Шефот на скопското Јавно обвинителство Гаврил Бубевски е гостин во поткастот на Редакција што ќе се емитува на јавниот сервис МРТ1 вечерва, вторник во 20:15 часот. Со обвинителот Бубевски разговараме за повеќе актуелни предмети кои ги отвори обвинителството, довербата во правосудството, како и центрите на моќ кои ја поткопуваат правдата.
Повод за разговорот со скопскиот јавен обвинител беше сторијата на ИРЛ за штетните суплементи кои се откриени во додатоци на исхрана кои се продаваат под брендот „Слимлајн“. По објавување на серијата истражувања на оваа тема, беше сменет јавниот обвинител Миле Арсениевски кој го водеше случајот пред суд против сопствениците на „СЛЦ груп“ кои се увозници на штетните апчиња и чаеви за слабеење.
Бубевски смета дека мора да се менуваат законите со цел да им се забрани на „престапниците’’ да можат да формираат нови фирми со истата дејност. На тој начин, според него, нема да останат надвор од радарот на институциите како што се случи со сопствениците на „Слимлајн“.
„Во Законот за трговски друштва е испуштена една работа. Кога има пресуда против сопственици на една фирма која ја ставиле во стечај, тие не смеат одреден период да основаат нова фирма. Но, ние во Законот за трговски друштва не сме предвиделе ако некој е осуден за кривично правни дејствија со кои се загрозува здравјето на граѓаните, да не можат да регистрираат фирма со истата дејност. Веројатно ќе треба тој дел да се подобри од законодавна страна“, изјави скопскиот обвинител.
Бубевски одговараше и на прашања за кривичната пријава против него, обвинителот Артан Ајро и директорот на Финансова полиција, Арафат Муареми, што ја поднесе Државното правобранителство. Кривичната пријава е поднесена поради сомнение за „Злосторничко здружување заради злоупотреба на службена положба и овластување“ и „ Несовесно работење“, при конфискација на имотот на фирмата „Трансмет“ на бизнисменот Сеад Кочан.
Сите тројца осомничени беа дел од тимот на Специјалното јавно обвинителство, но Бубевски не мисли дека кривичната пријава е последна пресметка со СЈО, туку целта е да се поткопа уште повеќе довербата во обвинителствата и институциите кои гонат криминал и корупција.
„Не го доживувам јас тоа така. Мислам дека во суштина нападот е и кон обвинителството и кон судството, затоа што има различни сфери на влијание во оваа држава. За жал, не сме успеале правниот систем да го поставиме на ниво тој да има најголемо влијание, односно правдата да има најголемо влијание. Сметам дека има доста сфери на интерес кои што се многу влијателни во оваа држава и си прават некоја проценка како ќе настапат понатаму за евентуално доколку дојде до некој кривичен прогон против нив, да пробаат да направат некаква штета. И прават, нормално дека прават штета“.
Гледајте го поткастот во 20:15 часот на МРТ 1 и на нашите канали на YouTube и Spotify. Зборуваме и за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, за недовербата во правосудството и дали Гаврил Бубевски има амбиции да го наследи државниот Јавен обвинител Љубомир Јовевски.