Press "Enter" to skip to content

Пресот на министерството за здравство не даде одговор на откритијата во „Нечиста крв“

21.07.2022

Реакција на Истражувачка репортерска лабораторија, Хелсиншки комитет за човекови права и Македонско здружение на млади правници, по вчерашната прес-конференцијата на министерството за здравство за наодите од истражувањето „Нечиста крв“.

Министерството за здравство и останатите државни органи кои учествуваа на вчерашната прес конференција уште еднаш демонстрираа како институциите со содржината и особено начинот на изразување сами ја зголемуваат општата недоверба на граѓаните во институциите. Ова доаѓа во моменти кога треба да се разоткријат неправилности кои резултираа со тешки последици по здравјето и животот на луѓето на што укажа документарецот на ИРЛ ,,Нечиста крв’’.

Убедливите пораки на министерот Беким Сали дека никој не е над законот, дека нема недопирливи и дека случајот ќе има правна разрешница, веднаш потоа спласнаа со паушални и неумесни изјави дека „ковидот е нова болест и дека ниту една земја не може да потврди дека тоа што го правела за време на пандемијата е медицина заснована на докази.“ Неизбежен е впечатокот дека надлежните лица од Министерството за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Лекарската комора и Агенцијата за лекови, кои се обратија на прес конференцијата, се обидоа да ги релативизираат наодите и изјавите од документарниот филм. Надлежноста за одговори, како и што е веќе вообичаено, ја префрлија на други институции и упатија молба до јавноста и медиумите за повеќе време, за надлежните институции да ја утврдат фактичката состојба.

Да потсетиме дека сите институции веќе беа запознаени со истражувањето на ИРЛ неколку месеци пред документарното истражување воопшто да биде објавено. Дополнително, дел од наводите кои беа изнесени, дека спорната метода не е дел од општоприфатените протоколи за лекување, беа познати уште на самите почетоци на нејзиното практицирање. Сепак, конкретни мерки не беа преземени. Дополнително, семејствата на пациентите реагирале во изминатите две години до институциите, но не добиле повратен одговор дали нешто воопшто е преземено.

Поради ова граѓаните се обратија до редакцијата на ИРЛ. Дел од нив имаат поднесено и кривични пријави, како семејството Брезеви, кои повеќе од осум месеци чекаат на правна разврска, за кривичната пријава поднесена за начинот на лекување на починатиот Никола Брезев во клиничката болница „Жан Митрев“. Фактите кои ги презентираше Министерството за здравство требаше да ја убедат јавноста дека во ланецот на одговорност за случајот „Нечиста крв“, Центарот за јавно здравје е прва институцијата која ја прима информацијата дали во некоја од здравствените установи има интрахоспитални инфекции. Но, на прес конференцијата немаше претставник од оваа клучна установа, што укажува на недоволна транспарентност и отвара дополнителни сомнежи.

Останува нејасно, зошто ниедна институција не реагирала пред објавата на документарниот филм, со оглед на фактот што хемофилтрацијата била со месеци агресивно рекламирана на телевизиите од сопственикот на болницата, доктор Жан Митрев. Особено затоа што претходниот министер за здравство, Венко Филипче, кој беше на позиција кога КОВИД пандемијата стана реалност, ја убедуваше јавноста дека методот на хемофилтрација (филтрација на крвта) не е испитан, ниту пак медицински гарантира спас од корона вирусот, кој однесе илјадници човечки животи во Македонија.

На крај, го повикуваме Јавното обвинителство сериозно да му пристапи на овој случај, и особено да обрне внимание на постапувањето на државните институции при контролата на јавните и приватни здравствени установи. Со оглед на бројните пријави на граѓани кои деновиве пристигнаа во нашите организации, апелираме Јавното обвинителство да ја извести јавноста за преземените мерки во најкус можен рок.


Потсетуваме дека граѓаните кои се соочиле со проблеми во здравствениот систем, може да се обратат за бесплатна правна помош, секој работен ден од 10 до 14 часот, на следните адреси:

ИРЛ – Булевер Илинден 47-2, 1000 Скопје; irlmacedonia@irl.mk.

Хелсиншки комитет за човекови права – ул. Наум Наумовски Борче 83, 1000 Скопје; 02/3119-073 и 072/278-436; лица за контакт:
Наташа Петковска natasha.petkovska@mhc.org.mk;
Ина
Џугуманова ina.dzugumanova@mhc.org.mk;
Тона Карева tona.kareva@mhc.org.mk;
Славица
Анастасовска slavica.anastasovska@mhc.org.mk.

Македонско здружение на млади правници – ул. Донбас 14-1/6; тел. 02/3220-870, моб. 072/223- 963; лице за контакт:
Весна Дишлиоска, vdislijovska@myla.org.mk.

WordPress Lightbox Plugin