Искуствата на дел од пациентките кои се соочиле со рак на дојка сведочат дека поминале низ пекол бидејќи сами откривале дека се болни. Државната стратегија за рана детекција не успеа. До термин за преглед тешко се доаѓа. Статистиката покажува дека годишно во Македонија има помеѓу 700 и 1 000 новозаболени.
Известува: Пелагија Младеновска Стојанчова; Графика: Лука Блажев
По изразот на лицето на радиолошката техничарка видов дека нешто не е во ред. Затоа два дена по мамографскиот преглед на државно, отидов на второ мислење во приватна болница“, раскажува 49-годишната скопјанка Маја Анѓелковиќ – Велеска. Таа во мај 2023 била на бесплатен преглед за рано откривање на рак на дојка. Добила покана во рамките на националниот државен скрининг кој опфаќа жени на возраст од 40 до 69 години.
Дотогаш немала никави симптоми. Додека ги чекала резултатите од државниот преглед била и во приватна болница каде утврдиле дека има рак на дојка.
Но, известувањето што во меѓувреме го добила од Министерството за здравство било дека наодот од државниот мамографски скрининг ѝ е уреден.
„Да не отидев на приватно, се знае каде ќе завршев, ќе ме погребаа“, раскажува Маја за ИРЛ.
Откако од државната клиника ѝ рекле дека е здрава, но резултатот од приватниот преглед покажал дека има рак, таа почнала низа скапи испитувања за кои самата платила.
Читала, истражувала и се интересирала за сите аспекти на битката што ѝ претстоела.
Брзо закажала нови прегледи во приватна клиника, контактирала со лекари, имала информации за достапноста и исправноста на лекарствата.
„Плачев кога дознав за канцерот, плачев од болки, плачев кога почнав со хемотерапијата, првата недела беше многу тешко. Но, често си размислував дека јас сум имала среќа, а што ако утре му се случи на некој друг, да добие навидум уреден наод“, раскажува Маја.
Операцијата за отстранување на дојката и хемотерапиите ги направила на државна клиника, потпирајќи се на познанства и пријатели.
Инаку, организираниот државен скрининг за рак на дојка почна во 2015 година и тогаш ги опфаќаше жените на возраст од 50 до 69 години. Две години потоа границата на жени кои може да се прегледаат се симна на 40 години.
Но, повеќе од една деценија подоцна и самата држава утврди дека нешто не е во ред со акцијата што самата ја започна. Откриени се и причините.
Тешко до термин во јавното здравство
Во октомври, месецот кога се одбележува борбата против ракот на дојка пребарувавме на „Мој термин“. Слободни термини за мамограф имаше во Кочани, Дебар, Свети Николе, Кавадарци. Во Кичево и во Прилеп ќе треба да се почека некој ден или седмица, а во Струмица, Радовиш, Велес и Штип термини немаше.

На Клиниката за радиотерапија и онкологија во Битола немаше термини ниту за октомври, ниту за ноември. Во Штип слободни термини имаше во последната недела од ноември.
Во Тетово, слободни термини имаше во последната недела од октомври. Во Скопје, од седум лекари на кои специјалност им е рак на дојка, само кај двајца има по некое слободно место за октомври и ноември, а другите се зафатени дури до првата недела во декември.
Ракот на дојка кај жените е најчестото малигно заболување во Македонија. Годишно заболуваат меѓу 700 и 1 000 лица, а на Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје актуелно од оваа болест се лекуваат 7 000 пациенти. Во првата половина од годинава досега се новодијагностицирани 458 пациентки.

Самата држава утврди дека програмата не функционира
Но и покрај државно спонзорираниот скрининг, Државниот завод за ревизија (ДЗР) во април годинава објави извештај според кој скринингот за рак на дојка има „ограничен ефект“ за рано откривање на болеста. Причина за тоа е малиот број жени кои биле прегледани.
Во мониторираниот период од 2021 до 2024 година биле спроведени вкупно 20.946 мамографски прегледи. Опфатот се движи од 0,8 до 5,4 проценти од жените на возраст од 40 до 69 години во Македонија. Тоа е далеку од европскиот просек кој е околу 56 проценти.
Дополнително ДЗР во својот извештај забележува дека нема систем за централизирано следење на мамографските снимки.
Податоците за понатамошното постапување не се систематски поврзани со податоците од скринингот, при што е евидентно „губење“ на пациентки кои го продолжуваат лекувањето во приватниот сектор, што ја ограничува можноста за целосна оценка на ефективноста на скрининг програмите, заклучуваат ревизорите.
Потоа, не е воспоставен механизам за регистрирање и анализирање технички грешки и пропусти, а до крајот на ревизијата не биле доставени податоци за следење на лажно позитивните и лажно негативните резултати по скринингот.
„Податоците од здравствените институции покажуваат дека 80% од пациентките со рак започнуваат лекување во подоцнежни стадиуми на болеста, што упатува дека најголемиот дел од случаите не се откриваат во рана фаза како очекуван резултат од организиран скрининг“, пишува во ревизијата.
Институтот за јавно здравје, пак, во друг извештај за мониторираната 2019 години, открива дека скринингот таа година почнал дури во септември и немало време да се прегледаат сите планирани пациентки. Тогаш на преглед биле повикани 2 044 жени, но биле реализирани 1 672 мамографии.
Институтот направил и истражување за финасиската реализација на државните средства за скринингот во период од 2014 до 2019. Во тој период планираните пари за програмата биле речиси исти, но потоа биле намалени.

Извор: Сл. Весник на РСМ, Скопје, 2014-2019
Проблемите со државно поддржаниот скрининг биле идентификувани уште во 2018 во меѓународната експертска анализа на Светската здравствена организација (СЗО).
Веста дека националната програма за рано детектирање на рак на дојка е запрена дојде на почетокот на октомври, шест месеци по извештајот на ДЗР.
Тогаш министерот за здравство Сашо Клековски рече дека концептот мора комплетно да се преиспита зашто извештајот на ДЗР покажал дека програмата е неуспешна.
Пратеничките од Парламентот одат на преглед на приватно
Во април кога од ДЗР објавија дека државниот скрининг има ограничен ефект, Собранието на Македонија склучило договор за јавна набавка за систематски прегледи на своите вработени.

приватна здравствена установа за систематски прегледи
Освен редовните прегледи кои вообичаено се прават кога некој вработен ќе отиде на систематски, во пакетот за вработените во Парламентот има и ехо – преглед за рак на дојка за пратеничките, службеничките и за жените вработени во Кабинетот на собранискиот претседател. Но има и тестови за рак на простата за мажите.
Веста наиде на реакции во јавноста, па медиуми и невладини организации пишуваа дека пратеничките биле привилегирани во однос на другите жени во државава.
Во договорот за јавна набавка стои дека мамографијата е за вработени лица од женски пол над 40 години или по препорака на докторот од извршениот преглед – ехо на гради.
Во Собранието има 48 пратенички, 40 од нив имаат над 40 години. ИРЛ испрати електронска пошта до сите нив, но само мал дел од нив одговорија на нашите прашања.
Побаравме да ни кажат кога последен пат направиле прегледи, дали тоа било во јавното здравство или во приватна болница и дали ги искористиле услугите кои ги нуди Собранието во рамките на систематскиот преглед?
Одговорите што ни ги пратија покажаа дека на редовни прегледи – мамографи и ехо на дојка одат оние кои имаат здравствени проблеми или историја на рак на дојка во нивните семејства. Дел од нив тоа го прават во приватни болници.
Пратеничките кои имаат над 40 години и биле на систематските прегледи што ги организира Собранието, во пакетот добиле само ехо на дојка. За можноста дека имаат и мамографски преглед некои од нив не знаеле.
Од Собранието ни одговорија дека редовните систематски прегледи сѐ уште траат, па не располагаат со податок за точниот број пратенички и службенички кои ја искористиле можноста за дополнителни прегледи, односно мамографија и ехо на дојка.
Според договорот за јавни набавки, дополнителниот мамографски преглед ќе го чини Собранието 350 денари по пациентка.
Овој преглед во јавното здравство е бесплатен, а во приватните болници, во октомври, месецот на борба против ракот на дојка, можеше да се најдат пакети за мамографски преглед и ехо на дојка од 3 500 до над 6 000 денари. Но и во приватните болници и ординации треба да се почека некој ден за термин.
Бавна постапка по откривањето на болеста
Државниот завод за ревизија во извештајот заклучи и дека еден од најсериозните системски проблеми е што во Македонија нема целосни национални податоци за времето што поминува од првото сомневање за рак до започнувањето на онколошката терапија.
Во него се нагласува дека просечното време од упат до преглед во кабинет за дојка изнесувало 157 дена или приближно половина година. За добивање резултат од скрининг-мамографија се чекало во просек 25 дена, а во некои случаи и повеќе од два месеца.
Во услови кога националниот скрининг е во мирување, додека да се најде поуспешна стратегија, а термини нема, редовните самопрегледи и подигањето на свеста остануваат едно на најсилните оружја, посочуваат од здружението посветено на пациенти со рак ХЕМА – ОНКО од Скопје.
Кај жените кај кои болеста е откриена во рана фаза, стапката на преживување надминува 99 проценти.
Но, проблемите не завршуваат со дијагнозата, вели Ана Марјановиќ, пациентка и претставничка на ХЕМА – ОНКО. Следуваат дополнителни испитувања, патохистолошки анализи, конзилијарни одлуки, лекување и редовни контроли.
„Пациентките честопати се принудени сами да бараат термини, да ги пренесуваат резултатите меѓу институциите и да го координираат сопственото лекување. Пациентката треба да се бори со болеста, а не и со здравствениот систем“, вели Марјановиќ за ИРЛ.
Марјановиќ вели дека во секоја фаза роковите мора строго да бидат дефинирани и редовно да се следат.
„Кога станува збор за рак секоја непотребно изгубена недела може да има значење за исходот од лекувањето“, вели таа.

Инаку, лекувањето на болеста, односно онколошката терапија главно е на товар на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје.
Според податоците на ХЕМА –ОНКО, 92% од испитаничките онколошката терапија ја примале таму.
Но, 58% направиле мамографија или ехо во приватна болница затоа што во државните требало многу да се чека. Дури 60% биле упатени во приватна установа за биопсија, а 38% направиле магнетна резонанца приватно поради долго чекање во јавното здравство.
Како што вели Ана Марјановиќ, загрижува фактот што во втората анкета 61% од испитаничките одговориле дека не ги прават редовните контролни прегледи после операцијата и третманот. Од оние кои ги прават, дури 74% отишле во приватни болници.
Сторијата е изработена во рамки на проектот„MEdIA – Lit (Media Enhancement and Information Literacy for Democratic Engagement)“, кој е дел од програмата „Support to regional thematic networks of Civil Society Organisations (CSOs); Regional networks promoting independent pluralistic media and freedom of expression; and EU Award for Roma Integration“ (Референца: EuropeAid/179703/DH/ACT/Multi, Лот 11: Freedom of Expression and Media).































