Обвинителот Ацо Колевски денеска е избран за претседател на Советот на јавни обвинители. Колевски бил единствен пријавен кандидат и е избран едногласно.
По започнувањето на вчерашната постапка за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, Колевски денеска не сакаше да одговори дали Советот ќе избере нејзин наследник.
„Советот одлуките ги носи со мнозинство гласови, така што, доколку ова прашање се постави во работата на Советот јас ќе го изнесам на седница за да го слушнам мислењето на секој од членовите и евентуално заедно да донесеме некоја одлука доколку сметаме дека има потреба. Не би можел да кажам мој став, бидејќи би го прејудицирал мислењето или одлуката која би ја донел Советот во однос на тоа прашање“, рече Колевски.
Инаку, новиот претседател на Советот на јавни обвинители е познат по тоа што го потпиша барањето за заштита на законитоста за притворот на Кочан до Врховниот суд.
За врховните судии кои го уважија ваквото барање на Колевски, меѓу кои е и претседателот на Врховен Јово Вангеловски, се води постапка во Судскиот совет, а Кочан го избегна притворот.
Колевски денеска по изборот за претседател на Советот на обвинители рече дека потегот бил оправдан.
„Сите случувања после тоа го оправдуваат тој потег. Доколку се употребуваше ова вонредно правно средство досега ќе се извршеше некаква контрола во работењето на СЈО, тие ќе немаа таква слобода да постапуваат без контрола и да дојдеме до оваа ситуација јавен обвинител, за жал, да се впушти во недозволени дејствија“, кажа Колевски.