Press "Enter" to skip to content

Замрзнати ветувања за спас од загадениот воздух: Од 39 мерки, остварена само 1 во мандатот на Шилегов

Мерките против аерозагадувањето кои беа ветени уште во 2017, не се исполнуваат. Активистите тропаат на портите на Град Скопје, но одговори нема. Утрово Скопје повторно се најде на топ-листата на најзагадени градови во светот и тоа на третото место, а градоначалникот Петре Шилегов не одговара на нашите повици. Според последните достапни податоци, од 39 ветени мерки, исполнета е само една.

Локални избори, октомври 2017 година. Времето е студено, воздухот е густ како тесто, мириса на чад.  Почнува уште една сезона на неподносливата леснотија на секојдневието со којашто живеат жителите на, со години по ред, водечкиот град во светот по степенот на загаденост.  Петре Шилегов и Коце Трајановски се во трка за градоначалничката фотелја, а загадениот воздух во овие моменти е највисоко на агендата. Граѓаните се загрижени, зимата и аерозагадувањето се на прагот, а решенија се уште нема. Но, барем се зборува за тоа. Граѓанската иницијатива „О2 Коалиција“ изреволтирана од игнорантноста на надлежните со години и години наназад, бараат од сите кандидати за градоначалник да потпишат обврзување дека ќе ги исполнат 39те мерки предложени од невладините, за справување со енормната загаденост.

Кандидатите за градоначалник го потпишуваат обврзувањето без збор. Меѓу нив и градоначалникот победник – скопскиот адвокат Петре Шилегов.

Ветено и несторено

За дел од тие 39 мерки од Град Скопје денес тврдат дека немаат ингеренции, но градоначалничката фотелја е толку привлечна, што и она што не може да се исполни, се ветува.

По изборот на нов градоначалник на Град Скопје, се засукаа ракавите. Но, многу повеќе оние на загрижените граѓани. Горјан Јовановски, креаторот на апликацијата МојВоздух и еко-активист за чист воздух, во рамки на својата популарна и широко позната апликација, го воведува Политичкиот бројач. Политичкиот бројач е всушност алатка која мери колку и кои од 39те ветувања се исполнети, неисполнети или започнати, од денот на именување на градоначалникот.

 

Денес градоначалникот Петре Шилегов е 736 денови на должност, што е малку повеќе од 2 години. На половина пат на својот мандат, Град Скопје под негово водство досега има остварено вкупно 1 мерка. Започнати се 19 мерки, а воопшто незапочнати, исто така 19 мерки. Вреди да се напомене дека таа една мерка која е остварена, всушност не е преземање на акција, туку е запирање на акција. Единствената мерка која е остварена се однесува на прекин на користење калциум магнезиум ацетат за прскање на улиците кои се во надлежност на Град Скопје.

Политички бројач кој нема што да брои

Политичкиот бројач, Горјан Јовановски го опишува како алатка за оддржување на политичката одговорност на градоначалникот кон воздухот и животната средина. Оваа алатка треба да изврши притисок врз надлежните, но со оглед на сработеното, се чини дека институциите се доволно отпорни на граѓанските притисоци.
Во разговор со Јовановски дознавме дека последниот пат коа тој и граѓанската „О2 Коалиција“ добиле отчет за сработеното од Град Скопје, било во декември 2018 година.

„Декември 2018 година е последната успешна комуникација со Градот Скопје. На темава уште од почетокот одеше тешко и беше потребно повќе пати и јас и „О2 Коалицијата“ да се обраќаме до Градот Скопје и градоначалникот, за да добиеме некаков одговор. Последно побаравме податоци на 7-ми Октомври оваа година, и се уште немаме никаков повратен одговор добиено“, вели Јовановски.

Па така, податоците кои се наоѓаат на страната на МојВоздух датираат од 2018 година, бидејќи од тогаш до сега, одговор нема. Последната комуникација остварена со Градот во 2018, исто така не била баш лесна. Јовановски вели дека по нивното барање на извештај за колку од договорените мерки се остварени, одговор добиле дури по 2 месеци. А и самиот одговор, бил обид за манипулација со јавното мислење.

„Во последниот допис со Град Скопје, каде што ни беше доставен извештај на мене и „О2 Коалицијата“ за состојбата на ветувањата, увидовме дека според Градот, остварени се 15 ветувања, 15 се започнати, а 4 всушност не се под градот, туку припаѓаат на МЖСПП. Од тука најпрво дојде прашањето зошто градоначалникот потпишал ветување што не е во негова надлежност, доколку навистина не е. Сепак, откако „О2 Kоалицијата“ ги ревидираше доказите приложени со барањата, прифатија само 1 ветување како остварено, и 19 како започнати“, додава Јовановски.

Додека Град Скопје молчи, премиерот Зоран Заев даде изјава дека продолжуваат со целиот сет на мерки и веруваат дека резултатите секоја година ќе бидат се повеќе и повеќе видливи. Дотогаш единствено повидлив е воздухот кој го дишеме.

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »