување со име „Инфинити груп“, но, сопственичката Тања Марковска ги уверувала дека тоа нема да влијае во веќе започнатиот судски спор. 

 „Се е направено на наша штета за да го изгубиме спорот“, вели Дачевски.

 Сопственичката Тања Марковска ќе престане да одговара на повиците на граѓаните, а во телефонски разговор со ИРЛ ќе каже дека како управител има право кога сака да ја ликвидира сопствената фирма. Таа потврди дека сега е вработена во фирмата „Инфинити груп“, која го презеде управувањето на неколку скопски згради што дотогаш ги управуваше нејзината „Либра консалтинг“. 

Досие – фамилија Марковски

Ова не се првите поплаки од  граѓани за Тања Марковска како управител на фирма. Во 2019 година, за Тања Марковска и нејзиниот брат Ненад Марковски до Државниот пазарен инспекторат беа испратени повеќе од 20 претставки за измами со туристички аранжмани. Сестрата и братот Марковски беа сопственици на двете туристички агенции „Одмори“ и „Одмори се“ преку кои нудеа фиктивни туристички аранжмани за кои однапред наплаќаа пари. Едни од луѓето кои наседнуваат на нивните измами беа две студентки кои за споен викенд ќе си уплатат повратни карти и сместување во Истанбул. Кога пристигнале на посакуваната дестинација  се соочуваат со хорор, бидејќи ќе сфатат дека залудно ги потрошиле парите затоа што агенцијата не им уплатила сместување, ниту повратни карти. На други луѓе ќе им бидат откажани однапред уплатените патувања, но парите нема да си ги добијат назад. 

Фирмите на туристичките агенции на Тања и Ненад Марковски се регистрирани во стан во Кисела Вода во сопственост на нивната мајка Надица Марковска, која во тој период е претседателка на Основниот суд во Кратово. Судијката имала законска обврска да го пријави станот во анкетниот лист до Државната комисија за спречување на корупција, но тоа не го сторила никогаш.

По бројните сведоштва на измамени граѓани, Тања Марковска не се откажува од дејноста за домување и моментално работи како менаџерка во фирмата за домување „Инфинити Клининг Груп“.  Нејзиниот брат Ненад го напушта туризмот и почнува да се појавува во забавни телевизиски емисии каде што меси здрав леб и го промовира брендот „Лебот на мама“. 

Институциите во слеп сокак

Надлежноста на Регулаторната комисија за домување е да издава и одзема лиценци на фирмите-управители во чие работење ќе бидат воочени нерегуларности. Оваа комисија е самостоен орган формиран од Владата. Комисијата моментално има пет члена кои се сместени во канцеларии во рамки на Факултетот за Драмски уметности во Скопје. Иако во нивните надлежности пишува дека тие се грижат за квалитетно задоволување на станбените потреби на населението во согласност со современите стандарди за квалитетен живот,  во пракса не се способни да им го овозможат тоа право на граѓаните. Регулаторната комисија нема ингеренции да одземе лиценца на фирма-управител по пријава на граѓани. 

„Ние не можеме да одземеме лиценца освен ако не добиеме акт и предлог за тоа од лиценциран инспектор за домување. Не одземаме лиценци со општ доказ“ ни одговорија членовите на Регулаторната комисија. 

За Регулаторната комисија да добие акт и предлог за одземање на лиценца на фирма-управител од лиценциран општински инспектор за домување, локалните самоуправи треба да имаат вработено доволен број на општински лиценцирани инспектори. Ова е уште еден во низата на проблеми на кои наидуваат граѓаните затоа што дел од општините имаат едвај еден инспектор, а дел ниту еден. 

Само пет лиценцирани инспектори за домување во Скопје

Од десет скопски општини, лиценцирани инспектори за домување има само во пет општини. Лиценцирани инспектори за домување моментално имаат само општините Центар, Карпош, Гази Баба, Аеродром и Чаир.

Одговор од Општина Гази Баба
Одговор од Општина Карпош

Инспекторот од Општина Чаир е вработен пред еден месец, а општината функционирала без инспектор повеќе од две години откако претходниот инспектор се пензионирал.Кисела Вода инспектор за домување ќе добие дури во јуни, оваа општина досега функционирала без лиценциран инспектор за домување.

Одговор од Општина Чаир

Кисела Вода инспектор за домување ќе добие дури во јуни, оваа општина досега функционирала без лиценциран инспектор за домување.

Одговор од Општина Кисела Вода

Пријавите од граѓаните се праќале во Државниот комунален инспекторат од каде што велат дека домувањето е сосема различна дејност, а тие немаат време ниту кадар да ја завршат својата работа.

Одговор од Општина Аеродром 

Одговор од Општина Центар

Другиот дел од пријавите се праќале во Регулаторната комисија за домување којашто нема како да постапи без да добие предлог акт за одземање на лиценца од лиценциран општински инспектор кој не постоел во општината од каде што се испратени пријавите.

Во моментов се работи на измени на Законот за домување по кој се постапува веќе 14 години. Пред еден месец, Беким Реџепи-заменик министерот за транспорт и врски под чија надлежност е областа со домувањето пред медиумите изјави дека се забележува дисбаланс помеѓу сопствениците на станови и фирмите управители. Реџепи се надева дека со подобреното законско решение ќе се надминат проблемите со кои граѓаните секојдневно се соочуваат и дека ќе се надополнат правните празнини во законската регулатива.

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.