Press "Enter" to skip to content

ИРЛ во Гетеборг ја доби престижната светска награда за новинарство за истражувањето „Нечиста крв“ 

Истражувачкиот филм „Нечиста крв“ во продукција на Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) и Македонскиот јавен сервис (МРТВ) ја доби наградата за истражувачко новинарство – Global Shining Light Award за истражувањето „Нечиста крв“ на 13-тата Глобална конференција за истражувачко новинарство (GIJN) во Гетеборг, Шведска. 

За нaградите кои беа доделени вчера вечер, оваа година конкурираа рекорден број – 419 учесници од 84 земји. ИРЛ е првиот македонски медиум кој некогаш бил номиниран и ја добил наградата Global Shining Light Award.

Номинациите беа во две категории, големи редакции кои имаат над 20 членови во тимот и мали редакции со помалку од 20 членови.  Глобалната мрежа за истражувачко новинарство одлучи во двете категории да додели по две први награди и по еден сертификат во секоја категорија. Документарниот филм на ИРЛ е првонаграден во категоријата „мали и средни медиуми“ меѓу шест финалисти заедно со Viewfinder од Јужна Африка со сторијата „Above the law“.

„Ова е прво вакво признание за работа на новинари од Македонија и горди сме што можеме да ја претставиме работата на македонските новинари во вакво светло и во ваква конкуренција. Наградата е особено значајна затоа што ги слави новинарите кои работат во тешки и опасни услови и во непријателска околина. Балканските организации ретко добиваат вакви признанија, всушност досега оваа награда ја добила само една организација, што не прави уште посреќни, но и обврзани да продолжиме со оваа работа без разлика на тоа колку е голем предизвикот“, рече Сашка Цветковска главен и одговорен уредник на ИРЛ. 

За доделувањето на наградите одлучуваа искусни истражувачки уредници и професори како Шејла Коронел – професорка по истражувачко новинарство на Факултетот за новинарство на Универзитетот Колумбија; Дејвид Ли – поранешен истражувачки уредник на Гардијан; Бенон Олука – уредник на GIJN Африка; мексиканската новинарка Марсела Турати и украинскиот тренер за развој на медиуми Олег Хоменок.

„Опасно време e да се биде истражувачки новинар и нашите победници покажаа дека со храброст, умешност и поддршка од граѓаните, можно е револуционерно известување и големо влијание и покрај ризиците. Ги поздравуваме овогодинешните наградени. Тие се инспирација за сите нас“, истакна претседателката на жири комисијата и професорка по истражувачко новинарство Шејла Коронел.

Во категоријата на мали и средни медиуми заедно со ИРЛ беа номинирани уште пет истражувачки стории и тоа: „Kidnapping in Haiti — Caught in the Middle“ — Connectas and Enquête d’action (Хаити), „Scorpion Prison Cells Above the Law“ — ARIJ (Египет), „The Deadly Ways Colombian Police Quell Protests, and Its Alliances with Armed Civilians“ — Cuestión Pública (Колумбија), „Secret Prisoners of Dhaka“ — Netra News (Бангладеш) и „Above the Law — Viewfinder (Јужна Африка).

Во оваа категорија покрај првата доделена награда за ИРЛ и Viewfinder, жирито додели и сертификат за извонредно известување за сторијата од Бангладеш.

Во категоријата за големи медиуми наградата ја делат „The Bandit Warlords of Zamfara“, документарен филм на BBC Africa Eye (Нигерија) и „Corredor Furtivo“, сторија изработена од Armando.Info (Венецуела) и El País (Шпанија). 

Сертификат за извонредност во категоријата на големи медиуми доби сторијата од Украина насловена како „How Volunteers Buried Civilians en Masse in Izium“ и изработена од Radio Liberty и Schemes.

Во продолжение можете да го погледнете документарниот филм „Нечиста крв“. 

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »