Press "Enter" to skip to content

Тајни патници во владиниот авион, власта крие кој лета на државна сметка

Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Пеце Мирчевски го одби барањето на ИРЛ за слободен пристап до информации од јавен карактер за списокот на патници во владиниот авион. СОЗР тврди дека имињата на патниците претставуваат личен податок. Пред четири години, медиумите пишуваа дека Мирчевски со четири колешки бил на шопинг во Љубљана, но ова никогаш не се докажа бидејќи и тогаш владата не ги откри листите со патници. 

Известува: Маја Јовановска/ Илустрација: Лука Блажев

Македонија нема своја авио компанија, a како држава поседува само еден авион – Лирџет 60. Во сопственост е на владата и најчесто со него се превезуваат мали делегации предводени од премиерот и министерот за надворешни работи. Во изминатите шеснаесет месеци (од април лани до август годинава) авионот бил ангажиран 64 пати. За службени патувања поретко го користи Секретаријатот за европски прашања, а со него се превезуваат и парламентарни делегации.  

Баравме список на лица кои патувале од 1 – ви април лани до 24 август оваа година, но добивме половичен одговор. Имињата на сите патници се пречкртани, па нејасно е дури и кој ја предводел делегацијата. Со црна линија е покриено и името на премиерот, иако тоа лесно може да се провери според датумите на патувања и објавите во медиумите.

Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Пеце Мирчевски одлучи да достави само податоци кои државните органи го користеле  државниот авион и дестинациите до кои летале. Имињата на патниците реши да не ги обелодени со изговор дека тоа биле лични податоци и нема овластување за да ги достави. 

„Констатирано е дека бараната документација содржи личен податок чие откривање би значело повреда на заштитата на личните податоци, бидејќи до Службата истите се доставени од друг субјект и нивна обработка во смисла на одредби од Законот за заштита на личните податоци, Службата може да врши само во рамки на својата надлежност и за целта за која се доставени.“, пишува во одговорот од СОЗР.

Во писмениот допис се додава и дека за да ни ги достават имињата, потребно е да добијат дозвола од институциите кои го користеле авионот. 

СОЗР е државен орган што врши услуги и јавни набавки за потребите на Претседателот на државата, Владата, сите министерства и Уставниот суд. Директор од 2017 година е Пеце Мирчевски, кој беше избран во мандатот на Зоран Заев, а остана прв човек во службата и кога дојде премиерот Димитар Ковачевски. 

Кога одредена институција треба да го ангажира владиниот авион одобрение издава директорот Мирчевски. До него стасува барање, се наведува целта на патувањето и листата на патници од службената делегација. Токму овие податоци ги побара ИРЛ од СОЗР, со цел да видиме кои се лицата кои ги придржуваат функционерите кога патуваат со службениот авион и дали евентуално има „слепи патници“. 

Мистериозни патници во владиниот авион

Капацитетот на патници во Лирџетот е максимум осум лица заедно со членови на екипажот. Лета на релации до 2.800 километри на територијата на Европа, Медитеранот и Блискиот исток.

Ова е втор обид на ИРЛ од истата влада на СДСМ да ги побара податоците за патниците во владиниот Лирџет. Сомневањата за злоупотреби на патувања на државна сметка остануваат само шпекулации, бидејќи владата постојано се повикува на заштита на личниот интерес на патниците. Кога во 2018 година го поставивме истото прашање, директор на СОЗР и тогаш беше Пеце Мирчевски. Пред пет години имињата на патниците беа квалификувани како класифицирани информации.

„Во врска со прашањето за тоа кои лица летале со авионот од 2013 година до сега, за жал не сме во можност да дадеме информација, поради тоа што тоа што се класифицирани информации. Единствено што може да дадеме информација е дека летале само лицата што имаат право на користење на авионот, кои беа наведени во одговорот на првото прашање. Согласно информациите кои се стигнати до нас, авионот единствено летал за службени потреби на наведените функционери. Немаме информации дали е направена злоупотреба за приватни цели“, пишува во одговорот од Владата доставен до ИРЛ во 2018 година.

Една година подоцна, во 2019 година, медиумите објавија дека директорот на СОЗР го искористил Лирџетот за шопинг во Љубљана заедно со четири колешки, тврдејќи дека за тоа имаат потврда од М-НАВ. Мирчевски демантираше дека летал приватно со државниот авион, туку се работело за тренинг лет. 

„Станува збор за тренинг лет, кој заради безбедност мора да се изврши за владиниот авион. Летот е извршен на релација Скопје-Охрид-Љубљана. Во авионот има двајца пилоти, еден инструктор и четири лица. Летот почна во 7:30 часот, а по Охрид авионот продолжи за Љубљана, бидејќи тестирањето на авионот подразбира три часа непрекинат лет“, изјави тогаш Мирчевски.

Не постојат лични податоци на државна сметка

Патниците кои патуваат со владиниот авион би требало да се државни чиновници кои го придружуваат премиерот, министерот или Претседателот. Тие патуваат на државна сметка и во рамки на службено патување. Директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер Пламенка Бојчева вели дека објавување на имињата на лица кои добиваат плата од државниот буџет не може да биде личен податок. 

 „Име и презиме не е личен податок за било кое лице кое остварува средства од буџетот. Тоа се однесува на секој именуван функционер, одговорно лице или службеник кој е вработен во некоја институција или е ангажиран со договор на дело и добива паричен надоместок од државниот буџет. Под личен податок се смета објавување на матичен број, домашна адреса, лична електронска адреса“, изјави Бојчева за ИРЛ.

Законот за заштита на лични податоци во член 81 го регулира токму делот за слобода на изразување и информирање. Во став 3 од овој член се наведува: „Одредбите од овој закон кои се однесуваат на правата на субјектите на личните податоци нема да се применуваат врз обработката на личните податоци што се врши за новинарски цели, само во случај ако јавниот интерес преовладува над приватниот интерес на субјектот на лични податоци“.

До Дирекцијата за заштита на лични податоци вчера доставивме прашања дали објавувањето на идентитетот на патниците во државниот авион е спротивно на законот. Одговор се уште нема. 

Намената на Законот за заштита на лични податоци е да ги заштити граѓаните од злоупотреби. Затоа е создадена и Дирекцијата за заштита на лични податоци која треба да реагира секогаш кога се нарушуваат нивните законски права. Но, оваа институција на пример ниту еднаш не реагирала кога Управата за јавни приходи ги објавува листите на должници, на кои граѓаните со целосно име и презиме се објавени на веб страната на УЈП.  

ИРЛ до Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер ќе испрати жалба на делумниот одговор од СОЗР и ќе бара да бидат објавени имињата на патниците во владиниот Лирџет, кои биле наведени на списокот на државните делегации. 

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »