Press "Enter" to skip to content

Рускоска контра Јанева: СЈО знаеше дека Груевски ги испразни сметките

Обвинителството за организиран криминал на чие чело е Вилма Рускоска денеска излезе со детали од досегашната истрага за бегството на Никола Груевски, нагласувајќи дека нема лоцирано кривична одговорност кај службени лица, но има пропусти кај надлежните институции.

До овој момент надлежниот обвинител нема утврдено постоење на кривична одговорност на службени лица кои помогнале или учествувале во организирањето и реализацијата на бегството на сега осудениот Никола Груевски. Досега прибавените докази упатуваат на заклучок дека имало определени пропусти во постапувањето на надлежните институции, кои не претставуваат кривично-правно дејствие и не се во наша надлежност, пишува во денешното соопштение на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Во соопштението не се посочени институциите, но индиректно пропуст е лоциран кај Специјалното јавно обвинителство, кое било информирано дека Никола Груевски два месеца пред бегството ги испразнил сметките во банките.

„Во септември 2018 година, на ист датум од три различни банки, сега осуденото лице Никола Груевски подигнало околу 120 илјади евра од сопствени сметки, за што банките пријавиле до Управата за финансиско разузнавање и до Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО)“.

Но, пред само една недела обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова гостувајќи во емисија на 1 ТВ категорично тврдеа дека до нив таква информација не стасала.

Како што сум запознаена тие парични средства не биле на една сметка, туки на повеќе сметки во повеќе банки на осудениот Никола Груевски. Ние, децидно тврдам, не бевме запознаени со тоа дека ги празни сметките“, изјави обвинителката Катица Јанева.

Таа уште рече додаде дека тие парични средства од 120.000 евра, не биле некоја импозантна бројка која би можела да го привлече вниманието за да помислат дека можеби ќе побегне по испразнување на сметките.

Во нејзиниот одговор ја дополни колешката Лиле Стефанова која рече:

Токму сметките кои ги поседуваше Никола Груевски и овие пари беа предмет на нашиот предлог за притвор кога го поднесувавме обвинението за предметот „Титаник“. И тогаш елабориравме дека тој поседува сметки, дека во секое време може да ги испразни и да се даде во бегство. Ние добивме одговор од Кривичниот совет на судот, а и по жалба од Апелациониот суд дека тие парични средства воопшто не можат да бидат третирани како опасност од бегство. Тој редовно доаѓаше на судење и не може еден сигнал да биде сигнал за сите настани“, рече Стефанова.

(Одговорот на обвинителките Јанева и Стефанова е на 15.32 во видеото)

Обвинителството за организиран криминал и корупција денеска соопшти дека се побарани снимки од видео надзорот од камерите на Safe city системот во Скопје, од повеќе хотели и други објекти, од патниот правец кон Шпиље и Дебар, од аеродромот во Скопје, како и од сите гранични премини кон Република Албанија. Но, не е најден доказ како Груевски избегал од Македонија.

Побарани се и снимки од три хотели во Скопје,  за кои постоело сомневање дека Груевски пред бегството бил во нив, но оттаму рекле дека не биле во можност да го префрлат снимениот видео материјал, по што јавен обвинител издадал наредба за одземање на приемниците за снимање и нивно вештачење. Целокупниот прибран видео материјал со големина од околу 10 терабајти е доставен за анализа до Министерството за внатрешни работи.

Од земјите низ кои Груевски поминал за време на бегството, Албанија и Црна Гора, Обвинителството доставило барање за обезбедување на снимките од видео надзорот на граничните премини, како и од камерите со кои се покрива околината на Амбасадата на Република Унгарија во Тирана.

„Црногорските власти постапиле веднаш и на 21.12.2018 година екипи од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција лично го презедоа снимениот видео материјал во Подгорица. Надлежните органи од Албанија, по две ургенции, на 09.01.2019 година го известија Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција дека побараниот видео материјал е обемен и дека не поседуваат опрема за негов  пренос. Екипи од Обвинителството со хард дискови се упатија во Албанија за да го преземат бараниот материјал, но притоа беа усно известени дека материјалот не е сочуван, односно дека времетраењето на чувањето на снимениот материјал се разликува на различните гранични премини и изнесува околу еден месец од последниот баран датум“, соопштина од Обвинителството.

Во истрагата анализирани се вкупно 60 телефонски броеви од лица кои биле поврзани или за кои постоело сомнение дека комуницирале со осудениот во критичниот период, а на распит биле повикани 56 лица, од кои 28 полициски службеници од граничните премини, шестмина членови на обезбедувањето на осуденото лице Никола Груевски, пет службени лица од Министерството за внатрешни работи и 17 други лица.

Обвинителството за организиран криминал прашало неколку институции дали имале сознанија и податоци дека Груевски се подготвува за бегство, но од сите добиле одговор дека „немале сознанија ниту информации за такви планови на осуденото лице“.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »