Press "Enter" to skip to content

(ВИДЕО) Јовески за ИРЛ: Не се мешаме во работата на судиите, Русковска беше разочарана

25.11.2019

Јавниот обвинител Љубомир Јовески во интервју за ИРЛ вели дека неговата колешка Вилма Русковска реагирала импулсивно и не станува збор за притисок врз апелационите судии кои одлучиле за ослободување од затворски притвор за обвинетата Катица Јанева.

„Денеска во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија ние одржавме колегиум и ги разгледавме овие прашања. Таа изјава не треба да се сфати како притисок врз судиите. Ние како Обвинителство ги почитуваме одлуките на судиите и немаме намера да се мешаме во нивните работи, но исто така се залагаме за владеење на правото и ние сме гарант за заштита на законитоста. Ние сме одговорни во делот на кривичниот прогон и можеби изјавата на обвинителката Вилма Русковска се должи на моментална разочараност од определена одлука, со оглед на тоа што во тој предмет таа водеше сеопфатна предистражна и истражна постапка. Изготвено е обвинение и поднесен е обвинителен акт и се чека судот од тој обвинителен акт да ја донесе соодветната одлука“ – вели Јовески за ИРЛ.

На прашањето дали Јовески застанува во одбрана на Рускоска тој одговори:

„Не знам дали тоа треба да се сфати како одбрана на определен обвинител, едноставно кажуваме кои се фактите, околностите, нашите мотиви и заложбите. Нам како Обвинителство воопшто не ни треба да отвараме проблеми со судовите, таму каде што најмалку треба да ги има. Од определени одлуки, како што и досега било, доколку не сме задоволни ако имаме правни средства и интрументи ние тие одлуки ќе ги подложиме на проверка пред повисоките судски институции“ – вели Јавниот обвинител Јовески.

Обвинителката Русковска по вчерашната одлука на Кривичниот совет во Апелациониот суд, Катица Јанева да се префрли во домашен притвор, испратила СМС порака до судијата Јани Нича со следнава содржина.

„Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како Вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите“.

Судиите Јани Нича, Сафет Кадрии и Зоран Димитриевски се тројцата судии од Апелација кои вчера попладнето одредија домашен притвор за Јанева. Денеска тие свикаа итен колегиум на кој повикаа и преставници од Судскиот совет. По завршување на состанокот од Апелацискиот суд испратија соопштение, во кое велат дека однесувањето на Русковска е недолично и е закана за судиите.

„Ваквото постапување на јавен обвинител претставува преседан во правосудниот систем со кое директно се нарушува угледот на судот. Токму ваквото недолично однесување на јавен обвинител кој раководи со Обвинителството за организиран криминал и корупција, истовремено, претставува директно влијание врз текот на водењето на судските постапки и грубо го нарушува принципот на независноста на судството, како многу важен сегмент на владеењето на правото, а токму тоа може да биде пречка за пристапување на нашата држава во ЕУ, на кое нешто се повикува обвинителката“, реагираат од Апелација.