Меѓународното истражување на ИРЛ и партнерите за првпат ги спојува точките во една матна балканско-американска мрежа, откривајќи како изградбата на новиот, стратешки важен аеродром во Валона се преплетува со контроверзни политички фигури и моќни светски милијарди. Додека на терен проектот го реализираат еден балкански олигарх и македонски почесен конзул со полициско досие, зад кулисите преку сложен финансиски триаголник во Малта и Луксембург, се крие кредитна линија од 100 милиони евра. Во неа како клучен инвеститор се појавува компанијата што го води сметководството на приватните саудиски фондови на Џаред Кушнер — зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, чии најавени мега-туристички проекти веќе со месеци ја тресат Албанија.
Известуваат: Иван Блажевски, Бојан Стојановски; Дополнително известување: Кевин Хол; Линдита Чела; Визуализација: Елена Митревска Цуцковска, Лука Блажев
Името на Џаред Кушнер, зет на Доналд Трамп, со месеци предизвикува масовни протести и т.н. Фламинго револуција во Албанија. Но, покрај планираните луксузни туристички проекти на неговиот фонд „Affinity Partners“ во Албанија, Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) од Скопје и медиумската организација „Штег“ од Тирана открија прикриена меѓународна мрежа за финансирање на изградбата на новиот аеродром кај Валона во која улога имал и македонски почесен конзул во Косово.
Истражувањето открива дека „SEI Investments Company“ — фирмата што го води сметководството на приватните фондови на Кушнер, поддржани од Саудиска Арабија — се појавува како инвеститор во кредитна линија без транспарентна структура во износ од 100 милиони евра за изградба на аеродромот во Валона. Парите се пласирани преку сложен триаголник од новоосновани приватни фондови во Малта и Луксембург, што оневозможува да се откријат вистинските сопственици.
Скандaлот добива силна регионална димензија бидејќи една од двете фирми што го градат аеродромот му припаѓа на Валон Адеми, почесен конзул на Македонија во Гњилане, Косово. Адеми ја добил оваа дипломатска функција од македонската Влада и покрај тоа што претходно бил разрешен од Албанија, имал пријави во косовската полиција за закани, а негови семејни фирми биле поврзувани со тендерски нерегуларности. Додека албанското Специјално обвинителство (СПАК) веќе поднесе обвиненија за местење на меѓународниот тендер за аеродромот, истражувањето на ИРЛ за првпат открива врска меѓу финансирањето на аеродромот, фирми поврзани со фондовите на зетот на Трамп и матни балкански политички и бизнис кругови.
Албанија го разрешила, Македонија го преземала
Валон Адеми (38) од Косово има необична кариера – тој транзитира како почесен конзул низ балканските држави уште од своите рани триесетти години иако во јавноста не е познат по никаква општествено значајна работа.
Откако до 2019 година бил почесен конзул на Албанија во косовскиот град Гњилане, од 2020 истата функција му ја доделила и Македонија, иако официјална Тирана претходно одлучила да ја прекине соработката со него.
Во дипломатијата почесниот конзул не добива плата за службата и работата е волонтерска. Но, титулата дава институционален печат и пристап до затворени бизнис-кругови и дипломатски настани каде често дел од гостите се владини службеници или бизнисмени. Дополнително, таа носи репутациски придобивки и општествен престиж.
За возврат, преку конзулската функција личноста има обврска да ги промовираат интересите на граѓаните од земјата која ја доделува функцијата во неговата матична земја и да работи на продлабочување на односите на културен, социјален и економски план. Но, се чини дека младиот почесен конзул од кариера работел на зајакнување на неговите деловни позиции во Албанија. Адеми преку негова фирма во средината на 2021 година станал со-сопственик на компанија за аеродромски услуги во Албанија кај градот Валона.
Стратешки важниот аеродром, кој сѐ уште се гради, се наоѓа на сaмо неколку километри од локации каде треба да се градат туристички мега-проекти во близина на лагуната Вјоса-Нарта и островот Сазан. Ќе ги градат фирми поврзани со зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, кој е оженет со неговата ќерка Иванка.
Но, во Албанија од крајот на мај годинава започна т.н. Фламинго револуција, предводена претежно од младите Албанци. На демонстрациите се бара запирање на туристичките проекти, затвор за премиерот Еди Рама и за лидерот на опозицијата Сали Бериша и формирање на трета политичка опција во државата.
Протести во Тирана против најавените инвестиции на семејството на Трамп
Додека јавноста е фокусирана на протестите и проектите на Џаред Кушнер, Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) откри како се кредитира изградбата на аеродромот кај Валона, каде нашиот почесен конзул е еден од главните протагонисти и каква е тамошната врска со семејството на Доналд Трамп.
Почесен конзул е титула која Македонија ја доделува во земји каде ќе се укаже потреба. Таков бил случајот и со Косово. Според упатствата на Министерството за надворешни работи (МНР), лицето кое се предлага за таа функција треба да е докажан пријател и да негува почит и симпатии кон земјава и нејзините граѓани.

Бил именуван на таа позиција со решение на Владата на Зоран Заев во декември 2020 година. Го потпишал тогашниот вицепремиер Артан Груби од ДУИ кога министер за надворешни работи беше неговиот сопартиец Бујар Османи.
На 29 декември 2020 година решението за Адеми било објавено во Службен весник на Македонија.

Пред да стане почесен конзул на Македонија, Адеми бил почесен конзул на Албанија во Гњилане. Но, тогашниот албански министер за надворешни работи Гент Цакај во јули 2019 година му го прекинал мандатот. Во дописот од албанското МНР до амбасадата на Албанија во Приштина не се наведуваат причините за ваквата одлука.
Но, според истражувачкиот медиум во Косово, Инсајдери, компанијата ALKO-IMPEX General Construction, каде Адеми е еден од ортаците, во Албанија наводно била замешана во неправилности при јавни тендери.
Го има и низ полициската евиденција во Косово. Во февруари 2020 година, неколку месеци пред да стане почесен конзул на Македонија, Адеми бил пријавен во косовската полиција од страна на тогашниот секретар во косовското Министерство за инфраструктура и животна средина, Бетим Речица поради упатени закани кон него и семејството. Преку медиумски партнер во Косово, ИРЛ контактираше со Речица за да ни објасни што се случило, но тој одби.
Година и пол откако престанал да биде почесен конзул на Албанија, Адеми повторно ја добил истата титула, но од Македонија.
Според документите кои МНР во Скопје ги достави до ИРЛ врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, препорака за да биде именуван за наш почесен конзул Адеми добил од амбасадата на Македонија во Приштина и од тогашниот косовски министер за економија, Едмонд Шала.
„Во тој период имавме политика на проширување на мрежата на почесни конзули, па до сите наши амбасади беше упатено барање да предложат соодветни кандидати. При изборот не се оценува само што направил кандидатот во минатото за билатералните односи, туку пред сè неговиот потенцијал да придонесе во иднина“, појасни за ИРЛ тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи.
Но, од МНР ни рекоа дека во периодот пред 2020 година, кога почнала процедурата за Адеми, државава немала амбасадор во Приштина.
Подолг временски период Амбасадата на Република Северна Македонија во Република Косово беше раководена од вршители на должност“, ни рекоа од министерството.
Вршителите на должност биле назначувани од редот на вработените во МНР, упатени на мандат или испомош во амбасадата.
Исчезнати се документите на МНР за именувањето на Валон Адеми
Папката која ИРЛ ја доби од МНР за процесот за назначувањето на Адеми е речиси празна. Во неа имаше само фотокопија од објавеното решение во Службениот весник. Една недела подоцна службите успеаја да пронајдат уште четири документи:
Според Упатството при водење постапка за именување на почесни конзули на државава во странство, донесено во 2008 година и по кое се водела постапката за Валон Адеми, МНР во неговото досие би требало да поседува документи или докази најмалку за следното:
- да е докажан пријател или негува почит симпатии кон Република Македонија и граѓаните на Република Македонија.
- да има државјанство на државата домаќин, со постојано место на живеење и адреса на идното седиште на конзуларното претставништво.
- вообичаено да работи на територијата на конзуларното подрачје.
- да не е постар од 70 години.
- да не е осудуван за кривични дела за кои е предвидена казна затвор од најмалку шест месеци, за кривични дела во врска со неговата службена дејност или друго кривично дело што го прави недостоен за извршување на функцијата почесен конзул.
- да е афирмирана личност во областите на своето професионално делување.
- да има влијание во јавниот, политичкиот, стопанскиот или културниот живот на државата домаќин.
- да го владее службениот јазик на државата домаќин; пожелно е, меѓутоа не е задолжително, да го знае македонскиот јазик.
- да е финансиски обезбеден, од сопствени извори или преку спонзорства од приватни или државни субјекти во државата домаќин, во покривањето на буџетот на конзуларното претставништво.
- да има услови да обезбеди соодветни конзуларни простории за вршење на конзуларните функции.
- да исполнува и други услови неопходно потребни за нормално функционирање на конзуларното претставништво (опремување и сл.).
Во МНР вакви материјали за Валон Адеми не најдоа, а не ни одговорија на прашањата дали иницирале внатрешна истрага и дали Адеми е сѐ уште почесен конзул.
ИРЛ го праша поранешниот министер Османи врз основа на какви документи било одлучувано за Адеми имајќи предвид дека актуелно во МНР недостасува голем дел од документацијата за него?
„Предлозите поминуваат низ редовната постапка на проверка во соодветните служби и доколку ги исполнуваат условите се доставуваат до Владата, која ја носи конечната одлука за именување“, ни изјави Османи.
ИРЛ побара средба со Адеми, но не добивме одговор. Пративме и прашања на електронската пошта на неговата компанија „2A Group“ во Косово, но ниту оттаму не добивме одговор.
Конзулот влегува во бизнис за аеродром
Речиси паралелно со процесот на официјализирање на конзуларниот статус добиен од Македонија, Валон Адеми водел и друга комплексна операција.
Влегол во процедура за учество на тендер за добивање на 35 годишна концесија од Албанија за изградба и управување на нов аеродром кај туристичкиот приморски град Валона.
Ортак во потфатот му е еден од најбогатите Албанци во светот, Беџет Пацоли, бизнисмен и поранешен претседател на Косово.
Компанијата Mabco Constructions SA во сопственост на Пацоли и 2A Group семејната фирма на Адеми имале договор за заеднички настап на тендерот.
Само една недела пред Адеми да стане почесен конзул на Македонија, на 22 декември 2020 година бил потпишан и привремен договор за конзорциум со турската YDA Insaat Sanayi Ve Ticaret Anonim Sirketi. Таа имала искуство за менаџирање на аеродроми, што бил еден од клучните услови за фирмите на Адеми и Пацоли да бидат конкурентни на тендерот.
Во 2021 година конзорциумот составен од фирмата 2А Group, Mabco constructions SA и турската YDA Insaat Sanayi Ve Ticaret Anonim Sirketi, ја доби 35 годишната концесија од албанското Министерство за инфраструктура за изградба и менаџирање на новиот аеродром.
Но, сега пет години подоцна, неизвесно е кога ќе заврши неговата изградба. Причина за тоа е судска постапка која ја поднесе токму нашиот почесен конзул.
Кредит од 100 милиони евра од Луксембург преку фонд од Малта
Сѐ започнало откако во 2018 година албанската Влада до Парламентот поднесе предлог-закон за турскиот конзорциум Cengiz Construction – Kalyon – Kolin Construction да го гради аеродромот и да се заобиколи потребата од меѓународен тендер.
Ова предизвика реакција на Европската Комисија која потенцираше дека е клучно јавните набавки во Албанија да се спроведуваат врз база на недискриминација. На почетокот на 2019 постапката беше запрена, а во декември истата година беше објавен тендер за 35 годишна концесија на аеродромот во Валона, на кој беше избрана понудата на споменатиот конзорциум.
За да се финансира изградбата на аеродромот, Mabco Constructions SA и 2A Group прво земале кредит во 2023 година од албанската Banka Kombëtare Tregtare (BKT) во вредност од 56 милиони евра. За него Mabco на Беџет Пацоли како залог дал еден свој хотел и фабрика за цевки.
Поточно, како хипотека биле дадени Swiss Diamond Hotel (залог проценет на 33 милиони евра) и IMK Pipe Factory преку Mabetex Holding (залог проценет на 42 милиони евра).
Потоа во 2025 година Mabco склучил нов договор со друг заемодавач за кредитна линија од 100 милиони евра. Во овој договор не учествувала компанијата на Адеми, 2A Group.
Но, наместо повторно да земе банкарски кредит, овој пат во Mabco одлучиле пари да побараат преку приватен фонд, односно преку издавање обврзници. Тоа се хартии од вредност кои ги купуваат инвеститори и со тоа го финансираат кредитот.
Во овој случај тоа било сторено преку Delphos Securities SARL, фонд во Луксембург кој бил основан на 04 ноември 2024 година, односно само пет месеци пред земањето на кредитот.
За него ИРЛ откри дека го формирала Fondazione Delphos фондација од Малта непосредно пред склучувањето на договорот за кредитната линија со Mabco Constructions SA.
Фондацијата во Малта пак, била регистрирана на 16 септември 2024 година, односно на само два месеца пред да го основа фондот во Луксембург.
Јавноста не може да дознае кој е сопственик на Fondazione Delphos затоа што Малта, која е членка на ЕУ, нема јавно достапен регистар со детали за вистинските крајни сопственици (UBO) на фондациите.
Како што предвидува Граѓанскиот законик на Малта кој ги уредува фондациите, здруженијата и другите видови правни организации, тие податоци може да им бидат достапни само на малтешките национални даночни институции, на органите за спречување на перење пари и за спречување на финансирање тероризам.

Инаку, во договорот меѓу Mabco и Delphos Securities SARL влегла и компанијата VIA, која во документот се води како „дополнителен позајмувач“. Но, ИРЛ откри дека во документот нема печат од VIA, ниту потпис од нејзиниот управител во тоа време.

И покрај ова, од компанијата на Пацоли — Mabetex Group, матична компанија на Mabco Constructions, тврдат дека VIA не е страна во кредитниот договор.
„VIA никогаш не била, не е и нема да биде страна во договорот за финансирање со Delphos”, напиша Mabetex Group на својот Фејсбук профил, по одржувањето на Генерално собрание на партнерите на VIA на 18 јуни 2026 во Тирана.
Поранешен виш функционер од европска банка со глобални операции за ИРЛ кажа дека не може да сфати зошто Mabco Constructions избрала да земе ваква кредитна линија преку фонд поврзан со Малта и Луксембург – со значително повисока камата – наместо преку конвенционална комерцијална банка.
Зборувајќи под услов на анонимност поради неговата поранешна висока функција изворот нагласи дека веројатно постои регулиран споредбен договор меѓу заемодавачот – во овој случај Delphos Securities SARL – и инвеститорите во фондот.
„Сосема е можно да постои дополнителен интерен договор меѓу фондот и еден или сите сопственици на обврзниците, во кој детално се утврдени односите меѓу нив и луксембуршкиот фонд. Според таков договор, фондот можеби им ги отстапува своите права врз хипотеките или пак станува збор за нешто сосема поинакво“, изјави тој за ИРЛ.
ИРЛ побара средба со Беџет Пацоли, но и од него не добивме одговор. Дополнително по електронска пошта пративме прашања до Mabco, до управителите на Delphos Securities SARL од Луксембург, до компанијата Promethean на Малта која е наведена како сметководствено биро на Fondazione Delphos (за која нема контакт адреса) и до Delphos во Вашингтон. Им поставивме повеќе прашања барајќи одговор за нивната улога во кредитирањето и изградбата на аеродромот во Валона.
ИРЛ не доби одговори од никого. Единствено нѐ контактираа од компанијата Promethean на Малта. Ни побараа да им го дадеме текстот каде што се споменува Fondazione Delphos. ИРЛ тоа го одби затоа што не е новинарски етички и професионално да споделуваме материјал кој сѐ уште не беше објавен. Повеќе не нѐ контактираа.
Инвеститор во кредитот, фирма што го работи сметководството за зетот на Трамп
Но, кои се всушност инвеститорите кои купиле обврзници, односно ја финансирале кредитната линија од 100 милиони евра?
Delphos Securities SARL обврзниците преку кои требало да ги собере потребните 100 милиони евра ги понудила на продажба во април 2025 година.
Купопродажбата била спроведена преку американска фирма, открива документ од Комисијата за хартии од вредност и берзи на Соединетите Американски Држави (SEC).
Во него стои дека во обврзниците (bonds) инвестирале тројца инвеститори. Нивниот идентитет во документот не е јавно достапен, односно не е наведено дали се правни или физички лица.
Но, ИРЛ најде кои се двајца инвеститори во кредитот. Остатокот од понудата бил наменет за неамерикански купувачи.
Потврдивме дека американскиот инвестициски фонд GMO Trust, преку својот посебен фонд за пазари во развој (GMO Emerging Country Debt Fund) е еден од купувачите на обврзница во вредност од 17,5 милиони евра. Долгот треба да се врати до 2035 и има камата од 7,63%.
Дојдовме и до уште еден од инвеститорите. Во документ од Комисијата за хартии од вредност и берзи на САД од есента 2025 година е наведено дека и американскиот инвестициски фонд SEI Institutional Investments Trust во листата на инвестиции кај земји во развој го посочува луксембуршкиот фонд Delphos Securities SARL.

И овој долг треба да се врати до 2035 година, а пријавената годишна камата изнесува 7,625%, речиси исто колку и каматата што ја добил GMO Emerging Country Debt Fund.
Но, она што подоцна го забележавме беше уште поинтересно.
SEI Institutional Investments Trust е дел од фондовската фамилија на SEI Investments Company.
ИРЛ откри дека SEI Investments Company го води сметководството на шесте приватни фондови на Affinity Partners на Џаред Кушнер, која работи под своето регистрирано правно име A Fin Management LLC.
Конкретно, во документ поднесен од страна на A Fin Management LLC до SEC на 22 март 2026 година, SEI Investments Company е наведена како надворешен администратор — фирма одговорна за сметководството и административното управување на нивните шест фондови.

Според пријавата, три од шесте фондови се регистрирани на Кајманските Острови.
Дојдовме и до втора потврда дека SEI Investments Company ја врши таа функција за компанијата на Кушнер во извештај на истражувачката платформа newstracks.com каде се обработува финансирањето на неговата компанија од страна на Јавниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија (Public Investment Fund – PIF).

ИРЛ прати електронски прашања до Affinity Partners и до SEI Investments Company за да побараме потврда и други детали за овие информации, како и прашања поврзани со кредитната линија. Но, ниту една од нив не ни одговори.
Инаку, туристичкиот проект на Кушнер во Албанија доби катарски партнери, како што објави американскиот весник Њујорк Тајмс. Станува збор за компанијата Khayyat, дел од катарската бизнис-групација UCC Holding со седиште во Доха.
Таа им припаѓа на браќата Ал-Хајат, Рамез и Мохамед. Освен што му се придружија на Кушнер во проектот на Сазан, истовремено купија и приватни парцели на брегот, во близина на лагуната Вјоса-Нарта, токму спроти Сазан.
Двата туристички проекти се структурно поврзани со Кушнер преку заедничка корпоративна архитектура.
Имотно-правните проблеми кои се појавија поради купувањето на парцелите кај лагуната подоцна ја иницираа Фламинго револуцијата во Тирана која сѐ уште трае.
Дел од документацијата користена во истражувањето:
ДОКУМЕНТ | ПРЕЗЕМИ ДОКУМЕНТ |
Vlora International Airport (VIA) наведена како „дополнителен позајмувач“ во договорот за кредитна линија од 100 милиони евра | |
Детали за фондот Delphos Securities SARL во Луксембург | |
Договорот за концесија на аеродромот во Валона | |
Договорот за кредитна линија од 100 милиони евра меѓу Mabco Constructions и DELPHOS Securities SARL | |
Инвеститорот SEI наведен како администратор на фондовите на фирмата на Џаред Кушнер - Affinity Partners (A FIN MANAGEMENT) | |
Копија од регистрацијата на фондот во Малта | |
Решение за именување на Валон Адеми за почесен конзул на Македонија во градот Гњилане во Косово | |
Тројца инвеститори во кредитната линија за аеродромот во Валона |


































