32 години држава, 32 години корупција што убива. Со овој слоган и со поставување на 14 изгорени бели маици на местото каде што некогаш се наоѓаше модуларната болница започна денешниот марш со кој се одбележа две годишнина од пожарот во болницата во кој живи изгореа 14 лица.
Семејствата на жртвите кои го организираа протестот побараа да се отвори нова истрага за причините за пожарот и да се уапсат вистинските виновници за оваа трагедија.
„Довербата во правосудниот систем на оваа земја е нула. Животот на граѓаните стана заложник на пазарења и тендери без никакви критериуми, само за материјална корист. Корупцијата убива! Судството и обвинителството се дел и бранители на организираниот криминал, корупцијата, злото и олигархијата. Културата на неказнивост метастазираше на сите нивоа на системот и не знаеме која онкологија може да го излечи канцерот на Македонија. Бараме разрешување на обвинителот Љубомир Јовески и сите останати инволвирани обвинители и нова истрага за причините за пожарот во модуларната болница“, рече Мумин Исмаили.
Мирниот протест на кој присуствуваа околу стотина граѓани започна на местото на пожарот. Граѓаните молчејќи се движеа низ центарот на градот и завршија пред објектот во кој се сместени судот и обвинителството. Пред обвинителството тие извикуваа „убијци“ и „бараме правда“. Дел од транспарентите кои граѓаните ги носеа со себе, а на кои пишуваше „Корупцијата убива“, „Обвинителство + судство = злосторничко здружување“, „Нема правда, нема мир“, „Правдата е лажна вест тука“, „Правда без далавери“ , „Бесир Алиу дали мирно спиеш?“ ги залепија на објектот во кој се сместени обвинителството и судот.
Дел од присутните граѓани со себе носеа и транспарент со фотографии од сите пратеници кои пред два дена ги изгласаа измените на Кривичниот законик со кои се предвидува намалување на казните за злосторничко здружување и злоупотреба на службена положба, а со тоа дозволија и сите овие кривични дела побрзо да застарат.
Протестот во Тетово доаѓа по објавувањето на документарниот филм на ИРЛ „Убиство во Тетово“ во кое новинарите открија дека модуларните болници се граделе без елаборат за електрична инсталација, без елаборат за противпожарна заштита, без надзор на изградбата и имало низа други законски пропусти. За ова биле свесни и Министерството за здравство и обвинителите кои подолг период работеле на овој случај.
Целиот документарен филм погледнете го тука.
Во „Разговор во редакција“ членовите од семејствата на жртвите во пожарот во модуларната болница во Тетово, Ибин Емиши и Мумин Исмаили сведочат за ноќта во која останаа без своите најблиски чиј животи згаснаа за само неколку минути во пламенот во болницата. Нашите новинари зборуваат и за корупцијата и молкот во медиумите кои поради заштита на бизнис интересите на поединци и ставот на важни имиња од обвинителството избраа да ја игнорираат обврската за точно да ги информираат граѓаните кои се вистинските причини за пожарот во болницата. Целиот поткаст можете да го погледнете на тука.