Press "Enter" to skip to content

Беса, Алтернатива и Демократско движење бараат одговорност од Јовески

Група пратеници сакаат да иницираат јавна собраниска расправа, а пред народните избраници да реферира државниот обвинител Љубомир Јовевски. Интерпелацијата за него е поради сомнеж дека истрагата за пожарот во Модуларната болница во Тетово е намерно саботирана. Поддршка за интерпелацијата најави и опозициската ВМРО – ДПМНЕ. 

Пет пратеници во Собранието потпишаа интерпелација за работата на државниот обвинител Љубомир Јовевски. На документот стојат потписи на опозициските народни избраници Африм Гаши, Сафије Садики Шаини, Изет Меџити, Фадил Зендели и Мерита Коџаџику. Причина за ова барање на опозициските албански партии е пожарот во Модуларната болница во Тетово каде изгореа 14 лица и пасивната улога на обвинителството. Пратениците се соменаваат за улогата на Јовевски во расветлувањето на случајот – кои се причините за пожарот во модуларната болница.  

„Сакаме во јавна собраниска расправа Јовески да ги објасни сериозните обвинувања дека криел факти и информации во текот на целата постапка за да заштити политичари и членови на бизнис елитите кои биле вклучени во изградбата на Модуларната болница. Исто така граѓаните сакаат да знаат како се случило 14 лица да изгорат во болница и за тоа да не се бара одговорност од фирмата која ја изградила болницата, од изведувачот, а притоа да објасни и зошто од случајот било изземено германското вештачење кое самиот обвинител го нарача“, велат пратениците потписници на интерпелацијата.

Пратениците очекуваат претседателот на Собранието Талат Џафери да ја стави оваа точка на наредната пленарна седница. Тие велат дека според досегашните информации целата истрага е водена во спротивна насока за да се прикријат главните виновници кои треба да одговараат за пожарот во модуларната болница во Тетово.

„Главна задача на јавниот обвинител е да ја имплементира правдата и да обезбеди доверба кон правосудниот систем. Но, сведоци сме дека една од најголемите потфрлувања е токму правосудниот систем. Доколку Јавниот обвинител не докаже дека не се криени факти во текот на истрагата тогаш овие сериозни нарушувања треба да сносат одговорност“, велат пратениците.

Интерпелацијата за Јовески доаѓа по објавата на документарниот филм на ИРЛ „Убиство во Тетово“ во кој новинарите преку протечени документи и е – маил пораки добиени од свиркачи за прв пат се прикажаа нови докази кои прецизно ја лоцираат одговорноста за пожарот – во Министерството за здравство како и кај изведувачот на објектот во Тетово. Исто така, преку судските службени белешки, искази и вештачења од истрагата тимот на ИРЛ исцрта јасна слика за процесот на работа на надлежните обвинители. Овие документи покажаа дека врз основа на прибраните докази обвинителството имало јасна слика за причините поради кои се случил пожарот, а се откриваат и пропусти, непотребно одолговлекување и саботирање на истрагата. Пред објавувањето на документарецот ИРЛ побара став од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески и му понуди интервју, но тој одби. Наместо да одговори на прашањата ги обвинуваше новинарите  дека лажат и манипулираат, а обвинителите добро си ја завршиле својата работа. И повеќе од еден месец по објавата на документарниот филм, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција кое е надлежно да го истражи овој случај се уште молчи зошто и по две години од пожарот не се откриени причините. 

Министерот за правда Кренар Лога изрази јавен сомнеж за евентуални пропусти за водење на постапката на обвинителите од Обвинителството за организиран криминал и најави дека доколку обвинителите не и соопштат на јавноста детали за досега преземените активности јавно ќе ги соопшти пропустите во постапувањето кое Министерството за правда ги утврдило. 

Целиот документарен филм можете да го погледнете тука.

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »