Press "Enter" to skip to content

Републикански конгресмен лобирал Македонец да добие виза во САД за да работи во „Трамп Медиа“

Републиканскиот конгресмен Ден Бејкон од Небраска му помогнал на Македонецот Владимир Новачки од Скопје да добие американска виза. Како што денес објави „ПроПублика“, партнерската организација на ИРЛ во САД, барањето за помош до кабинетот на Бејкон дошло од „Трамп Медиа“, компанијата за социјални медиуми каде што Новачки бил вработен. Фирмата „Трамп Медиа“ е во сопственост на Доналд Трамп, поранешен претседател и сегашен кандидат за функцијата.

Според електронските пораки во кои „ПроПублика“ имала увид, вработени во „Трамп Медиа“ во јануари 2022 година комуницирале со соработници на конкресменот Бејкон.

Мекензи Картрајт, поранешна вработена во канцеларијата на Бејкон, вели дека конгресменот лично и дал насоки да и помогне на „Трамп Медиа“ иако таа сметала дека мешањето на политиката со работата во канцеларијата е несоодведно.

„Не сакав да го направам тоа, но конгресменот лично ми рече да ја завршам работата“, изјави Картрајт, поранешна директорка за специјални проекти откако новинарите ја прашале за вмешаноста на конгресменот во обезбедувањето на виза за вработен во компанијата на Трамп.

Во еден од мејловите до кои ПроПублика имала увид, главниот оперативен директор на „Трамп Медиа“ му се заблагодарил на вработен во кабинетот на Бејкон за помошта. „Ти благодарам многу за помошта, ќе се осигурам да му се заблагодариме и на конгресменот“.

„Трамп Медиа“ и Новачки аплицирале за виза која е резервирана за лицата со извонредни способности. Апликацијата на Новачки била одобрена, но како што покажуваат мејловите од јануари 2022 година, интервјуто на Новачки во американската амбасада било закажано за во декември 2023 година. Тогаш фирмата во која бил вработен, побарала помош од конгресменот Бејкон.

Новачки, кариерата ја започнал со развивање на апликација „Скопје таксиметар“ која им овозможувала на граѓаните на Скопје да ги користат своите телефони за да гледаат колку пари треба да им наплати возилото во кое се возат. Најголемиот успех го доживеал кога добил работа во канадска фирма „Космик девелопмент“ која има канцеларии во Македонија. Коосновач на фирмата е Крис Павловски, кој исто така ја направи и видео платформата Рамбл која е популарна алтернатива на Јутуб помеѓу американските конзервативци и која има партнерство со „Трамп Медиа“.

Како вработен на „Космик девеломпмент“, Новачки со „Трамп Медиа“ започнал да соработува уште во неговите први денови во компанијата. Павловски го препорачал како некој кој би можел да изгради прототип на платформата „Truth Social“ за помалку пари од Американците.

Откако канцеларијата на Бејкон помогнала да се реши проблемот, Новачки минатата година се преселил во Флорида и станал главен директор за технологија во „Трамп Медиа“. Тој не одговорил на прашањата од ПроПублика.

Не е невообичаено компании да се обратат за помош кај конгресмени, но најчесто тоа го бараат од претставниците во нивниот дистрикт. „Трамп Медиа“ е со седиште во Сарасота, Флорида и е надвор од регионот кој го покрива Бејкон кој е конгресмен за Небраска.

Барањето за помош од „Трамп Медиа“ до Бејкон се случува во деликатен момент кога двајцата политичари имале несогласувања во јавноста.

Бејкон го поддржал Трамп во двете претседателски кампањи, но исто така и го критикувал за упадот во Капитол Хил во јануари 2021 година. Конгресменот иако републиканец гласал за предлог-закон за инфраструктура предложен од претседателот Џо Бајден. По гласањето, Трамп изјавил „Дали некој сака да се кандидира за Конгрес против Ден Бејкон во Небраска“.

Мејловите во кои компанијата на Трамп бара помош од Бејкон доаѓаат само неколку недели по изјавата на Трамп.

Во одговор на прашањата од ПроПублика, портпаролот на Бејкон изјавил дека канцеларијата не може да зборува за деталите од овој случај поради заштита на приватноста, но додал дека „Трамп Медиа“ не добила никаков посебен третман. „Овој случај не беше третиран различно од стотици други случаи кои ги процесираме секоја година. Политиката не влегува во игра за официјалната работа на Конгресот“, изјавил портпаролот.

Портпаролот на „Трамп Медиа“ одбил да одговори на прашањата, но како што пренесува ПроПублика рекол дека оваа сторија е изработена со фабрикување на изјави, злоупотреба на украдени комуникации кои ги содржат приватните информации на нивните вработени и злонамерно инсинуирале погрешно постапување таму каде што не постои.

Според лицата инволвирани во постапката за вадењето виза за Македонецот, соработката на „Трамп Медиа“ и Новачки започнала бидејќи Американците кои сакале да аплицираат за истото работно место барале многу повисоки плати.

Додека Трамп беше претседател од 2017 до 2021 година, американската администрација носеше закони и мерки кои ја отежнуваат процедурата за квалификувани работници од странство да добиваат работна виза и настојуваше компаниите да вработуваат Американци. Во сегашната кандидатура, Трамп повторно ветува дека ќе ја зајакне платформата „Купи американско и вработи Американци“.

Иако Трамп во својот мандат и во сегашната кандидатура се претставува како чувар на работните места на Американците, неговата компанија бара специјален третман за да донесе странец директор да работи во неговата компанија во Америка.

Имиграциониот адвокат Ден Бергер вели дека „Трамп Медиа“ е хипокритична бидејќи барала виза за странски работник.

„Секој ден стануваше се поневозможно да се обезбеди виза за работници“, вели Бергер за случаите на кои работел во администрацијата на Трамп.

Интервјуата направени од новинарите и документите кои ги поседува ПроПублика покажуваат дека вработувањето на директорот на технологија во „Трамп Медиа“ е дел од поголема операција на оваа компанија за да увезува вработени од странство. Според фактурите, „Трамп Медиа“ има договор со странска аутсорсинг фирма, а повеќе луѓе кои не живеат во Америка на своите профили на социјалната мрежа Линкдин наведуваат дека работат во компанијата на Трамп.

ПроПублика дојде до документи кои покажуваат дека во „Трамп Медиа“ работи уште едно лице преку канадската фирма Космик девелопмент. На Линкдин профилите на пет други лица кои живеат на Балканот е наведено дека работат во „Трамп Медиа“. Новинарите на ПроПублика испратиле прашања до компанијата, но оттаму не одговориле.

Според експертите за етика, „Трамп Медиа“, која сега сочинува приближно половина од богатството на Трамп, претставува конфликт на интереси за поранешниот претседател.

Вирџинија Кантер, експерт за етички прашања вели дека помошта која „Трамп Медиа“ ја добила за да донесе свој вработен во Америка е „класичен конфликт на интерес“.

 

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »