Press "Enter" to skip to content

Мијалков шофер во затворот Струга, Кичеец поради ресоцијализација излегол порано од затвор

Мијалков станал возач за потребите на струшкиот затвор, но Управата за извршување на санкции одбива да каже какви се неговите специфични задачи и дали и колку е ангажиран надвор од затворот. Директорот Јовица Стојановиќ грубо и’ се обрати на новинарката на ИРЛ: „Што сакаш да ти кажам повеќе? Кој ден, во колку саат го пали комбето?“ ИРЛ открива дека од ВИП криминалците кои станаа охриѓани предвреме на слобода излегол Зоран Милески Кичеец, а обвинителите не поднеле жалба на неговото барање. 


Пишува:Маја Јовановска/Илустрација: Лука Блажев 

Затворските казни за поранешниот директор на тајната полиција Сашо Мијалков, бизнисмените Јордан Камчев и Зоран Милески Кичеец на јавноста и’ беа претставени како триумф на правдата, иако казните беа ниски и не ги опфатија сите нивни дела. Обвинителството дури и се спогодуваше за пари наместо затвор со луѓето кои што го оштетија државниот буџет. Првиот сигнал дека казната затвор не е иста за обичен смртник и богат и моќен човек, беше привилегијата која ја добија да бираат каде ќе ја одлежат. Сите го одбраа затворот во Струга, во кој добија статус на слободни затвореници. Од елитното друштво таму остана уште Мијалков, кој според управата на затворот е работно ангажиран како “возач за потребите на затворот”. 

Како Струга нема друга 

Осудениците пред да заминат на отслужување на затворска казна прво ќе ја променат адресата на живеење и ќе станат охриѓани. Со тоа ќе си овозможат наместо во затворот „Идризово“, казната да ја издржуваат во Казнено поправниот дом во Струга. Овој затвор не е озлогласен како тој во Идризово затоа што целиот затвор е од отворен тип. Затворот во Струга го раководи Ваљон Ќира кој е кадар на ДУИ. Затворениците не се чуваат под клуч во ќелиите, туку се слободни во кругот на затворот и можат да бидат работно ангажирани надвор од установата. Во правосудството добивме и нов термин – затворски туризам, но институциите не открија ништо протизаконски кога елитните скопјани го одбраа затворот во Струга. И очигледно, не погрешија. 

Во Скопје со бодигарди, во Струга возач во затвор

Веќе 11 месеци поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање е затвореник во Струга. Тој лани во август почна да ја издржува тригодишната затворска казна за случајот „Империја“.  Сашо Мијалков одлучил да не се вработи, но изразил желба да помага во секојдневните работни активности на затворот на позиција возач.

„Сашо Мијалков се уште ја издржува казната затвор во наведената установа, но истиот не е работно ангажиран надвор од установата, туку е ангажиран од страна на казнено – поправната установа за свои потреби како возач, работна задача која и во други казнен-поправни установи зависно од потребите, може да биде доделена на осудени лица кои имаат отворен третман во процесот на ресоцијализација“, одговорија за ИРЛ од Управата за извршување на санкции.

Ова беше кусиот одговор кој на Управата за извршување на санкции им бил доставен од затворот од Струга, откако ИРЛ праша каков е статусот на елитниот затвореник. Работниот ангажман на Мијалков отвори и дополнителни прашања кои ИРЛ ги достави до Управата. Но, наидовме на нељубезен однос од вработените кои рекоа дека тие не можат во недоглед да одговараат на прашањата и побараа да ги доставиме согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Во телефонски разговор оттаму изјавија дека го чекале директорот Јовица Стојановиќ кој ќе одлучел дали ќе одговорат на дополнителните прашања. 

Директорот Стојановиќ рече дека бил презафатен со обврски и се повика на кусиот одговор за работниот ангажман на Мијалков.

„Што сакаш да ти кажам повеќе? Кој ден, во колку саат го пали комбето?“, ја праша новинарката. 

Побаравме одговор какво возило управува и кои му се работните задачи. Дали излегува секојдневно од затворот и во кој временски период. Дали како возач патува и надвор од Струга, во други градови и дали за тоа добива некаков надомест.

Одговор на дополнителните прашања за возачот Мијалков до објавување на овој текст не добивме. 

Сашо-Мијалков-излегува-од-кола
Додека живееше во Скопје, Сашо Мијалков, не можеше да се забележи на јавен простор без обезбедување. Го чуваа неколку телохранители, а се превезуваше во скапи автомобили со шофер. ФОТО: СДК.МК

Кичеец како примерен затвореник излезе 4 месеци порано од затвор

Во истиот затвор казна издржуваше Зоран Милески Кичеец. Беше осуден за две кривични дела. Три години затвор во случајот „Рекет“ и шест месеци затвор за сообраќајка во која загина едно лице, а седуммина беа повредени. Но, тој повеќе не е таму. На 8 март годинава добил условен отпуст и бил пуштен на слобода пред истекот на казната. 

Тој бил осуден на единствена казна затвор за двете дела на 3 години и четири месеци. Кривичниот совет одлуката ја донел врз основа на мислење од КПД Струга, од каде го пофалиле затвореникот дека е примерен и подготвен да излезе на слобода.

„При одлучување, кривичниот совет го имал во предвид и извештајот за осуденото лице, доставен од Казнено поправниот дом – Струга според кој осудениот за време на издржувањето на казната затвор поргресирал во отворено одделение заради работни обврски, имал коректно однесување со останатите осудени лица и претпоставените како и позотивен однос на соработка и прифаќање на дадените совети. Против ова решение надлежното обвинителство не вложило жалба во законски утврденито рок по што истото е правосилно“, одговорија од Кривичниот суд Скопје.

Одлуката е донесена на 10 јануари годинава, а стапила на сила на 8 март кога Кичеец си заминува од затворот. Условниот отпуст се однесува на последните 4 месеци од казната и во тој временски период имал обврска да се јавува во пробациската служба во Скопје која треба да го следи неговиот процес на ресоцијализација. Казната целосно му истече пред две недели, на 8 јули и тој е сега слободен човек. 

Сообраќајка-Гостивар-Кичеец
Зоран Милески Кичеец беше првиот елитен затвореник кој влезе во затворот во Струга. Беше работно ангажиран како магационер во неговиот ноќен клуб „Егоист“ во Охрид и деновите во поголем дел ги минуваше крај охридското крајбрежје. Додека ја одлежуваше тригодишната затворската казна за случајот „Рекет“ со дозвола на директорот Ваљон Ќира добил отпуст од 30 дена од затворот поради  наводни здравствени причини. Токму во тие денови, Кичеец ја направи сообраќајната несреќа на патот Кичево – Гоствар кога со автомобил Мерцедес  усмрти 34 годишен гостиварец. За ова дело доби казна затвор од само шест месеци.

Камчев прв излезе на слобода од струшкиот затвор

И Јордан Камчев го одбра затворот во Струга за да ја одлежи затворската казна за предметите „Империја“ и „Плацови на Водно“. Вкупната казна му беше 20 месеци. Но, откако во неа се пресметаа и деновите во притвор и домашен притвор, му останаа само четири месеци затворска казна. 

Пред да замине во затвор, ја смени адресата на живеење во Охрид на адреса на адвокатска канцеларија и казната ја издржа во струшкиот затвор. Лани на 6-ти ноември излезе на слобода. 

Спокојот му го наруши американската влада која обзнани дека тој е ставен на листа на санкции поради корупција, перење пари и злоупотреби кои траеле повеќе од една деценија со порака од абасадорката на САД во земјава: „Корупцијата на Камчев е предавство на народот“. 

Зошто баш Струга

Претходниот министер за правда, Никола Тупанчески, лани во јуни формираше работна група со цел да се смени Законот за извршување на санкции кој на осудениците им овозможува да бираат каде ќе ја одлежат затворската казна. Тој најави дека ќе предложи  извршувањето на затворската казна на осудениот да се врзе со неговото место на живеење во последните две години. Освен најави и планови, измена во Законот се уште нема.

Во Извештајот на Хелсиншкиот комитет за состојбите и условите во Казнено – поправните установи во 2022 година, пишува дека струшкиот затвор е реновиран. Собите се со капацитет од двајца до тројца затвореници. Опремени се со телевизор, маси, столчиња. Во некои од собите има и фрижидери. 

Овој затвор е од отворен тип и има капацитет од вкупно 60 лица. Минатата година таму казна затвор издржувале 51 лице. За нив се грижат 20 вработени, од кои 12 се затворска полиција. Тројца вработени се во секторот за ресоцијализација, потоа директорот и неговиот заменик, инструктор во кујна, архивар, технички секретар, едно лице во матична служба и еден правник. 

Во установата има двор со клупи, теретана со импровизирани справи и маса за пинг-понг. При посетата на претставниците од Хелсиншкиот комитет лани во октомври, не им било дозволено да видат една од собите на осудени лица кои во тој момент биле излезени на работа. 

„Иако на заменик директорот му беше предочено дека тимот има дозвола за непречен пристап до сите простории од страна на Управата, тој информира дека на осудените лица им е дозволено да си го земат со себе клучот од собата, а вработените во установата немаат резервен клуч,“ пишува во Извештајот на Хелсиншкиот комитет.

Забелешка: Во 14.30 е направена корекција на текстот на барање на директорот Јовица Стојановиќ и отстранета е реченицата дека на позицијата директор на институцијата доаѓа како кадар на партијата ЛДП.