Документарниот филм „Убиство во Тетово“ на Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) имаше светска премиера во Модена, Италија на реномираниот европски фестивал за истражувачки документарци и репортажи – ДИГ Фестивал (DIG Festival).
ИРЛ беа финалисти во категоријата „Долги истражувачки документарци“ заедно со БиБиСи (BBC), Ал Џазира (Al Jazeera), шведскиот национален сервис (SVT) и европскиот сервис (ARTE). Наградата за најдобар долг истражувачки документарец ја доби БиБиСи со документарецот „Syria: Addicted to Captagon”.
Италијанскиот ДИГ фестивал поддржува новинари од целиот свет во нивната задача да ја зачуваат демократијата и еднаквоста. Секоја година во Модена, Италија фестивалот обединува храбри новинари, истражувачи и креативци од целиот свет ставајќи посебен фокус на користење иновативни технологии во медиумските продукти и на етиката во медиумите.
По проекцијата на документарецот „Убиство во Тетово“, публиката имаше можност да дознае повеќе за работата на ИРЛ на сесија со прашања и одговори. Во рамки на фестивалот за истражувачки документарци, уредничката на ИРЛ, Сашка Цветковска учествуваше и како панелист на дискусија за иднината на новинарството со посебен фокус на видео стории.
Истражувањето „Убиство во Тетово“ е истрага за една од најголемите несреќи во историјата на државата со масовен број жртви.Во пожарот на 8-ми септември 2021 година 14 луѓе загинаа во тетовската модуларна болница за лекување на болни од КОВИД 19 вирусот. Различни надлежни институции случајот го посочија како несреќа, а причините се лоцираа во избивање на продолжен кабел.
За пожарот во модуларната болница осудени се двајцата директори на болницата во Тетово, Флорин Бесими и Артан Етеми, кои добија условни затворски казни од 18 месеци за кривично дело „предизвикување општа опасност“. Апелациониот суд во Гостивар предметот го врати на повторно судење. За причините за пожарот веќе три години се води предистражна постапка во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, но се уште нема осомничени лица.
„Убиство во Тетово“ ги открива вистинските причини за пожарот коишто не водат низ лавиринт од грешки и пропусти направени од обични службеници до високо профилни лица од сферата на политиката, бизнисот и судството. За да ги изградат аргументите во ова истражување новинарите добија пристап до 5,455 страници материјал во којшто се распоредени 585 документи. Работата вклучуваше пребарување и истражување на јавните списи, прибирање на документи со помош на свиркачи, теренска работа, разговор со сведоци, прибирање на експертиза и истражување на јавни архиви.