Press "Enter" to skip to content

Кривичен суд во целост го одобри обвинителниот акт за случајот „Пулс“

Кривичниот суд Скопје, на истекот на законскиот рок, во целост го одобри обвинителниот акт за случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во трагедијата, што се случи на 16 март, загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени. Судењето ќе го води судијката Диана Груевска Илиевска.

Истражувањето што ИРЛ го објави минатата недела откри дека вработени во Управата за јавни приходи кои биле дел од инспекцискиот синџир на контрола, биле поштедени во истрагата.

Во претходната постапка за овој случај беа изземени неколку судии поради блиски врски со жртви или со адвокати, како и поради недостиг на искуство со ваков тип процеси.

Родителите на загинатите во „Пулс“, на 27 септември поставија ултиматум до Обвинителството и до Судот, до 3 октомври да добијат конкретни информации за процесот. Тие побараа Oбвинителството за организиран криминал да каже до каде е постапката против вработените во МВР и кога против нив ќе има обвинение, а од Судот побараа да го оценат обвинителниот акт.

За утре, 4 октомври во 16:05, родителите го најавија 25-тиот протестен марш за правда кој ќе започне од Паркот на револуцијата, а ќе продолжи пред Управата за јавни приходи, кочанската полиција, Основниот суд и Обвинителството во Кочани. 

Судењето ќе се одржи во Скопје по одлука на Врховниот суд, кој одлучи предметот да се префрли од Кочани во главниот град. Во образложението се наведува дека потребно е да постапуваат „судии со стекнато искуство и познавање на кривичната материја кои ќе обезбедат ефикасно, стручно и законито постапување и ќе придонесат за сензибилизирање на јавноста“.

Што покажа истражувањето на ИРЛ?

Сите обвинети во случајот се товарат за исто дело, најтешкото што го предвидува Кривичниот законик во вакви случаи: тешки дела против општата сигурност.

„За дел од обвинетите оваа квалификација е соодветна, особено за оние директно инволвирани во настанот. Но, за службените лица тоа е проблематично. Не сум убеден дека јавниот обвинител ќе успее да ја докаже вината за сите обвинети со ова обвинение“, изјави адвокатот и поранешен кривичен судија Владимир Туфегџиќ.

Токму ова било и извор на поделби во обвинителскиот тим. Дел од обвинителите потврдија за ИРЛ дека одлуката сите да се товарат со едно идентично дело предизвикала сериозни несогласувања. Некои сметале дека дел од осомничените требало да се гонат и за несовесно работење и пропуштање должен надзор.

Истражувањето на ИРЛ „КОЧАНИ – Нашиот морален компромис“ покажа дека Обвинителството располага со докази за злоупотреба на службена положба, примање мито и оддавање доверливи информации за инспекциски контроли од страна на даночни контролори вработени во УЈП – Штип. Овие докази не се однесуваат само на финансиски злоупотреби, туку и на фактот дека службеници на Управата давале информации за заеднички контроли со други институции, меѓу кои и МВР, кои требало да ги проверат и безбедносните аспекти.