Press "Enter" to skip to content

Анѓушев повторно ја нападна ИРЛ за да го оцрни и саботира тековното истражување за модуларната болница во Тетово

Притисоците доаѓаат од бизнис и судски центри на моќ и често преку платена медиумска мрежа се шират лагите и нападите на холдингот „Фероинвест“ и поранешниот вицепремиер за економија Кочо Анѓушев врз ИРЛ. Паралелно со активностите на лицата од интерес во ова истражување, во саботирањето учествуваат и  македонски и странски институции кои што одбиваат да споделат јавни документи и информации, за што ИРЛ беше приморана да води дузина жалбени постапки пред надлежната комисија за информации од јавен карактер.

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) уште пред два месеца алармираше дека се саботира тековно истражување со цел да се спречи и одолговечи објава на сторијата посветена на трагедијата во која загинаа 14 граѓани во пожар во модуларната болница во Тетово. Притисоците доаѓаат од бизнис и судски центри на моќ и често преку платена медиумска мрежа се шират лагите и нападите на холдингот „Фероинвест“ и поранешниот вицепремиер за економија Кочо Анѓушев врз ИРЛ. Со денешното соопштение испратено од „Фероинвест“, а објавено на десетина медиуми намерата е да се збуни јавноста, а со цел да се заштитат интересите на економски моќни поединци, а не на широката јавност што е основната функција на медиумите. Паралелно со активностите на лицата од интерес во ова истражување, во саботирањето учествуваат и  македонски и странски институции кои што одбиваат да споделат јавни документи и информации, за што ИРЛ беше приморана да води дузина жалбени постапки пред надлежната комисија за информации од јавен карактер.

Сето ова резултира со одолговлекување на објавата на истражувањето и спречува навремено и точно информирање на јавноста, а во исто време им остава простор на лица и групи од интерес да ги прикријат трагите и да се извлечат од одговорност. Покани за интервјуа беа пратени до повеќе лица, меѓукои и поранешни и сегашни функционери, но единствено господинот Анѓушев се вознемири од барањето за интервју

Апсурдни се неговите обвинувања дека некој  може да биде вознемируван од медиуми бидејќи дел  од новинарската работа е да се прашаат вклучените страни, особено кога станува збор за мултимилионски проекти платени од буџетот за кои што граѓаните земале и кредити на име на државата. 

Еднакво загрижувачки во сето ова е и однесувањето на медиумите кои што за платени реклами и компензации учествуваат во нападите врз новинарите на ИРЛ. Ова претставува кршење на начелата на транспарентност од Етичкиот кодекс и без назнака дека ова се платени објави (со еден исклучок) се лиферуваат клеветнички соопштенија без да се води сметка за јавниот интерес на сите граѓани, а не на поединци. Дополнително, не се прави проверка на фактите и се консултира втората страна, што претставува грубо кршење на новинарските етички стандарди. Истите медиуми се ставени и на услуга на болницата Жан Митрев од каде што постојано се фабрикуваат конспирации на сметка на ИРЛ преку овие медиуми. 

Сакаме да порачаме дека граѓаните заслужуваат да ја знаат вистината за една од најголемите несреќи случени во последните 10 години во земјава. 

ИРЛ го покани господинот Анѓушев на интервју, како и за сите претходни истражувања така и за тековното. Преку ПР-објавите со кои тој се обидува да ја дискредитира истражувачката сторија овојпат несвесно призна дека ИРЛ уредно го кани на интервјуа, а тој подоцна тужи во граѓански постапки дека не бил доволно пати покануван и не му била дадена шанса да ја каже неговата страна. 

Поканата на ИРЛ за интервју останува отворена, бидејќи сметаме дека неговите одговори се од голема важност. Се надеваме дека ќе се премисли и ќе прифати и со тоа ќе ја испочитува јавноста. 

ИРЛ нема да потклекне на притисокот и на подмолните обиди да се создаде слика дека Анѓушев е жртва на голема конспирација да биде уништен од „немакедонци“ оти е добар и му се љубомори на успехот.  Ова е веќе познат метод на повеќемина бизнис моќници кои се обидуваат да создадат привид дека се жртви и таргети на новинарите за да избегнат одговорност и правосуден прогон. Бесмислени се обидите на господинот Анѓушев да алудира дека ИРЛ истражува само етнички македонски бизнисмени. Работатата на ИРЛ е јавна и овие наводи се лесно проверливи на нашата веб-платформа www.irl.mk

Истовремено, ваквите притисоци од бизнис-моќниците се обид за саботажа на истражувачка работа на новинарите и обид да спречат да се објават важни факти за настани кои неповратно ја уништуваат државата, а се загубија и бројни човечки животи.