Press "Enter" to skip to content

Македонскиот краток филм „Мала шега“ влезе во официјална селекција на престижен филмски фестивал во Данска

Македонскиот краткометражен филм „Мала шега“ кој беше во конкуренција со 4.140 кратки филмови од светот влезе во официјална селекција на престижниот филмски фестивал во Оденсе, Данска. Во официјалната селекција влегоа 149 филмови од 39 земји меѓу кои и филмот „Мала Шега“ на режисерот Трифун Ситниковски, во продукција на ДНФ Филмс и копродуциран од ИРЛ од Македонија и Изван Фокуса од Хрватска, во соработка со Вардар Филм, а со поддршка на Агенција за филм и Хрватскиот Аудиовизуелен Центар.

ОФФ фестивалот (Меѓународен филмски фестивал Оденсе) се одржува секоја година од 1975-та во срцето на Данска, а кратките филмови кои се прикажуваат на овој фестивал се квалификуваат за Оскари и за Европските филмски награди (ЕФА). Оваа година фестивалот ќе се одржува од 26-ти август до 1-ви септември во Оденсе.

Краткометражниот филм „Мала шега“ кој раскажува приказна за тинејџерска љубов и авантура е во режија на Трифун Ситниковски. Продуцент и монтажер е Гоце Кралевски, а копродуценти се Сашка Цветковска и Адријана Пруговечки. Кинематографер на филмот е Сергеј Сарчевски, дизајнер на продукцијата е Александра Петкова. Композитор е Мартина Силјановска, а за костимографијата одговорна беше Марта Дојчиновска.  Главните улоги ги толкуваат Јана Никодиновска и Марко Илиевски.

Сцена од снимањето на филмот „Мала шега“.

„Мала шега“ е приказна за љубовта и најстрашното нешто во животот на еден тинејџер – анксиозноста од она што претстои. Како што Надија се приближува кон крајот на своето средношколско патешествие, таа се соочува со клучна одлука што ќе ја обликува нејзината иднина. Дали треба да остане во својот роден град меѓу познатото и нејзините стари пријатели? Или треба да оди во странство и да студира? Едно момче ја прави оваа одлука особено тешка да се донесе. Кога чувствата се само другарски, а кога нешто повеќе? Оваа внатрешна борба се развива во позадина на една опасна авантура која секогаш се чини дека кулминира со исповедта „Те сакам, Надија!“

Сцена од краткометражниот филм „Мала шега“.

Ситниковски е млад режисер кој работи во филмската индустрија повеќе од десет години и има снимено повеќе од десетина кратки играни филмови и документарни филмови, а моментално работи како режисер на истражувачкиот документарен серијал „Редакција“ во копродукција на Истражувачка репортерска лабораторија и Македонскиот јавен сервис.

Режисерот на филмот „Мала шега“, Трифун Ситниковски.

Овој филм е воедно и прва продукциска работа на ИРЛ на играна содржина  во рамки на нивната програма за поддршка на млади филмски автори кои делуваат во областа на филм од јавен интерес.

 

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »