По две години судење, предметот во кој докторот Жан Митрев е обвинет за измама на 283 пациенти, се враќа на почеток. Причината е повлекување на две судијки поротнички кои во исто време си дадоа оставки од функцијата.
Судењето почна со воводен говор на Никола Додевски, адвокатот на Жан Митрев, кој како и пред две години кажа дека наводите на обвинителство дека докторот Митрев е измамник се апсурдни.
На следното рочиште ќе треба од почеток да се сослушуваат сведоците кои веќе дадоа искази уште пред две години. Повторно се повикани да дадат исказ две оштетени, бидејќи адвокатскиот тим на Митрев не дозволи новите поротници да ги изгледаат нивните сведочења кои се снимаат за време на судењето. Дали и сите останати сведоци ќе се сослушуваат од почеток или пак веќе дадените искази ќе се гледаат во судницата, адвокатите на Митрев ќе треба да се изјаснат на следното рочиште.
Сведоците кои веќе еднаш сведочеа во овој процес, а кои во ковид пандемијата изгубиле свој близок во болницата „Жан Митрев“ велат дека започнувањето на овој судски процес од почеток нема да ги натера да се премислат и дека ќе продолжат да ја бараат правдата.
„Кога веќе сите очекувавме епилог, тие нè враќаат повторно на почеток. Ако одбраната мисли дека времето кое досега помина ќе не обесхрабри и ќе не поколеба за да кренеме раце од овој случај се лаже. Моето семејство, а и другите семејства со кои сум во контакт никогаш нема да се откажеме. Повторното враќање на судењето од почеток само ќе не потсети на агонијата која ја преживеавме во болницата Жан Митрев Клиник“, вели Мелита Брезева, чиј сопруг почина во приватната клинка.
Пред почетокот на судењето, адвокатот Додевски се обиде да го одложи и ова рочиште и побара судот да и даде време на одбраната да се запознае со новите поротници за да провери дали имаат некаков судир на интерес.
Обвинителката Хаџи Василева рече дека барањето за одложување на рочиштето отвара сомнежи дека оставките на претходните поротнички навистина биле од лични причини.
Двете судијки поротнички Ирена Тасевска и Ема Пауновска во ист период одлучија да се откажат од функциите. ИРЛ веќе објави дека тие биле избрани на иста седница на Судски совет која се одржала на 30 мај 2023, само две недели пред почетокот на судењето против доктор Жан Митрев и неговата болница.
Мандатот на судиите поротници трае четири години. Нив ги бира Судскиот совет врз основа на оглас кој го распишува Кривичниот суд. Судии поротници се непрофесионален персонал кој треба да даде перспектива на „обичен граѓанин“ во текот на судењата и учествуваат во кривичните предмети за кои се предвидени над пет години затворска казна.
Во јануари 2023 година, скопското Јавно обвинителство поднесе обвинение против кардиохирургот Жан Митрев и неговата клиника, наведувајќи дека сторил кривично дело измама. Истрагата и судењето следуваа по објавувањето на документарниот филм „Нечиста крв“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ). Според обвинението, 283 пациенти заболени од КОВИД-19 биле доведени во заблуда, бидејќи за лекување им бил понуден методот на хемофилтрација како ефикасен третман, иако не постоеле научни докази кои го потврдуваат тоа. Обвинителството тврди дека со примената на овој метод, клиниката заработила околу 1,6 милиони евра.
Следното рочиште е закажано на 17 март.