Компанијата МЛ-Гари до Истражувачката репортерска лабораторија испрати реакција со наслов „Демант“ која се однесува на текстот „Обвинителството се сомнева дека се переле пари во инвестиција промовирана од ДУИ“ објавен на 25.01.2023 година на www.irl.mk.
МЛ – Гари како сопственик на фабриката за полнење вода позната под брендот „Маја“ реагира на објавени информации добиени од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупација. Иако наводите во таканаречениот „Демант“ не демантираат никакви факти добиени од официјални институции. ИРЛ ја објавува рекацијата на МЛ – Гари заедно со редакциски одговор на истата.
Уредничкиот колегиум на ИРЛ ѝ посочува на компанијата МЛ-Гари дека нивната реакција е упатена на погрешна адреса. Доколку имаат забелешки за информации добиени од официјални институции, ги упатуваме реакцијата да ја адресираат до посочените институции. Во однос на забелешките дека не биле објавени одговори кои ИРЛ ги побарала од МЛ – Гари а фирмата ни ги одговорила, посочуваме дека новинарите се должни да објават одговори кои се однесуваат исклучиво на објавените факти и аргументи.
Во однос на забелешката дека позади инвестицијата не стојат политички партии, конкретни политичари или странски државјани им посочуваме дека ИРЛ во објавениот текст ги наведе официјалните сопственици врз основа на документи добиени од Централниот регистар, а споменувањето на политичката партија ДУИ и нивниот лидер е поради помпезното најавување на отворањето на фабриката и фактот дека Али Ахмети заедно со сопственикот Дашмир Абдија ја пресече црвената лента и свечено го пуштија во употреба објектот близу селото Гари. Исто така партијата во тоа време отворањето на оваа инвестиција како личен успех и го користеше во политичка пропаганда најавувајќи дека обезбедиле стотина работни места со цел да добијат повеќе гласачи во тој регион.
Доколку МЛ-Гари има забелешки во однос на новинарското известување за оваа сторија го упатуваме менаџментот на компанијата да испрати претставки до Советот за етика во медиумите и Советот на честа при Здружението за новинарите на Македонија.