Press "Enter" to skip to content

ИРЛ ја доби наградата „Никола Младенов“ за истражувањето „Нечиста крв“

Тимот на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) ја доби наградата за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс за новинарските награди „Никола Младенов 2022“, за сторијата „Нечиста крв“.

Сторијата обелоденува загрижувачки податоци за начинот на којшто се третирале пациентите во една од приватните болници во државата за време на пандемијата со ковид-19. Новинарскиот производ содржи темелно новинарско истражување, поткрепено со факти, докази и со изјави од многу релевантни извори и соговорници. Проблемот е објаснет на разбирлив начин, со придржување до професионалните и етичките новинарски стандарди, и заложба да се иницира институционално разрешување на детектираните неправилности. Сторијата, којашто предизвика лавина реакции во јавноста, е пример за конзистентно и доследно следење на проблематика од висок јавен интерес, со силен новинарски и тимски ангажман.

Новинарката Кристина Атовска ја доби наградата за Најиновативен новинарски производ за репортажата од војната во Украина на тема „Како изгледа животот во рововите на првата линија на огнот“, емитувана во емисијата „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Низ видео репортажа, новинарката го прикажува животот на граѓаните во Украина, вклучително и на деца со попреченост, проблемите со кои тие се соочуваат и поддршката што ја добиваат од хуманитарните организации и индивидуи додека трае војната во оваа земја. Користејќи го само мобилниот телефон, без какви било дополнителни ресурси и можност да известува со поддршка од комплетна новинарска екипа, авторката ѝ овозможи на публиката на автентичен и креативен начин да го слушне гласот на оние што се најдоа на првите борбени линии и гласот на најранливите, обидувајќи се да испрати апел за солидарност и поддршка не само до домашната, туку и до јавноста на глобално ниво.

Наградата за Најдобра репортерска фотографија ја доби фоторепортерката Арбнора Мемети за фотографијата „’Врнежи’ од канцерогени материи во Тетово“, објавена на веб-страницата на „Дојче Веле“ на македонски јазик.

Демонстрирајќи исклучителна креативност и естетски израз, фотографијата јасно и прецизно го илустрира проблемот со екстремно загадениот воздух во Тетово за време на минатогодишниот пожар во Тутунскиот комбинат. Доловувајќи ја драматичноста на амбиентот, фотографијата допира до гледачот и упатува јасна порака околу тежината на проблемот и неговите последици.

На годинешниот конкурс пристигнаа:

  • 16 стории, обработени во 77 текстови/видео прилози, во категоријата Најдобра истражувачка сторија;
  • 18 теми во категоријата Најиновативен новинарски производ.
  • 27 фотографии во категоријата Најдобра репортерска фотографија.

Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година, наградата го носи името на угледниот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов. Во 2021 година беа воведени уште две посебни категории – најиновативен новинарски производ и најдобра репортерска фотографија.